ВИДЕО – Гордоста на Кавадарци, винскиот музеј – чувар на едни од најстарите предмети во светот за производство на вино


Винскиот музеј лоциран во градскиот парк „Љупчо Шкартов“ во Кавадарци е единствениот музеј за вино во Македонија и еден од ретките вакви на Балканот. Производството на вино тука во Тиквешкиот регион се забележува уште од Антиката па се со непрекинат континуитет до денес. За да ја слушнеме винската приказна за најдоброто вино во светот потребно е да влеземе внатре.

 

Добар ден, значи овој е тој познат музеј на виното, единствен од ваков тип во Македонија?

„Да, добредојдовте во јавната општинска установа Локален вински музеј за регион Тиквеш, Кавадарци“, ни посака Весела Честоева, директор на Винскиот музеј.

Како дојдовте пред се до идеја за реализација на еден ваков импресивен објект?

„Можам да констатирам дека овој вински музеј навистина недостасуваше на градот Кавадарци. Идејата потекна од страна на Советот и Општината во Кавадарци. Пред 2 години, на 7 септември 2020 година музејот се отвори како општинска институција и егзистира веќе година и пол. Замислен е како специјализиран вински музеј, бидејќи целокупното културно наследство кое што е изложено во самата поставка е поврзано на некој начин со винарството и лозарството, кои како културно стопански гранки егзистираат на овој простор многу одамна. Знаеме дека уште пред 4.000 години винарството и лозарството водат потекло токму од овој тиквешки регион, а дошле од Тракија преку ридестата Македонија на Балканот. Сведоци за тоа претставуваат многубројните археолошки локалитети кои што ние археолозите ги имаме пронајдено на неколкуте археолошки локалитети во областа на теквешијата. Овој регион го обединува целокупното постоење на винарството и лозарството, значи и во самата поставка се изложени предмети кои потекнуваат од еден поголем регион. Овде не спаѓа само градот Кавадарци, тука е и градот Неготино, Демир Капија, Росоман, Градско. Сведоци за тоа дека навистина овој објект недостасуваше на општината се многубројните предмети кои што граѓаните на општина Кавадарци ги чуваа во просториите, а ние сакавме да го презентираме сето тоа пред посетителите и да го ставиме на едно место. Се надевам дека ќе се согласите со мене дека навистина градот Кавадарци имаше потреба од една таква институција“, истакна Честоева.

„Токму така, што би било Кавадарци без еден ваков музеј кој е навистина белег за самиот град и за целиот регион како што спомнавте, бидејќи ова е регионален музеј. Производството на вино тука бележи свои почетоци уште од антиката, а тоа можеме да го забележиме на самиот влез од овој музеј, односно на ова пано тука, каде што и започнува таа туристичка тура во музејот?

„Точно така, за тоа ни сведочат повеќе археолошки предмети кои што се пронајдени на познатите археолошки наоѓалишта во тиквешијата, како што е Белград, археолошкиот локалитет Дреново, Ума археолошкиот локалитет. Најпознат од нив е оваа вотивна плоча на кој се гледа славењето на богот Дионис и славењето како претстава. Исто така и познатите корита кои се среќаваат на овие археолошки локалитети кои сведочат за континуитетот, развојот на винарството и лозарството уште од античко време, а кои се среќаваат на археолошките локалитети токму овие корита во кои се газело грозјето за да дојде до производство на вино. Исто така на овие вотивни плочи, се преставени познатите Вахавалии, тоа се игрите во чест на богот Дионис. Знаеме дека погребувањата во тој период се вршеле со разни предмети кои ние ги наоѓаме, значи станува збор за различни пехари, монети кои на некој начин се сведок на богатото културно наследство во делот на винарството и лозарството уште од античко време, кое ние како музејска институција мораме да го ставиме во прв ред, бидејќи од таму почнува континуитетот на развојот на винарството и лозарството низ периодите понатаму“, вели директорката Честоева.

 

Колку предмети, колку експонати може да се видат во овој музеј?

„Моментално во музејот се изложени близу 100 предмети, кои зборуваат за начинот на производство на вино и ракија, распоредени низ периоди, значи од античко време па со крајот на 19 и почетокот на 20 век“, додаде

Ајде да погледнеме дел од тие предмети. Тука се наоѓаме пред еден навистина редок експонат и тоа на светско ниво, кој се вика ебилиоскоп. За што точно служел овој уред?

„Овој предмет, таканаречен ебилиоскоп, морам да истакнам на почетокот дека е четврт таков предмет во светот, од кој еден се наоѓа токму во винскиот музеј. Овој ебилиоскоп потекнува од 1534 година, бил во сопственост на фамилијата Велкови, кои во тогашно време биле една од најстарите винарски визби во Кавадарци. Самиот ебилиоскоп служел за мерење на малиганите, односно шеќерните единици во виното, на начин кој во тоа време бил многу современ начин. Се ставало виното и со помош на загревање на овој дел како ламба газиена, со постигнување на одредена температура се мереле точно малиганите на виното, кое било предмет на производство. Овој предмет е направен во Австрија, донесен од страна на фамилијата Велкови и такви исти предмети има уште 3, од кои едниот се наоѓа во Португалија, едниот во Франција, во Македонија и во Австрија. Доста интересен предмет кој навистина привлекува големо внимание кај посетителите. Исто така би сакала да споменам дека освен овој предмет, имаме и најстари мерачи на вино и на ракија, меѓу кои и овој виномер кој исто така потекнува од 1885 година, доста раритетен предмет, кој исто така служел за мерење на шеќерните единици во алкохолот, не само во виното туку и во алкохолот. Од тој период потекнуваат и неколку мерни инструменти, како што е виномерот, алкомерот, широмерот со кои се мереле шеќерните единици. Се чувствуваме навистина горди, бидејќи во самата поставка се и првите печати на првата винарска визба на семејството Велкови, кои се изложени во самиот музеј, како и одредени алатки кои служеле за закројување на виновата лоза“, истакнува со гордост Честоева.

ЕБИЛИОСКОП КОЈ ПОТЕКНУВА ОД 1534 ГОДИНА. ОВА Е ЧЕТВРТ ВАКОВ ПРЕДМЕТ ВО СВЕТОТ.

Навистина овој дел од музејот преставува како еден времеплов кој не враќа неколку векови наназад, за тоа како започнала таа приказна за производството на вино тука. На ѕидот можеме да забележиме и интересни етикети. Од кога потекнуваат тие и дали се поврзани со вино, ракија и други производи од овој регион?

„Да етикетите за вино и ракија се исто така дел од производството на таа прва винарска визба на фамилијата Велкови, кои што се оригинални етикети, кои потекнуваат исто така од 1885 година и тоа се производи на алкохолни и безалкохолни пијалоци кои оваа винарска визба ги произведувала во дамнешната 1885 година. Како што можете да видите станува збор за Жилавка, тоа е сорта на вино, станува збор за ракија Вишњевача, ракија Мореовача, бело столно вино, тука е коњакот, Крушковача. Би сакала само да истакнам и да ја запознаам јавноста дека со овие производи најстарата винарска визба на Велкови тргувала со соседна Грција и благодарение на таа размена, тие ги носеле таму нивните производи, а за возврат назад во Македонија ги донеле узото и метаксата. Токму носејќи ги нивните производи, за размени ги земале овие производи и така пристигнале во Македонија“, рече Честоева.

Дали освен етикетите можеби се зачувани и вино и ракија кои потекнуваат од тој период, дали имаме таква среќа?

„Нешто мал дел имаме кои се изложени во музејот и сега ќе ви спомнам на соседниот експонат дел од тие производи кои фамилијата Велкови успеала да ги сочува“, додава директорката.

Тоа е овој експонат тука, кој е навистина уникатен како претходниот. Ова е ладилник или фрижидер кој потекнува од 1832 година. Дали се уште функционира овој уред?

„Да се уште функционира овој уред. 1832 година знаеме дека нема електрична енергија и сите си го поставуваат прашањето како во тоа време се разладувале овие пијалоци, зборувам за виното и ракијата, бидејќи нема електрична енергија и ова е еден, а можеби и единствен експонат од овој период кој што е најден на територијата на нашата држава. Се нарекува ладилник или фрижидер, потекнува од 1832 година и е изработен во тоа време доста професионално. Улогата му била, во внатрешниот дел како што можете да видите има 3 прегради, во средната преграда се ставал мразот. Е сега сигурно ќе го поставите прашањето од каде мраз во летните периоди? Би сакала да истакнам дека во Кавадарци постои едно место кое се нарекува Мечкина Дупка, тоа се наоѓа во месноста Кај Липите и ден денес се уште таму има место каде има мраз, тој мраз се сечел на коцки и се ставал во средниот дел. Се ставал пијалотот во левата и десната преграда и се затворал самиот фрижидер и преку оваа славина долу водата истекувала, а пијалокот се ладел. Тоа е тој фрижидер кој е единствен во нашата држава, а кој ни дава сведоштво како во тој период се ладеле виното и ракијата за да може да се служат пред конзументите“, истакна Честоева.

ФРИЖИДЕР КОЈ ПОТЕКНУВА ОД 1832 ГОДИНА.

Како што спомнавме и претходно во разговорот, тука има и некои навистина стари шишиња. За што станува збор?

„Кога ме прашавте претходно дали од овие етикети кои спомнавме, дали има и дел од производите зачувано, еден од овие производи е и оваа позната ракија наречена Апсанџика, која потекнува од 1919 година, која била дел од производството на фамилијата Велкови и која што после години наназад, еден од потомците кој е единствен жив, тоа е дедо Коле Велков, ги има пронајдено овие, така да музејот го красат и неколку ракии токму од овој период, кои биле прозвидени во тој период, а денес се наоѓаат и служат како сведоштво бидејќи станува збор за ракија стара 100 години, дел од таа прва винарска визба која егзистирала на овие простори“, кажа Честоева.

Како би сакал да ја пробам оваа ракија, ама за жал нема да може, останува тука како експонат!

„Останува како музејски експонат да може посетителите да ја погледнат, сега за жал не може да се вкуси. Другите шишиња на вино се исто така како што можете да видите од 1885 година, но се ставени во друга амбалажа, но виното е од тој период, бидејќи виното е пронајдено во бочви и морало да се стави во шишиња кои не се адекватни на тој период, но виното како пијалок е адекватен и како што можете да видите на самите етикети исто така потекнува од 1885 година“, истакнува директорката на винскиот музеј во Кавадарци.

Се наоѓаме во еден дел од оваа музејска поставка каде може да видиме различни стари предмети како пумпи за прскање, рало, каца, бакарни садови, што точно преставува овој дел од музејот?

„Сега се наоѓаме пред делот од поставката каде можеме да видиме повеќе предмети кои се поврзани со начинот на производство на вино и ракија. Пред се би сакала да го издвојам ова рало кое е навистина доста старо и потекнува од 19 век, кое служело за припрема на земјата за отпочнување на постапката за садење на лозјето. Овде имаме преставено и два посебни предмети кои на пошироката јавност навистина не им се ни познати, бидејќи тие повеќе ја памтат грбната пумпа која служела за заштита на виновата лоза од разни болести кои ја напаѓаат. Но пред грбната пумпа постојат 2 предмети кои се нарекуваат сумпурица, бидејќи во тој период виновата лоза се заштитувала со сумпур“, рече Честоева.

Тоа е токму овој предмет, тука има и некаков отвор, што се ставало тука?

„Таму се ставал сумпурот“, раскажува директорката на овој објект.

За тие што не знаат, сумпурот е?

„Сумпурот е хемиско средство, кое се ставало внатре, затоа и го добила името сумпурица и на еден рачен начин, со вртење се попрскувало лозјето да може да се заштити од различни болести кои што го напаѓаат лозовиот лист, меѓу кои, како што сите имаат слушнато во тие години, тука е најпознатата болест која што го уништува лозарството после завршувањето на Првата светска војна, тоа е болеста филоксера која што го покосува цел лозов насад во тиквешијата, а која била донесена од страна на војници кои дошле во Македонија во Првата Светска војна. Така да во тој момент лозјата се прскале со овие предмети кои се нарекуваат сумпурици, а потоа иди грбната пумпа“, рече Честоева.

 

„Во музејската поставка се преставени мноштво на предмети кои се поврзани со начинот на производство на вино и ракија. Освен овие инструменти како што се ножици, ашовите, тука аранијата, неколку бакарни садови, кантар за мерење, во самата поставка има изложено и неколку фотографии кои што се од тој период и кои зборуваат како се обработувала виновата лоза. За да можеме да го доловиме тој момент, значи ако овде се изложени овие алатки, на самите фотографии може да видиме како тоа изгледало во 1832 година. Сето тоа е фотографирано, документирано. Тогаш во тоа време во Кавадарци егзистираат многу познати фамилии кои што биле токму некој репер во винарството и лозарството. Освен фамилијата Велкови која што ја спомнав кои биле основачи на првата винарска визба, тука е и фамилијата Мукаетови, тука се и неколку други фамилии кои преку овие фотографии го доловуваат периодот за тоа како се прославувал Св. Трифун, како изгледала бербата на нива на грозје, обични дегустации на вино по повод празникот на отпочнување на бербата Тиквешкиот гроздобер. Овде се и познатите билници, во овие стаклени, а плетени се гледа во што во тоа време се собирало виното, како се собирало, гледаме различни големини“, додаде Честоева.

Се наоѓаме во делот од поставката каде имаме навистина исто така атрактивни стари предмети, особено овој предмет кој се наоѓа веднаш до вас. Гледаме дека тој е поврзан со некаков механизам, за што точно служи?

„Моментално се наоѓаме пред еден од поинтересните предмети кои се застапени во музејската поставка и станува збор за муљач за грозје, кој потекнува од 1927 година. Муљачот за грозје е еден од основните предмети за да може да тече самиот процес на производство на виното. Овде во горниот дел се ставало грозјето и преку ова рачно коло кое што се врти, има интересен механизам, се меле грозјето и доаѓа ширата или сокот во кацата, која исто така е една од најстарите каци во Кавадарци и регионот,  која е од некаде крајот на 19 и почетокот на 20 век. Процесот на производство повлекува неколку фази за да дојдеме до финалниот производ. Откако ќе стигне грозјето како производ, прво поминува низ овој муљач, ферментира во оваа каца, потоа иде во преса и на крајот како полуготов производ доаѓа до ферментацијата и преточувањето, за да може да дојде до процесот на готово вино. Исто така интересен предмет од овој период, морам да истакнам бидејќи посетителите многу малку имаат прилика да видат, овој предмет се вика маштраба. Тоа е исто така прв и единствен предмет во регионот зачуван од овој период и служел за црпење на виното. Доста интересен предмет, значи служел за црпење и претурање на виното. Од овој дел од поставката е и познатата васкија, таа служела за затегнување на обрачите на каците, бидејќи со текот на времето дрвото работи и сето тоа мора да се стегне за бирето да биде спремно за чување на вино, значи мора да се затегнат железните обрачи. Значи ова е предмет кој ги затегал железните обрачи и се нарекува васкија. Имаме изложено и неколку билници, кои се стаклени садови исплетени со врбови гранчиња, во кои се чувало виното“, вели Честоева.

„Во овој дел на поставката, како што можете да видите е изложен и еден од позначајните предмети, тоа е казан за варење на ракија, кој потекнува од 1925 година и кој што е најстар казан во општината. Одејќи во потрага на овие предмети, дојдовме до сознание дека се уште сопственикот на овој казан го употребуваше, си вареше ракија. Така овој предмет е прибавен со откуп, како што споманвме е најстар казан во општина Кавадарци, се уште е во употребна фаза, може да се вари ракија, но нас ни беше многу битно да биде изложен како музејски предмет за да може да го отслика не само времето во кое бил казанот изработен за варење на ракија, туку и да го покаже континуитетот  и после повеќе од 100 години дека сепак квалитетот на тогашните предмети кои биле изработувани за процесот на производство на вино и ракија, се уште имаат употребна вредност и се уште функционираат. Во контекст на ова би сакала да споменам дека во тогашно време дел од казаните биле и ѕидани казани, како што може да се види на оваа фотографија, каде се преставени дел од фамилијата Велкови, кои биле првите сопственици на таа винарска визба, винарската визба Тиквеш. Тука е сопственикот Александар, заедно со неговите синови Ване и Стефан Велкови. На оваа фотографија се гледа една дегустација на вино во визбата на фамилијата Велкови, каде се преставени српски офицери кои дегустураат вино во почетокот на 20 век, 20ти или 30ти години на 20 век“, додаде Честоева.

Имавме можност да видиме навистина голем број интересни и уникатни предмети. На каков начин тие стигнале до овој музеј?

„Моментално бројката на предмети во музејот надминува 100. На почетокот кога ја формиравме оваа институција, бројот на предмети се движеше некаде околу 40-50. Ова го зборувам за да информирам дека предметите музејот ги набавува врз основа на јавен повик кој локалната институција го истакнува преку локалните медиуми. Навистина можам да споменам дека одзивот на граѓаните на општина Кавадарци, па и пошироко на регионот е голем и дел од предметите се набавени по пат на донација. Значи се одзваа на поканата која ја имаше дадено институцијата и предметите ги носат во самиот музеј, така да дел од предметите се набавени преку откуп, дел се донација, дел се дадени на услуга на самиот музеј, но битно е дека музејската збирка од ден на ден се повеќе расте“, раскажува Честоева.

Уште еден од куриозитите на овој музеј е тоа што е еден од ретките не само во државава, туку и во светот каде што не се плаќа влезница. Доколку некој сака да го помогне неговото функционирање може да донира средства тука во оваа стаклена кутија што е поставена на самиот излез на музејот!

„Музејот е со бесплатен влез, така да посетителите и преку вас да ги информираме дека влезот не се наплаќа. Следејќи ги позитивните светски примери и во поголеми музеи, се одлучивме и ние и како менаџмент на институцијата, се разбира заедно со локалната самоуправа, влезот да биде бесплатен, а доколку посетителите, се надевам дека е така низ овој период од кога егзистира музејот, имаат можност да донираат на музејот одредена сума на средства кои во ова стаклено ѕвоно се прибираа“, кажа Честоева.

Колку часови дневно работи дневно и во кои денови?

„Музејот е отворен секој работен ден од 9 до 15 часот и во сабота и недела од 10 до 15 часот. Сметаме дека овој временски период, зборувам за викендот, е период кога најмногу има посетители бидејќи сите граѓани за време на викенд се послободни. Но исто така на секоја закажана тура, посета кога ќе ни се јават, ние како музејска институција излегуваме во пресрет и практично музејот е постојано отворен, така да посетителите можат во било кое време да се јават, да не информираат дека идат и ние сме тука да ги пречекаме“, вели директорката на музејот.

Освен со внатрешниот простор кој имавме можност да го видиме, музејот располага и овој надворешен простор под оваа прекрасна борова шума. Гледаме навистина голема дворна површина, дали како музеј ја користите за нешто?

„Да, како што можете да видите музејот располага со доста голем надворешен дел, кој институцијата мошне добро го менаџира во изминатиот период откако музејот е отворен. Овој простор служи за промоција на различни настани со што музејот ја збогатува својата културна содржина. Кога зборувам за различни настани, пред се зборувам за настани поврзани со понудата на самите винарии. Значи овде се одржуваат вински фестивали, вински базар, вински салон, одбележување на месецот на младо вино, за промоција на книги, научни конференции. Музејот го нуди просторот и на општествено одговорни компании кои одржуваат различни настани во овој прекрасен амбиент, џез фестивали, културно уметнички содржини, соработки со одредени културни локални институции за одржување на различни манифестации со што како институција ја збогатуваме културната содржина на самиот вински музеј, но се разбира и на општина Кавадарци“, потенцира Честоева.

Тука позади нас во овој дел од музејот се наоѓаат голем број вина кои се од поновиот период. Дали сите потекнуваат од тиквешкиот крај?

„Освен богатата музејска поставка која е дел од музејот, во музејот функционира и комерцијален дел каде на одреден дел витрини се поставени и застапени неколку винарии, како комерцијални, така и семејни винарии. Целта на музејот е освен да го презентира богатото културно наследство, да го презентира и винскиот туризам на некој начин. Музејот има склучено договор со овие винарии, целта ни е да ги промовираме нивните производи, со цел промоција на винскиот туризам во самиот музеј“, истакнува Честоева.

А што би била самата приказна за виното и овој музеј доколку не пробаме од најдоброто вино во светот, а тоа е виното од тиквешкиот регион и не наздравиме за добро здравје.

„Се согласувам, во виното е вистината“, наздравува Честоева.

Кога сме кај таа мисла, во виното е вистината, еве уште неколку мисли  поврзани токму со овој производ а кои се користат од памтивек: во виното е вистината, виното е хемиска симфонија, затворена сончева светлина. Еве оваа репортажа нека биде доволен мотив за вас, вашата следна дестинација да биде токму овој уникатен и единствен музеј на виното во Македонија, а тоа е Винскиот музеј во Кавадарци.

Ова видео е дел од рубриката Збор 2 на порталот Инфо Компас, поддржано од Министерството за култура, во програмата од национален интерес во културата, од областа на музејската дејност и заштита на нематеријалното културно наследство, за 2022 година.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи