ВИДЕО: Прилеп – од праисториските жртвеници, преку античките мермерни споменици, се до фолклорот од 19 век



Прилепскиот Завод и Музеј формиран во далечната 1955 година, првата постојана поставка која се формира во објектот каде е сместен музејот е археолошката, која за јавноста е отворена во 1961 година. Денешниот современ изглед, збогатена со нови наоди, поставката го добива со реновирањето во 2011 година. Поставката започнува со неолитот, енеолитот, бронзено и железно време, античкото македонско кралство, римската империја и завршува со рана и доцна Византија. Алати, покуќнина, оружје, монети, скулптури, жртвенци се дел од богатата поставка, која потекнува од праисторијата, па се до средниот век. Предметите постојано се заменуваат со оние поатрактивни кои потекнуваат од новите истражувања на терен. Поставката во Прилеп го „крие“ и еден од најуникатните експонати и пронајдоци кој е единствен од овој тип на Балканот стар околу 8.000 години.

Кога ќе влезете во постојаната археолошка поставка во Заводот и музеј Прилеп, прво нешто што ве пречекува од вашата десна страна е овој жртвеник што се наоѓа зад мене, откриен во далечната 1979 година во локалитетот Врбјанска чука. Археолозите претпоставуваат дека е стар од 7 до 8.000 години, односно дека потекнува од младото камено време. Дали се знае точно неговата намена и како се употребувал овој жртвеник?

 Овој објект што го гледаме тука е направен од печена земја или глина, од како младото камено време Неолитот и тој всушност бил во поголема градба во еден централен дел, така што пред него имало простор во таа градба, како што ние стоиме овде, така што жителите на таа населба каде овој жртвеник е пронајден тука доаѓале и следеле одредени ритуални активности посветени на божествата во кои тогашните луѓе од неолитско време верувале. Во поголемиот дел свештеното лице од тоа време прво ги извршувал тие ритуални процесии и кога ќе завршеле тие ритуални процесии посветени на божествата, после тоа жителите насобрани од населбата, по завршувањето на тие процесии доаѓале до тие помали реципиенти како кадички што се направени и тука жителите оставале одредени прехрамбени продукти како дарови за божествата кои треба да им помогнат во разни аспекти од нивниот духовен живот“, вели Душко Темелкоски, археолог во Завод и Музеј Прилеп.

 Пронајден е како целина или е составуван потоа?

 Пронајден е како целина, но за да се транспортира тука до музејската установа и да се изложи овде во оваа изложбена поставка морало да се пресечи на неколку делови и повторно овде е прилепен, реконструиран“, додава Темелкоски.

 Во овој период во Пелагонија, од кога потекнува жртвеникот живеела и една етничка групација која имала уникатни култови кои ги обожувала.

Неолитот се рачуна како една револуционерна епоха во развојот на човештвото, од аспект на тоа што во тој период започнува развојот на земјоделието, припитомувањето на домашните животни, развојот на сточарството, но исто така се развива и онаа духовна фаза кај човекот. Значи покрај големиот жртвеник кој имавме можност да го видиме кој стоел можеби на средина од таа неолитска населба, луѓето во тоа време започнале и со користење на таканаречени куќни жртвеници, што можеме да ги видиме тука вендаш до нас. Како се употребувале овие помали жртвеници за разлика од оној поголем жртвеник?

 Како што споманавме, тој поголемиот жртвеник е за сите жители, за населението што живеело во таа населба да ја завршат заедничката ритуална процесија, да ја следат и кога ќе појдат во своите домови, во своите куќи тие имале свои семејни куќни мали жртвеници. Овие мали куќни жртвеници баш се како тип на модел на куќа и постојат 2 модели на куќа, едниот отворен модел без покрив, а другиот е затворен модел на куќа. Конкретно за затворениот модел на куќа е специфично постоење во горниот дел на цилиндрична антропоморфна форма или облик, кој стои тука на покривот. Всушност тоа е претстава на предците, на заштитниците на семејството. Ние сега може само да ги замислиме, но најверојатно во семејството луѓето во внатрешноста на овој жртвеник палеле оган, затоа што овие цилиндри антропоморфни се шупливи и горе имаат отвор, така да најверојатно чадот излегува горе и тоа делува мистично. Тоа е всушност еден почит кон тие предци за семејството да го заштитуваат“, вели Темелкоски.

 Практично овој објект што го гледаме тука цилиндричен, со човечки лик стоел горе на покривот?

 Да, затворениот тип на модел на куќа. Овој тип на модели на куќи, и отворениот и затворениот од неолитско време се откриени само на просторот на Пелагонија, во прилепскиот и битолскиот дел на Пелагонија, никаде на друго место на Балканот. Тоа значи дека овде во Пелагонија во тоа време постоела некоја културна заедница затворена, која немала влијание со некои други соседни култури“, кажа Темелкоски.

 Исто така веднаш зад нас во изложбениот простор може да видиме мали жртвеници со скалести ногалки?

 Да, тоа се масички со скалести ногарки. Исто како што има на големиот жртвеник скалести агли, во отворениот модел на куќа скалести ногари, подразбира тоа скали кон небото, кон божествата, кон предците. Уште од тогаш се верувало дека животот оди некаде горе во височините“, вели Темелкоски.

 Младото камено време е карактеристично и по тоа што тогаш владее матријархатот.

„Неолитот или младото камено време и следниот праисториски периодот Енеолитот, кој претставува премин во металните епохи, преставуваат периоди во историјата каде мајката, односно жената се глорифицира, односно добива статус на боженствена енергија, така да тоа е всушност времето на матријархат. Врз основа на тоа, сведоштво на постоење на систем на матријархат во тие праисториски епохи се пронајдените многубројни фигуринки од глина, од печена земја кои прикажуваат мајка, односно жена со нејзините облини“, потенцира археологот Темелкоски.

„ Се наоѓаме пред еден навистина уникатен наод, а тоа е еден македонски антички штит од кралот Деметриј и тој преставува еден од трите вакви штитови пронајдени на локалитетот Старо Бонче пред 10тина години. Во што точно се состои неговата уникатност и дали пред нив се пронајдени некои други вакви орудија?

Уникатноста на овој наод, антички македонски штит е во тоа што е единствен пронајден на територијата на Република Македонија. На територијата на Република Грција и во Египет и други делови на исток каде големата македонска империја постоела има пронајдено делови од штитови, но за прв пат кај нас во Република Македонија. Конкретно станува збор за 3 штитови најдени во една иста јама во локалитетот Старо Бонче, кај селото Бонче. Најверојатно овие штитови биле парадни штитови кои припаѓале на некој гардиста кој служел во армијата на кралот Деметриј Први, затоа што имало два кралеви со истото име, Деметриј Први и Деметриј Втори. Конкретно, на самиот штит го има името на кралот Деметриј Први, во центарот го има сонцето како симбол на кралската куќа на античка Македонија, а околу 7 помали сонца. Зошто параден штит, затоа што таа оплата што ние ја нарекуваме, горниот дел од штитот, бронзата всушност може да биде од параден штит, а оние штитови кои биле за војување имале оплата од железо“, вели Темелкоски.

 Во близина на таа јама се наоѓа и онаа позната кралска гробница како што ние ја нарекуваме помеѓу селата Подмол и Бонче. Дали можеби овие штитови се поврзани со таа гробница?

 Не, затоа што таа гробница е датирана нешто пред штитовите, датирана е некаде 20-30 години пред штитовите кога Александар Македонски, или неговиот татко Филип Втори владееле долу во Македонија, а овде горе постоело кнежество на Пелагонците. Веројатно таа гробница во близина каде се најдени штитовите, таа гробница е на некој од кнезовите кои владееле во тоа пелагониско кнежество, кои сепак биле во сојуз со македонското античко кралство“, додава Темелкоски.

 Поставката не би била целосна доколку ги немаме предметите и скулптурите кои се пронајдени на археолошкиот локалитет Стибера кај Прилеп. Град кој започнал да функционира некаде за време на македонскиот крал Филип 5 и неговиот син Персеј, а најгопемиот процут го има во Римскиот период во 2 и 3 век од н.е.

 Се наоѓаме пред една од поставките во музејот каде е прикажано дел од богатството на најзначајниот археолошки локалитет во прилепско, а тоа е античкиот град Стибера, кој е најмногу познат по своите мермерни скулптури, околу 30тина  досега пронајдени на овој локалитет?

 Античкиот град Стибера е во ранк на античките градови на територијата на Република Македонија како Хераклеја, Стоби, Скупи, но за жал е помалку истражен поради некои правно-имотни проблеми со парцелите каде се наоѓаат остатоците од градот. Но иако Стибера е истражен помалку од другите градови, сепак тој понуди и цело време континуирано нуди мноштво на наоди од мермер. Кога имаме во некој антички град пронајдено наоди од мермер, на скултури, тоа значи дека градот бил богат, затоа што мермерот преставува полуксузен вид на материјал за изработка на скулптури. Конкретно во Стибера се пронајдени повеќе од 30 скултури, на кои се преставувани божестава на кои жителите во тоа римско време верувале, но имаме и бисти и скулптури на многу видни граѓани, кои биле заслужни за економскиот, политичкиот, културниот развој на градот. Тука имаме скултури на божества како богињата Нике, богот Меркур, Херкул, но и на видни граѓани кои имаат заслуга за градот, а исто така и овој тип на скултури на жени, во римската империја глорифицирани во вид на Херкуланки“, истакна Темелкоски.

 Во 2019 година Заводот и Музеј Прилеп го отвора овој изложбен простор на отворено или уште наречен и Лапидариум. Тука се изложени поголемиот дел од мермерните предмети во музејот. На еден начин овој простор позади мене е продолжување на археолошката поставка што имавте можност да ја видите претходно. Во Лапидариумот се поставени мермерни скулптури и други експонати изработени од камен кои во изминативе 60-тина години се пронајдени на археолошките локалитети во прилепско, како што се : Маркови Кули, Варош, Прилепец, Мажучиште, локалитетот Градиште, с. Дебреште, локалитетот Соколица кај село Браилово и секако еден од најзначајните, античкиот град Стибера.

Поставката во Лапидариумот започнува тука со поставката на овие антропоморфни стели. Каде се пронајдени и од кога потекнуваат?

Како посебна целина во збирката на епиграфски споменици и камена пластика е оваа група на антропоморфни стели кои се карактеристична појава за Пелагонија и бележат континуитет од архајскиот до доцноантичкиот период. Направени од андезит и во горното поле се врежани човечки ликови, а на еден примерок во збирката на епиграфски споменици и камена пластика има изрежано и релјефно поле на старогрчки јазик“, вели Оливера Јандреска, археолог во Завод и Музеј Прилеп.

 Што пишува на него?

 На него се спомнува Дионисиј и зборот хаире, кој ја пренесува пораката од подземјето, од другиот свет. Значи тој заминува во другиот свет и во добар час, добра среќа неговата душа преминува во подземниот свет“, додаде Јандреска.

 На еден начин овие антропоморфни стели кои ги спомнавме служат како надгробни споменици?

 Тие се надгробни споменици, меѓутоа имаат долг континуитет на појава во Пелагонија. Најпрво се користат како надгробни стели, а потоа се користат и како оквирување или фланкирање на гробовите од доцноантичкиот период“, рече Јандреска.

 Се наоѓаме кај еден друг вид на мермерни стели кои се поставени тука во Лапидариумот. Кое е нивното значење и од кога потекнуваат?

Оваа стела е од типот наискос, што значи мал храм, што е деминутив од грчкиот збор нао што значи храм. Фактички оваа стела е вечната куќа, храм каде покојните вечно живеат. Стелата е сочинета од фронтон, епиграфски натпис и релјефно поле, а во долниот дел на стелата со вертикални профилации се изведени 3 метопи. Во епиграфскиот натпис се 7 реда, а во анаглифното поле е последниот ред од натписот. Оваа стела ни прикажува идеја како покојникот кој е во полулегната положба лежи на клине, во раката држи керамички сад, а веднаш до него е неговиот прислужник. До клинето е неговата сопруга која во раката држи ладало во облик на бршлен. Тоа е еден од фунерарните симболи кој што ја преставува бесмртноста. Веднаш до женската фигура е преставена прислужничката на нејзината господарка, која што на главата носи пиксида или кутија со накит и го симболизира богатството на нејзината господарка. Тоа е една секојдневна сцена како би изгледал еден ден на покојникот во задгробниот живот“, кажа археологот Јандреска.

 Се наоѓаме покрај еден друг вид на надгобна стела тука во Лапидариумот, слична на претходната која можевме да ја видиме. Тука имаме една престава на маж и жена кои што се држат за рака и две деца. Што преставува оваа сцена на стелата?

Оваа стела е иста од типот наискос, но се разликува по мотивот, држење со десната рака или Дексиосис и Декстрарум Јунктио. Оваа претстава во науката е позната како вечното поздравување помеѓу сопружниците. Според анализата на овие фунерарни симболи на надгробната стела ние дојдовме до сознание дека станува збор за еден исклучителен примерок во камената пластика и епиграфските натписи. Во фронтонот е преставена ѕвездеста розета која што го означува духовното и повторно раѓање на покојните. Таа е фланкирана со 2 делфини. Овој полисемиотичен симбол во камената пластика означува апотропејско и профилактично значење, односно тие се психопомп кои што ја водат душата на покојните на блажени острови. Веднаш под фронтонот во натписното поле во 2 реда на старогрчки јазик вечно се спомнуваат и се врежани имињата на Ѕопир, син на Ѕоил и Лола, ќерка на Бадун. Под натписното поле се преставени 2 фигури, маж во хитон и жена во химатион која што на главата носи марама од типот калиптра. Веднаш до мажот стои момче, тоа е негов прислужник, а веднаш до матроната, старата жена е преставена нејзината прислужничка која на главата носи пиксида и го означува богатството на нејзината господарка. И овде како и на претходниот примерок, на столчето каде што се преставени нивните нозе има врежано симбол на бршлен, кој што го означува бесконечното патување на покојните во задгробниот живот“, вели Јандреска.

 Во Лапидариумот може да се видат и прекрасни мермерни скулптури.

 Статуите најчесто изработени од бел квалитетен мермер ни ги доближуваат фризурите и облеката во времето на Римската Империја. Ова е еден типичен архетип или идеал за женската убавина, кој во науката се нарекува Голема Херкуланка“, рече Јандреска.

 Мината година на локалитетот Стибера беше откриена агората, односно просторот каде се вршела трговија, но и простор кој служел како плоштад. Тоа е за прв пат во некој антички град во Македонија да се открие агората. Заедно со тој простор се откри навистина уникатен наод, а тоа одлично сочувана мерна маса.

Се наоѓаме пред еден навистина уникатен и раритетен примерок тука поставен во Лапидариумот, а тоа е оваа мерна, мермерна маса која се користела за мерење на производите. Како точно функционирала оваа мерна маса и што преставува овој натпис што се наоѓа во фронталниот дел на мермерната маса?

„Оваа мермерна маса или секомата е единствен примерок во нашата земја и една од ретките примери во светот која е целосно сочувана. На површината на мерната маса се вдлабени повеќе отвори со различен капацитет и служат за мерење на течности, бидејќи дното им е перфорирано. Оваа маса е најдена на пазарниот простор во античкиот град Стибера, а на написното поле стои дека во 289 година Ајлиј Химнос, агораномот од свои средства ја подигнал оваа маса и ја оставил за потребите на градот. Агораномот всушност е функција која е официјално избрана и значи човек кој се грижи за непречено одвивање на пазарната комуникација во градот“, истакна Јандреска.

 Значи практично тука производите кои што се наоѓале во течна состојба како вино, млеко итн. се турале во овие отвори, се мерела нивната количина и потоа низ одреден чеп кој се наоѓа долу под овој отвор се испуштала и се продавала на купувачите?

 „Да, за правилно мерење на течностите“, рече Јандреска.

 Дали се знае колкава е нивната литража, тежина?

 „Направени се различни вдлабнатини, со различен капацитет, почнувајќи од 10 литри, 5 литри, 3 литри, 2 литри, 1 литар и останатите со помал капацитет во кој што агораномот имал за задача правилно да ги измери течностите за потоа да се продадат на агората“, вели Јандреска.

 „При истражувањата во агората, на истиот ѕид во следната ниша е откриена жртвената ара која е посветена на богот Хермес и на која е забележано “За добра среќа на богот Хермес и татковината, подигната од Евпорос Александрос“. Овој бог знаеме дека е бог на трговијата и несомнено е значајно што е поставен до мерната маса, неговото значење како божество на агората“, потенцираше Јандреска.

 Со Стибера е поврзан уште еден интересен наод во Лапидариумот.

„Овој епиграфски натпис е пронајден во античкиот локалитет Стибера и од него дознаваме дека посветен на Сиптимиј Лик, Македонијарх и е подигнат во времето на владеење на императорот Комод. Од овој натпис дознаваме за функцијата македонијарх, која преставува претседател на Македонскиот сојуз, или Македонскиот коинон, односно има уште една функција, тоа е врховен свештеник на императорскиот култ во Стибера“, кажа Јандреска.

Најновата поставка во објектот каде е сместен Завод и музеј Прилеп е Етнолошката поставка. Поставката содржи 350 предмети, потекнуваат од средината на 19 век, па се до почеткот на 20 век. Таа е конципирана во 3 дела.

Како што и претходно кажавме, етнолошката поставка е поделена на 3 концепциски делови, односно семејство и обработка на земја, славската трпеза и од двете страни ги имаме познатите прилепски занаети. Практично, туристичката тура во оваа етнолошка поставка започнува точно од ова место, односно во делот кој го нарековме семејство. Што можат посетителите да видат во овој дел?

Во овој дел посетителите ја гледаат точната поставеност во едно домаќинство, каде што жената е главна во нејзината улога. Гледате овде една мала трпеза во која се собирало семејството после напорниот ден, ги имате сите овие дрвени како што се талирот кој е составен дел во едно домаќинство каде што се размесувал лебот и после се носел на печење. Овие предмети се соларници и лајчарници, во зависност од тоа што домаќинството употребувало. Можеме да забележиме еден карактеристичен дрвен дел од домаќинството, односно бутин, кој служел за обработка на млеко. Бидејќи жената е олицетворение на домаќинството, на стогирањето на семејството, традиционалниот начин на живеење, ја имаме и нејзината домашна изработка на волната, бидејќи стопанот ги носел производите од волна и ја обработувале, имаме фурка, вретено и родан. Карактеристичен дел во едно прилепско селско семејство или од рурална средина е каселата, каде што се чувале сите текстилни производи во едно семејство“, вели Горан Цветкоски, етнолог во Завод и Музеј Прилеп.

За разлика од претходниот дел каде беше преставено семејството, тука зад нас имаме и фотографии кои попластично ни го доловуваат начинот на живот на прилепачните на крајот од 19 и почетокот на 20 век и сите овие орудија со кои тие се служеле при обработка на земјата и во секојдневието?

Во овој дел, таканарелена работна одаја или работна просторија се сместени сите алати за обработка на земјата каде стопанот на семејството учествувал во сите земјоделски работи. Преку слики во овој дел сакавме пластично да покажеме алатите и предметите зошто и како се употребувале. Значи можете да видите од почеток до крај производство на тутун, еве ги алати, копачи, мотики, дрвени други алати. Обработка на земја, ралото преставува составен дел, во ниту едно македонско семејство не можете да не најдите плуг. Овие овде преставуваат неколку видови на вили кои го прикажуваат начинот на кој сеното се обработувало, се превртувало, значи неколку обработки на сеното, прво да се искоси, па после се превртува, па се суши, па се прави стог и тоа служело за храна на животните. Овој дел овде, металниот дел ја прикажува обработката на земјата. Значи ден денеска имаме различни видови на мотики, но овие се од период од крајот на 19 и почетокот на 20 век, како се обработувала земјата. Карактеристични се овие неколку лопати за веење на жито, за жнеење, имаме различни видови на српови кои ги употребувале мажите и жените, имаме карактеристичен дел од жнеењето, викел се вика, со него ги составувале снопјето кога ги жееле житните култури“, додаде Цветкоски.

Втората дел од оваа поставка е посветен на познатите прилепски занаети.

Се наоѓаме во вториот сегмет на постојаната етнолошка изложба, каде се прикажани во овие витрини алатите за производство на сите метални производи, сите карактеристични алати кои се употребувале во занаетчиството. Почнувајќи од алатите за производство на казанџиски производи, кантарџиски производи, така да овде имаме карактерисчни клешти, нозичи чеканчиња, змби, разни калапи, пергел или шестар кој занаетчиите го употребувале на големо. Во овој дел ги прикажуваме готовите производи. Карактеристично за оваа витрина е утијата, еден од постарите предмети во нашиот музеј, или пегла. Во руралните средини ја викаат утија, во градските јитија. Оваа пегла се користи за пеглање на тежок материјал, чоја или шајак, така да оваа пегла се клава во жар, затоа и рачката е малку поголема за да не жежи, па се клава платно од шајак и сите тие стари носии се пеглале.

Имаме карактеристични ваги и мали кантарчиња, што значи инвентивноста на старите прилепски занаетчии била голема, на различни начини, во различни периоди. Имаме неколку видови на рачни терезии или ваги, имаме бакалска терезија која се употребувала во бакалските дуќани, имаме терезија која се употребувала во аптекарските дуќани, наречена аптекарска вага. Овие се карактеристични примероци од прилепската чаршија, наречени се дивити, кои му се најдувале на занаетчијата, на чорбаџијата, на стопанот во едно семејство. Во празните делови се ставало мастило, а во овие големи делови имало шаткино или пајкино перо, со кои ги запишувале сите работи кои им требале за тековниот ден или за потреби на муштериите.

Овде во овој дел имаме готови производи, меѓутоа сите си имале своја намена. Почнувајќи од домаќинството, имаме 2 типа на тенџериња со капак, гледаме санчиња односно некогашни и сегашни тањири. Имаме 2 вида на легени, во кои дома ги миеле нозете чорбаџиите, стопаните, каздите.

 Можеме да видиме 2 карактеристични мангали, овој мангал се користел во мала просторија и е нарелен легач. Овој е од бакар и е посовремен и овој се користел во чорбаџиските куќи, бидејќи тие биле секаде големи и отворени. Едни од најпознатите во прилепската чаршија, покрај казанџиите биле и кантарџиите. Кантарџиите од Прилеп биле барани насекаде, дури имаме податок дека прилепските кантари биле најбарани дури и на инстамбулскиот пазар во Турција.

 Зборуваме за период кога панаѓурот бил најразвиен, панаѓурот во прилепската чаршија бил најразвиен некаде во средина на 19 век, од 1825 до 1852 година, се додека не се изградила пругата Скопје – Солун. Кога се изградила пругата Скопје – Солун, значењето на прилепскиот панаѓур, на производите полека полека замрува, но прилепските занаетчии со својата инвентивност останале и ден денес познати надалеку.

 Овие кантари, специфично за нив e тоа што секој кантарџија си имал свој начин на обележување и во зависност од занаетчијата кој ги произведувал кантарите, така и тие добивале на своја важност. Имаме кантари што мереле мала тежина, имаме и кантари што мереле голема тежина. Малите кантари почнувале со мера од една ока, па имало до 50 ока. Оката како средство за мерење тежина е со вредност од 1425 грама, значи можеме да претпоставиме каква била развиеноста и инвентивноста на нашите предци занаетчии“, истакна Цветкоски.

Кујунџискиот занает е најзастапен во етнолошката поставка.

„Кујунџискиот занает барем во нашиот музеј е еден од најзастапените занаети. Значи ние имаме предмети од накит, кои заземаат посебен дел во нашата етнолошка збирка. Значи можете да видите дека предметите од накит се разновидни. Во овие неколку витрини се запазени пафните како составен дел од секоја женска носија, било да е свечена, било да е за други намени како излегување во град, слави, имиња итн. Пафните се карактеристичен дел, гледате изработката е на сите различна. Како дел од секое занаетчиство овде во прилепската чаршија, истото се случувало и со кујунџискиот занает. Секој кујунџија, или денешен златар, си го обележувал и точно се знаело кој накит или кој дел од накит од кој занаетчија се произвел.

 Пафните биле составен дел од женската носија, имаме и колани, всушност во овој дел имаме накит кој го употребувале жените, невестите, младите девојки од тој период, затоа што имаме накит кој се употребувал на главата, накит кој се употребувал на ушите, прстите и на секој дел од носијата.

 Претежно изработката е од легура од сребро или злато, не е чисто злато или сребро, меѓутоа можете да видите машки прстени, тешки, толоватни прстени, наречени толовати кои мажите, чорбаџиите, газдите,стопаните ги носеле на рацете, со кои покажувале припадност на семејство или богатсво на семејство. Карактеристичен е еден вид на амајлија, која ја користеле. Секој дел од накитот колку бил поукрасен со монети, така била побогата облеката. Во секој случај накитот е карактеристичен дел за прилепската чаршија и за секое прилепско семејство“, вели Цветкоски.

Третиот дел од поставката се наоѓа на средината од просторијата, а тоа е позната славска народна трпеза.

Оваа трпеза е олицетворение на славска свечена трпеза. На оваа трпеза, бидејќи не била за секојдневна употреба, се користела исклучиво за свечени прилики. Било кое семејство од тој период се собирале за различни свечености, почнувајќи од свадби, кршетвки, слави. Специфични биле славските маси каде исцело било поставено за гости. Можете да видите различни видови на столчиња, столчиња за двајца, за мали деца, дури и предметите на оваа славска маса отсликуваат кој на кое место може да седи. На слава се знае кај седи домаќинот, а каде седат гостите. Овие предмети од керамика се карактеристични за овие свечености и се наречени бардиња каначки, значи домаќините со нив ги канеле гостите. Специфични се по тоа што кога домаќинот ги почестувал гостите, сите клавале нешто во овие делови, затоа се такви, не се карактеристични глинени бардиња“, кажа Цветкоски.

 А што се ставало во тие делови?

 „Се ставало шекерчиња, пари, зависи какви се гостите“, додаде Цветкоски.

 Значи гостинот ставал во овие каначки бардиња?

 Да, да, затоа ние сакавме да го преставиме начинот на кој славата или славскиот ден или свет ден што го викаме ние е карактеристичен во едно семејство“, рече Цветкоски.

Покрај овие поставки под Заводот и музеј во Прилеп, но сместени во други објекти, се и Музејот за тутун, Галеријата на икони, Меморијалниот музеј 11 Октомври, Спомен куќата на Кузман Јосифоски – Питу и Спомен куќата на Блаже Конески во Небрегово.

Ова видео е дел од рубриката Збор 2 на порталот Инфо Компас, поддржано од Министерството за култура, во програмата од национален интерес во културата, од областа на музејската дејност и заштита на нематеријалното културно наследство, за 2022 година.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи