МЗШВ: Исплатени субвенциите за тутун – 1.3 милијарди денари финансиска поддршка за 17.000 тутунари

Заврши целосната исплатата на субвенциите за тутунот од реколтата 2021, а исплатени се вкупно 1.3 милијарди денари на сметките на 17 илјади тутунопроизводители.

Процедурата со која тутунарите ја добија оваа финансиската поддршка започна веднаш откако пратениците во Собранието ја одблокираа законската измена во законот за земјоделство и рурален развој, преку одложувањето на обврската кон УЈП.

МЗШВ изразува жалење што овие средства не беа порано исплатени на сметките на тутунарите, бидејќи процесот на донесување на оваа законска измена во Собранието беше закочен речиси 6 месеци, односно од февруари 2022 година.

„Со надминување на блокадата и донесувањето на измените во законот за земјоделство и рурален развој овозможивме услови од оваа година да се започне и со авансна исплата на субвенциите, мерка која не се случила во изминатите 16 години. Токму преку оваа измена, земјоделците ќе можат 30% од субвенциите да ги добијат авансно, односно во рок од 90 дена по аплицирањето.

Се надеваме и повикуваме на разум и обединетост и во донесувањето на ребалансот на буџетот за 2022 година каде се предвидени 2,7 милијарди денари, дополнителни средства за комплетно исплаќање на субвенциите кон земјоделците.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство води грижа и дава поддршка за секој земјоделец. Земјоделието не смее да биде предмет на блокади и политички игри, посебно во услови на светска криза.

Дополнително, ги информираме земјоделците и целокупната јавност дека во следниот период започнува реализацијата на исплатата за финансиската поддршка за набавено вештачко ѓубриво и поддршката за продадени или заклани гоеници – мерки со кои ги помагаме земјоделците во услови на криза преку Интервентниот фонд. Во тек е и реализација на поддршката преку програмата за директни плаќања за премијата за произведено и предадено млеко јануари-февруари 2021, како и субвенциите за заклани бројлери и несилки во регистрирани кланични капацитети“, велат од МЗШВ.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи