ВИДЕО – Ристески: Никој нема да ме уплаши сега кога треба да се отвора Уставот, инцидентот е спрега на криминал и политика


Утринава околу 1.30 часот се запали автомобилот „Шкода кодиак“ на прилепскиот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески пред неговиот дом на улицата „Цар Самоил“. Итно реагирала ТППЕ Прилеп со тројца пожарникари и едно возило. Автмобилот бил веднаш изгаснат и спречена е трагедија огнот да се прошири и на куќата, порради тоа што големите пламени јазици го зафатиле и блиското дрво, а зафатено од пожарот било оштетено и другото возило на Ристески марка „Пежо“. Ристески вели дека немал досега никакви закани од никого, ниту пак со некого бил замерен. Смета дека на некого му пречи неговата политичка активност, а особено во оваа ситуација

„Немам сомнеж во моментот во никој, јас сум човек кој ниту имал закани, ниту имал проблеми, расправии со некого и самиот факт дека колата сум ја оставил буквално на улица, пред двор ниту сум помислил, ниту сум мислел дека е можно вакво нешто, иако пред 4 години сличен атак имав, напад, ова е веќе втор пат што се случува.

Нема никој ниту да ме поколеба, ниту да ме уплаши во она што сум го зацртал како идеологија, во она што сум го зацртал како пратеник и за чекорите, постапките по кои постапувам и работам и по кои во иднина ќе постапувам. Доколку некој мисли дека може да ме заплаши, да постигне некои цели, во моментот гледате дека се зборува за отворање на Устав, кажав јас јасно и гласно и тогаш и по цена на мојот живот нема да го сменувам мојот став, сега уште помалку.

Ова е еден гнасен чин, уште еднаш ќе повикам Министерството за внатрешни работи, министерот Оливер Спасовски, па и премиерот Димитар Ковачевски да видат како се постапува во Прилеп.

Очигледно е дека се работи за некој спрега на криминал и политика и очигледно е дека јас како пратеник во Собранието на Република Македонија, моите ставови, моите активности им пречат. Барам институциите да постапат и доколку во најбрз можен рок, уште во текот на денов не добијам известување што и како е направено, не се откријат вршителите на овој гнасен чин, ќе сметам дека ова е уште една игра политички мотивирана“, вели пратеникот Ристески.

Од СДСМ го осудија овој чин и ги повикаа МВР и сите надлежни институции ги во најбрз можем рок целосно да го расчистат случајот и да ги пронајдат и санкционираат сторителите.

Од МВР само кусо соопштија дека бил извршен увид и дека се преземале мерки за расчистување на случајот. Од ОЈО Прилеп пак велат дека биле подигнати траги од лице место кои ќе се вештачат со цел да се утврдат причините за инцидентот, а била издадена и наредба за обезбедување на евентуални снимки од видео надзорот на околните објекти во критичниот момент на пожарот.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи