ВИДЕО – Закочени процесите за апликација на Маркови Кули за УНЕСКО, планот за управување и реноминацијата на локалитетот


Повеќе од 1 година комплетно е закочен процесот за донесувањето на План за управување и Постапка за реноминација за локалитетот Маркови Кули, а со тоа е закочен и процес за апликација Марковитe Кули да се најдат на постојаната листа на заштита на УНЕСКО. Во 2018 година Институтот за старословенска култура ја покрена идејата за реноминација на Марковите Кули како мешовито културно добро, вредности од аспект на културни споменици и природата. Но за жал локалните власти не покажале интерес за ова. Проблемот е што и сегашната и претходната локална власт не го стопирале процесот на диви градби во заштитената целина Маркови Кули.

„Многу по политички профитабилно е веројатно во зоната на споменикот на природата да се изградат, да се дозволи градба на населбите познатии како Три Багреми и Мексико. Веројатно многу поповолно е да се дозволи транспорт и нелегална експлоатација на дрва. Значи во таа смисла локалната самоуправа според мене е главниот кочничар“, истакна Бранислав Ристески, археолог од Институтот за старословенска култура.

За несоодветниот однос кон Марковите Кули говори и фактот што комплетно не бил реализиран ниту проектот на ЕУ за подобрување на управувањето со заштитените подрачја, координиран преку УНДП, а чиј носител е Општина Прилеп. Проектот беше вреден 100.000 евра.

„Не му се предадоа резултатите од тој извештај, од тој проект, на Институтот за старословенска култура така што имаме ситуација кога сето тоа се градеше и Институтот го вложи во рамките на тој проект се уништува, како пристапниот пат кој го ревитализиравме, објектите кои ги поставивме сега се предмет на комплетно уништување“, додаде Ристески.

Проблем има и со Министерството за животна средина кое не се согласува културните содржини да бидат внесени во овој план за управување, нешто за што се против и врвните меѓународни експерти кои сугерираат дека ако не се вклучат и природните и културните содржни при апликацијата тешко дека Маркови Кули ќе се стави на постојаната листа на УНЕСКО. За ова значајно прашање засега не покажува интерес ниту Министерството за култура.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи