Цврсто стоиме на тоа дека овој француски предлог е лош, овој француски предлог треба да биде отфрлен од страна на Владата и овој француски предлог е само еден нов предизвик кон патот кон ЕУ кој носи нови и нови препреки кои што ќе траат можеби и повеќе децении,ова денеска на протестот во Прилеп го истакна генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, кој присустваше на блокадата на патот Прилеп-Градско, кај месноста Заполшки мост.
„Затоа укажуваме, таквиот француски предлог е само замка која што не носи ништо добро на евроинтегративните процеси на Република Македонија. Изминатиот период, изминатите 6 дена имавме протести во Скопје кои навистина беа народни протести, протести поддржани од сите категории на граѓани, не само од ВМРО ДПМНЕ, денес продолживме и во цела Македонија по барање на граѓаните. Ние укажуваме дека Владата не треба да го прифати овој предлог, но доколку го прифати предлогот и овој француски предлог иако е вака лош, ние во Собрание нема да дозволиме да има уставни измени, што значи со тоа можеме да им укажеме на граѓаните дека ние нема да прифатиме уставни измени со 80 пратеници. А 80 пратеници во моментот ги нема Владата.
Во делот на она што е насилство и што се случуваше изминативе денови, ние силно го осудуваме насилството и како политичари, нови политичари кои сега го предводат ВМРО ДПМНЕ укажуваме дека силата не е во насилството, силата е во масовноста, силата е во единството на сите граѓани и силата е ако сите денес, утре и во периодот што следи кажеме НЕ.
За жал почетниот предлог и овој сега што е моментално во Влада фактички не треба воопшто да доаѓа во Собрание, Владата можеше или да го одбие, или да го прифати предлогот. Со ова прави замка кон Собранието и кон граѓаните затоа што овој предлог ќе оди со просто мнозинство, за овој предлог не треба двотретинско мнозинство. За уставните измени е потребно двотретинско мнозинство, а не за предлогот што е моментално доставен до Собрание“, рече Сајкоски.