Повод и причина за денешната моја изјава е да го осудам чинот од вчерашниот инцидент што се случи во раните утрински часови. Вчера на директорот на ЈКП – Комуналец Прилеп, непознати сторители го опожариле неговиот семеен автомобил пред неговата куќа. Ова ја прелеа чашата по однос на безбедносната состојба во Прилеп и ги доведе во несигурност моите сограѓани, истакна на денешната прес конференција градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.
„Пред некој ден повторно имаше тепачка на ул. „Републиканска“. Минатиот месец бевме сведоци на масовна тепачка на млади пред еден прилепски локал и неколку криминолошки дејствија со препродавање и транзитирање на наркотични средства, кои ја зголемуваат несигурноста на моите сограѓани.
Токму поради ваквите инциденти, пред две недели на последната седница на Советот на Општина Прилеп одржана на 8 јуни, советниците истакнаа дека безбедносната состојба во Прилеп е алармантна и бараа оставка од командирот на Полициската станица Прилеп.
Командирот кој присуствуваше на седницата, информираше според неговиот извештај, дека безбедносната состојба во Прилеп е мирна и стабилна, и дека интензивно се работи на расчистување на инцидентите.
Но, по овој атак врз раководител на Јавно Комунално Претпријатие само се потврдува дека ништо не е мирно во мојот град и дека полицијата не ја одржува заштитата и безбедноста на моите сограѓани.
Со оглед на тоа што нам како Локална самоуправа ни’ се ограничени легислативните можности за смена и назначување на командир на ОВР Прилеп, го повикувам тоа да го направи Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Исто така апелирам да преземе соодветни мерки за заштита на Прилеп, и да престане да го става Прилеп на црната хроника со постапките и дејствијата кои се случуваат тука.
Го повикувам јавно да проговори кои мерки ќе ги преземе и дали ќе го остави Прилеп да биде место каде царува криминалот и безредието?!
Насилство, подразбира употреба на сила, како акт на агресија со кој се повредуваат лица, или се уништува сопственост. Ова не е закана врз само една личност, ова е закана врз развојот на Прилеп. Ова се чини дека е желба на поединци или групи, Прилеп да стагнира или да се врати во некое мрачно минато.
Како градоначалник на Прилеп тоа нема да го дозволам и сите мои ингеренции ќе ги впрегнам, Прилеп да стане и да биде развоен и успешен град“, истакна Јовчески.