ВИДЕО – Археолозите во Стибера нема да можат повеќе да истражуваат доколку не се откупат околните приватни парцели


Прилепските археолози нема повеќе што да истражуват на античкиот локалитет Стибера, затоа што сите парцели кои се во државна сопственост, се истражени, а останатиот дел од градот се наоѓа под земја на приватни ниви. Дури и дел од тоа што досега е истражено морало да се затрупа повторно, како на пример Собранието на градот, затоа што се наоѓа во приватен посед. Од Стибера се откриени само неполни 5%. Археолозите бараат државата итно да го реши овој проблем со жителите на селото Чепигово во чии ниви се крие непроценливо културно наследство.

Одговорот на државата е оној баш административен дека парцелите можат да се разменат, бидејќи државата има многу парцели во државна сопственост, само 1 према 1. Тоа подразбира дека за 1 декар земјиште овде да му се даде 1 декар државно земјиште покрај реката каде е поплодно земјиште. А мештаните си ценат, сакаат 2 према 1, 3 према 1, јас да сум држава би им дал и 5 према 1, затоа што тој мештанинот ќе ја работи таа парцела, ќе имам јас дома производи од земјоделие негови, тој ќе работи нема да бидат запуштени тие државни земјоделски парцели, а од друга страна јас како археолог ќе се радувам, ќе копам тука на парцелите што ќе бидат државни еден ден. Стибера е позната како македонска Помпеја поради пронајдените голем број наоди од мермер, изработени со мошне убава и голема прецизност, мермерни скулптури и бисти на божества и видни граѓани. Се надевам дека за брзо ќе се реши овој проблем со сопственоста на парцелите и да се разменат со државни парцели, да им се дадат на мештаните од селото Чепигово или да им се откупат на некој начин. Засега тешко одат тие преговори, се надевам дека ќе биде решен тој проблем и ќе може археологијата да работи во следните години“, рече Душко Темелкоски, археолог, раководител на истражувањата.

Стибера во 1 и 2 век од н.е. броел околу 20.000 жители. Сега градот се наоѓа под овие ридови. Археолозите велат дека затрупани под земја остануваат голем број палати, театарот и најзнaчајниот дел некрополата на градот. Стибера е на ранг на градовите Стопи, Хераклеа, Скупи.

Тоа што не би можело да се продолжи со археологија во наредните години ќе изгуби многу и науката археолошка, но и јавноста и Македонија како голем културен потенцијал што го има Стибера, затоа што под неа оваа земја крие уште многу многу вака јавни, репрезентативни градби, затоа што како што кажав Стибера била многу значаен град со 20.000 жители во античко време, во римскиот период 1 и 2 век од наша ера, тоа еквивалентно денеска би било на околу 200 – 300 илјади жители, апсолутно значи губиме сите“, додаде Темелкоски.

Годинава во близина на агората или пазариштето, кое се откри лани под римските слоеви на градот, се пронајдени остатоци од времето кога Стибера била дел од Античка Македонија. Пронајдени се и артефакти од овој период.

Годинава работиме на подготовка на теренот каде што е позиционирана агората, односно административната зграда на главниот градски пазар, главниот градски плоштад агората во Стибера и всушност откривањето на таа агора минатата година е прво откривање на агора на некој антички град кај во Македонија и затоа е значајно како откритие. Оваа административна зграда подразбира дека мештаните на античка Стибера, во римскиот период зборуваме, тука доаѓале на агората и тука ги купувале продавале прехрамбените и други продукти, како и на секое пазариште, а конкретно во оваа зграда административна официјално се земале мерки што и колку се продава. До самата административна зграда на агората се наоѓа, позади нас, храмот на богинката Тихе кој била заштитничка на градот Стибера. Покрај таа подготовка што ја правиме годинава за да може да почнеме со конзервација на административната зграда на агората оваа есен, направивме и мали археолошки ископувања, т.е. уште тековно траат овие истражувања уште неколку денови, правиме археолошки ископувања под подното ниво на административната зграда на римската агора. Тоа подразбира дека ние веќе одиме подлабоко во слоевите од македонскиот антички хоризонт, затоа што Стибера повеќе до денес јас и моите колеги археолози, а и претходно што работеле други археолози, сме го промовирале оној римски хоризонт, сегмент на егзистирање на градот Стибера, бидејќи Стибера броела 20.000 жители, била административне центар на оваа област што во тоа време носела назив територијата Дериоб. Меѓутоа еве сега конкретно наоѓаме мали остатоци, за жал, ѕидна архитектура од градби од тој македонски хоризонт, од претходно од пред доаѓањето на Римската империја на овие простори“, истана археологот Темелкоски.

Според археолозите постојат два записи од антиката во кои е запишана дел од историјата што се случувала во тој период кога на овие простори Македонското кралство било во својот залез, а надоаѓала Римската Империја.

Двата записи зборуваат за војните што последните 2 македонски кралеви, тоа се Филип 5 и неговиот син Персеј давале отпор со воени операции против римските легии кои надоаѓале преку Јадранско море од тогашна Римска империја, а денес Италија, преку Албанија и Западна Македонија. Тоа е преминот од 3 во 2 век пред наша ера и почеток на 2 век од наша ера. Сега конкретно тие 2 антички записи говорат дека за време на втората Македонско-Римска војна, точно во 200та година кога римските легии прво продреле на овој дел од Балканот, меѓутоа по нивно повлекување бидејќи војските на македонскиот крал Филип 5 ги прогонуваат тие легии, тие се повлекуваат према денешна Западна Македонија, поминуваат токму тука во Стибера и тука земаат здив, се снабдуваат со житарици и други прехрамбени продукти. Конкретно тој војсководец со име Сулпитиј, на римските легии, застанале тука и ги набавиле тие намирници во Стибера. Другиот запис, оној антички извор, кажува за третата Македонско-Римска војна и таа е последна, Римјаните војуваат против последниот македонски крал Персеј. Конкретно Персеј доаѓа во 169 година пред нашата ера, доаѓа тука во Стибера и неколку месеци го стационирал својот воен штаб тука и од тука тој командувал со операции против римските легии кои што биле стационирани во денешна Албанија и Западна Македонија. Во записот исто така стои дека тој последен антички македонски крал Персеј од Стибера презел воена операција према денешна Западна Македонија, дошол до градот Ускана или денешно Кичево, каде всушност живееле Пенестите. Пенестите биле всушност илирско племе и тие илирски племиња кои биле во Албанија и Западна Македонија и низ должината на целиот јадрански брег, тие многу брзо им се предале на Римјаните и всушност станале нивни сојузници. А античката Македонска држава, иако била на залезот тогаш, сепак била поим како моќна држава. И сите тие илирски племиња се здружиле со римските војски да едноставно се доуништи Македонија и Римјаните да ја окупираат. Конкретно Персеј го презел тој поход према градот Ускана или денешно Кичево и кога таму ги победил Пенестите, се враќа од таму повторно во Стибера и тука ги продавал робовите, оние војници кои ги заробил во походот од Пенестите“, раскажува Телкоски.

Потоа како урбан центар градот својот најголем процут го има во 1 и 2 век во состав на Римската империја, а во 3 век со продирањето на племињата од Средна и Северна Европа полека започнува да го губи својот сјај, за да некаде кон крајот на 4 век градот замира.

Од градот Стибера откриени се училиштето или гимназионот, откриен е храм на богинката Тихе која е заштитничка на градот, оваа административна зграда на агората, дел од собранието кое за жал е затрупано бидејќи е на приватна сопственост и таму има уште еден храм посветен на култот на императорот. Ништо друго нема откриено. Ако има 20.000 жители, богатство од мермерни наоди значи богат град, каде се тие луксузни живеалишта на тие богаташи? Градот Помпеја ја има таа неубава судбина да ја покрие лавата од Везув и да ние археолозите и јавноста денешна да гледаме како навистина реално бил тој живот во времето на Римската империја. Ете така, како што денеска ја гледаме Помпеја, исто така е и Стибера и не само Стибера, сите едруги антички градови биле во своите зенити и сега очекуваме под земјата да најдеме некоја луксузна градба од тие богати граѓани, која што ќе има репрезентативна архитектура и богати наоди. Исто така многу значајно е ако се најде некрополата, ако се најдат гробиштата каде што биле погребувани жителите на Стибера, затоа што знаеме дека како и денеска, во сите времиња, во сите епохи со покојниците се оставале прилози покрај нив, дали предмети со кои се служеле во текот на животот, потоа накит, така да ако ја најдеме некрополата каде се ноѓа во градот Стибера, каде биле погребувани тие жители во тоа време, тоа ќе бидат богатство од наоди во таа некропола. Претпоставка моја е дека некрополата се наоѓа под денешните куќи во селото Чепигово, затоа што самите мештани кажуваат дека наоѓаат во нивните дворови, при работа или при градба на куќи, најдуваат плочи на гробови, дури некои имаат спомнато дека наоѓале и скелети, така да ако останат таму под нивните куќи ќе остане некрополата изгледа никогаш истражена, вели Темелкоски.

Сега во наредните години се планира конзервација на овој простор, на агората, кој ќе се спои како една целина со храмот на богињата Тихе, кој се наоѓа до него и ќе биде уште еден репрезентативен дел на Стибера. Но дали археолозите и понатаму ќе можат да истражуваат тука и да откриваат нови велелепни наоди и објекти, на потег е државата.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи