ВИДЕО – Најмистичната и најуникатна споменична целина во државава – крушевскиот Македониум, сведок на вековната борба за слобода


Изграден и пуштен во употреба во далечната 1974-та, 71 година по подигнувањето на Илинденското востание, Споменикот Илинден во Крушево или уште попознат под псевдонимот „Македониум“ е еден од најзначајните и најпознати споменици во Македонија. Негови автори се Јордан Грабул како вајар, Искра Грабул, архитект и Борко Лазески сликар. Целиот комплекс е составен од 4 целини. Започнува на Гумење со прангите, потоа патот ве води до гробницата или криптата на загинатите револуционери, следува летната училница и на крајот е гланиот споменик. Одлучивме да направиме една прошетка и претставување на целиот овој компекс, што точно значи секој негов дел.

Се наоѓаме на почетокот на овој споменичен комплекс. Како дошло до идеја за негова реализација во 1974 година?

„Всушност се започнало малку порано од 74-та година, или некаде околу 68-ма година кога уште во времето на Југословенската Федерација доаѓа до идеја да се направи еден спомен комплекс или споменик кој ќе ни ги долови или ќе ги собери како културното, така и историското минато. За таа цел бил изготвен конкурс, на конкурсот победува нашиот познат Јордан Грабул, кој во својата автентична современа уметност го прави целиот овој спомен комплекс составен од 4 делови во кулминација на својата куполеста форма од споменикот и архитекст Искра Грабул. Додека во самата изработка и во самите елементи ги врзува или додава уште двајца велелепни уметници на современата македонска уметност, а тоа е Петар Мазев и Борко Лазески. Така да сето ова, целиот овој комплес, овој хабитат на историјата на Македонскиот народ започнува со првиот дел овде на платото со овие 5 мали споменичиња излиени во бетон, во една апстрахна форма која ни ја доловува историјата на 5 вековното робство на Македонија и Македонскиот народ под Османската империја. Започнувајќи од првиот споменик кој е зад мене кој ги симболизира векот кога Македонија паѓа под Османската империја, потоа се трите едно до друго форми кои прикажуваат 3 пранги, 3 окови или би рекле најтешкиот период под Османската империја кога Македонија фактички го губи својот ентитет. Кога велиме дека го губи својот ентитет треба да размислиме дека 5 векови е долг период, период кога многу генерации се раѓаати умираат во едни услови кои стануваат секојдневие за нив, така да и самиот тој народ како да се помирува со таа состојба, се до периодот на преродбата кога започнуваат тие организации за борба и ослободување. Сето тоа на крајот кулминира или резултира со слободата која ни е последна форма, раскинатата пранга која го завршува тој османски период, но се качува некаде до 1944 година до периодот на АСНОМ кога ние конечно ја добиваме нашата држава, секако во склоп на тогашната федерација на Југославија“, истакна Борис Маркоски, историчар на уметност.

Овде е првиот дел од споменичниот комплекс, веднаш после него се наоѓа познатата крипта посветена на револуционерите од тој период?

„Да, точно“, кажа Маркоски.

Може да погледнеме.

Стигнавме до вториот дел од споменичниот комплекс Македониум, кај криптата, односно кај таканаречените познати топчиња. Од оваа страна се запишани имињата на востанијата и на битките кои се воделе за слобода на Македонија, а од другата страна се напишани имињата на револуционерите?

„Вториот дел на овој споменичен комплекс се нарекува крипта, или гробница. Тука авторот, кога разговараме за Јордан Грабуловски мора да претпоставиме дека се работи за автор кој е сеопсежен и кој длабоко ја впоима историјата преку својата уметничка рака, така да и овде тој прави една вкупна содржина на сите заслужни за борбата за слобода на Македонија во периодот на Османската империја. Ги изработува овие форми налик на топовски цевки, а на фронталниот дел ги испишува имињата, како што кажавте на едниот дел индивидуалните имиња, а на другата страна делови од борби, битки, состаноци, конгреси итн. Всушност сака да ја претстави цела таа содржина од периодот на Османската империја вклучувајќи ја цела територија на македонската држава, а не изолирано само Илинденското востание од пределот на Крушево и Крушевската Република. Така да и овде се работи за една преубава идеја, самиот дел е спуштен како под земја, симболизирајќи ја таа крипта, таа гробница, а самиот изглед, самата форма на топовски цевки или црешовите топчиња е всушност симболиката на борба. Секоја симболика на оружје претставува борба, т.е. борбата на севкупниот Македонски народ за својата слобода од долговековниот јарем на Османската империја“, истакна историчарот на уметост Маркоски.

Можеби овие топчиња се и симболиката на црешовото топче?

„Во конкретен случај не можам да кажам дека самиот автор има со негови зборови опишано дека тие се црешовите топчиња, но во секој случај самата форма нас ни алудира да ја извршиме анализата дека можеби се и ликовите на црешовите топчиња, бидејќи, мора да кажеме дека на ова место е направена и пробата на црешовите топчиња за време на Илинденското востание, т.е. во ослободената Крушевска Република“, вели Маркоски.

Точно тука каде што стоиме?

„На овој рид, бидејќи во самите историски извори ние наоѓаме дека на ридот на горно Гумење опстојува штабот, горскиот штаб, штабот на нашите револуционери и тука е направена пробата на првото црешово топче, така да ништо не е чудно, бидејќи самиот овој дел, самиот овој рид за изградба на овој велелепен спомен комплекс е всушност баш заради таа историска вредност. Инаку можело да биде подолу, погоре, на било кој од овие ридови. Сепак, според изборот на теренот мислам дека најмногу влијание играло точно тој дел од нашата историја, локацијата на горскиот штаб на нашите револуционери“, додаде Маркоски.

Рековме дека ова е крипта, гробница. Дали тука се наоѓаат останките на некои револуционери или ова е само една симболика?

„Се работи за чиста симболика, гробовите на нашите јунаци се распослани низ цела македонска држава. Оние кои загинале во крушевскиот дел се наоѓаат на нашите градски гробишта. Можам онака да нафрлам дека можеби треба, а сепак немаме една Алеја на илинденските борци, како што имаме нели Алеја на народно-ослободителната борба. Но ете така било направено во тој период, така е и ден денес“, потенцира Маркоски.

Од тука се продолжува кон оној трет дел на овој комплекс, а тоа е амфитеатарот или летна училница.

„Да, точно, одиме кон третиот дел, летната сцена т.е. летната училница каде има уште еден додатен аранжман, т.е. уште еден од уметничките ликови се појаува како оформувач на тој простор“, вели Маркоски.

Да ја погледнеме.

Се наоѓаме во оној трет дел од споменичниот комплекс наречен летна училница, сцена, амфитеатар, има повеќе имиња. За што служи овој дел и што преставува?

„Уште еден дел од овој спомен комплекс кој преставува крај на увертирата до главниот дел, до куполата и точно овој дел дел го носи името сцена или летна училница. Како прво сцена е бидејќи се користи наменски за разни прослави, разни одбележувања. Дали периодот на илинденското прославување односно 2 август, дали други манифестации кои се поврзани со одредени историски датуми, тука може да се организира еден убав културен настан, уметнички друштва, театар итн., додека самите овие столчиња кои ги гледаме служат за седење. Има некаде околу 270 столчиња и околу 100-тина луѓе кои можат да стојат околу се добива една убава сцена со една убава бројка на посетители. Но не би било тоа толку значајно и убаво ако остане само на тој дел. Тука авторот Јордан Грабул го додава и велелепното дело на Петар Мазев, тоа се овие 2 керамопластични ѕидови кои во едни фолклорни шари ни го доловуваат фолклорот на Македонскиот народ, рачните изработки и сите оние килими, народни носии, секако според апстрактноста на делото на Петар Мазев. Ние знаеме дека Петар Мазев сака да работи во таа апстракција па така и овие керамопластични форми се дел од неговата идеја. Би сакал да напомнам дека уште една улога игра оваа училница, а тоа е кога доаѓаат поголем број на посетители, групи, посебно ќе ги напомнам детските екскурзии кои се онаа плодна нива за сеење на нашата историја и култура, тука седнуваат и нашите презентери, водичи, кустоси им ја објаснуваат сета оваа приказна, што всушност преставува овој комплекс, што всушност ни доловува сета оваа уметност на Јордан Грабул, секако уште подобро бидејќи во позадина се гледа самата купола или главниот дел од овој споменичен комплекс, споменикот Илинден“, раскажува историчарот на уметност Маркоски.

Конечно стигнавме до оној главен дел од споменичниот комплекс, а тоа е овој прекрасен импозантен споменик што се наоѓа позади нас, со една доста интересна форма, можеби една од ретките на ниво на Европа, на ниво на свет, што некогаш на некои луѓе, на некои посетители им наликува дури и на вселенски брод?

„Наоѓајќи се тука во подножјето на самиот споменик, на самата купола може да дефинираме дека неговата форма, или од симболичните претставу на неговата форма, една од нив е точно преставата на вселенски брод, или како мнозина посетители самостојно го препознаваат како вселенски брод. Дури тоа препознавање оди до таму што во еден од американските стрипови, пред неколку години има направено стрип во кој овој наш споменик во една малку подруга поставеност ја преставува една вселенска станица која е приказна во самиот стрип. Исто така би требало да напомнам дека во рамките на бруталната уметност, поствоениот период, оној социјалистички дел од нашата македонска историја кога на површина излегува таа брутална уметност и овој споменик влегува во тие рамки, но не само во поглед на македонската уметност, туку оди и толку пошироко што дури и во Америка, во Њујорк, во нивниот музеј на современа уметност многу често знае овој споменик да биде дел од експонатите, секако во макетна форма. Самата форма кога гледаме тука на лице место, или симболика, може да ја доловиме и во претстава на боздоган, повторно нели оружје, таа топка со тие шилци и овој мост по кој се доаѓа до самиот споменик преставува оружје, повтнорно како и во гробницата симболика на борбата на македонскиот народ во цела таа историја. Но разгледувајќи некои делови каде и самиот автор се произнесува за оваа градба имам сретнато дека всушност неговата идеја е да овој споменик биде жив организам. Како што и Македонија и Македонскиот народ е жив организам во текот на својата историја, така и овој споменик никнува од тлото, како жив организам од робството и се стреми во некоја своја апстракција да ја постигне формата на вселенски брод со што ќе се дигне во космосот или во апсолутната слобода каде нема граници, нема услови и предуслови“, вели Маркоски.

Дали се знае што претставуваат сите овие елементи од овој споменик?

„Би почнале од вратата, која ќе приметиме дека ја има формата на буквата М, или директното објаснување дека точно овде станува збор за престава на Македонија. Впрочем и името, псевдонимот Македониум кое го влечи како име на проектот. Потоа е она долно ниво каде имаме 4 прозорци, на кои страни се оформени уметнички галерии, направени точно од раката на авторот Јордна Грабул. После тоа е второто ниво каде има 4 витражни прозорци, кои ги прави Борко Лазевски, значи оној четврт лик, оној четврт уметник кој учествува во ова велелепно дело, еден од основоположниците на македонската современа уметност и четирите отвори горе кои се на врвот на куполата или над самата Македонија преставуваат 4 факели на мирот и слободата, кои распостранети светат и ја покажуваат својата светлина на слободата на сите страни на светот. Секако за сето ова да го видиме и да го доловиме вистински треба да влезиме и во самиот споменик“, истакна Маркоски.

Се наоѓаме во средишниот дел на споменикот Македониум. Кои содржини тука можат да ги видат посетителите и на кои делови тој е поделен?

„Веќе со самото влегување во главниот дел од овој спомен комплекс, во споменикот Илинден или познат по псевдонимот Македониум, би сакал да почнам со една разлика помеѓу музеј и споменик, бидејќи се сретнуваме доста често со посетители кои при посета на споменикот очекуваат тука да има музејски поставки. Значи секој споменик всушност самиот за себе преставува поставка, така да и овој споменик во својата содржина внатрешна е и тоа како богат со својата лична поставка. Имено на еден предобар, преубав начин авторот ги осмислува историските периоди на Македонија и Македонскиот народ да ги прикажи преку својата апстрахна уметност. Така да во првиот дел, на првото ниво имаме 4 прозори, секој од тие 4 прозори се составени од еден одреден релјеф, кој пак ги симболизира или преставува одредените историски периоди“, рече Маркоски.

Првата галерија започнува со преродбеничкиот период?

„Би сакал само малку да се вратиме на онаа прва платформа каде се познатите пранги. Нели спомнавме дека еден од тие споменици се оние 3 пранги, оној момент кога Македонскиот народ го губи својот ентитет. Точно тој е тој период кој се објаснува во првата галерија. Имено, на едниот ѕид, апстрахтен релјеф приказ на мајчина утроба или ембрион, јајце клетка и нејзиното уплодување, всушност моментот кога Македонскиот народ сваќа дека преку борба и личен ангажман може да ја добие својата слобода и тоа е оној симболичен приказ дека треба да се роди новата генерација, генерацијата која ќе ја започне организацијата за борба, додека на другиот ѕид на десната страна е приказна на осозреан ембрион, или ембрион кој е веќе полн со мали делчиња, рачиња, ножиња на бебињата, значи веќе се раѓа тој новооплоден Македонски народ“, кажа Маркоски.

„Наредната галерија, втората галерија е приказ на Илинденскиот период и тука веќе како повторување треба да кажеме дека Илинденското востание кое резултира во Крушево на 2 август 1903 година на денот на пророкот Св. Илија по кого и го добива своето име Илинденско востание, резултира според Смилевскиот конгрес каде што за битолскиот округ се одлучува да биде и востанието во Крушево. Тука повторно на еден апстрахтен начин на левиот ѕид во една форма имаме тела човечки, делови од оружје, пушки, но околу цел тој релјеф има нешто кое ги заокружува, кое ги стега, тоа е она ропство кое од едната страна е раскинато со борба. Точно, добивањето на слободата и прогласувањето на Крушевската Република, морам да напомнам, дека иако траеше само 10 дена и потоа згасна со големиот напад на Османлиите со 15-20 илјадитна војска, мора да кажеме дека точно со тоа Илинденско востание се удира темелот на новата современа македонска држава, или покажувањето на Европа за Македонскиот народ и неговото битисување тука на овие делови на Европа и на Балканот“, раскажува понатаму Маркоски.

„После тоа доаѓаме до делот кој е вечното почивалиште на Никола Карев. Имено, во 1990 година со големи државни почести е отворен отвор во самиот под на споменикот и во него се положени останките кои до тогаш се чувани во Музејот на Илинденско востание во дрвен саркофаг, кој и ден денес го имаме како дел од нашето богатство во тој музеј. Знаеме дека Никола Карев беше избран за претседател на Републиката, таа република имаше своја влада, претседател на влада и сектори на одредените министерства. После нападот на османлиите претседателот, штабот и дел од владата заминуваат во месноста Осој каде остануваат живи, презимуваат. Потоа патешествието на Никола Карев е кон Белград, Софија, за да 2 години покасно враќајќи се кон Македонија преку реонот на Кочани, кај месноста Свиланово биде предаден и убиен заедно со своите соборци. 50-тите години неговите останки се донесени во родното Крушево, а како што спомнав 90-та година се положени тука во неговото вечно почивалиште“, вели Маркоски.

Кога станува збор за гробот на Никола Карев и оваа коцка која што е поставена, има малку неправилна форма. Дали покрај целата оваа симболика на овој споменик и тоа има свое значење?

„Вистина една несекојдневна форма за која можеби и се уште недојаснето што всушност сакале да кажат со таа форма. Нели постои верување дека тоа е неостварениот сон на Никола Карев да ја види целата македонска држава ослободена, но сепак реалното објаснување за формата на таа коцка ни фали“, додаде Маркоски.

„Понатаму се движиме кон третиот период или официјално во изработката на овој споменик стои галеријата на втората светска војна или НОБ. Тука сакам јас да наведам дека по некои мои анализи се работи за приказ на Балканските војни, кои можеби авторот вешто ги затскрива зад заедничката федеративна историја во Втората светска војна, сакајќи да даде печат и на посовремената историја на Македонскиот народ. Но, според гравурите, според самиот релјеф, релјефот на десниот ѕид и според мојата анализа која се уште се истражува и не можам ја потврдам, стои како теорија, се работи за Првата балканска војна, гравура на која се покажани борци насочени кон еден правец, низ нив во гравурата се гледаат испакнатини кои наликуваат на османските фесови или можеби на оние делови на оние топчиња во криптата. Во секој случај, како тоа ние и да го гледаме, ќе го гледаме периодот на Османската империја. А секако и човекот кој со камен во раката се спротивставува во таа гравура, во тој релјеф јас ценам дека тоа е Првата балканска војна. За да и понатаму мојата теорија стои, од левата страна на ѕидот на релјефот имаме топчеста форма во центарот на релјефот, но од таа топчеста форма како да се одземени 3 делови, но од страна ги гледаме тие делови повлечени настрана. Меѓу тие делови имаме некои борбени орудија, после 1912 година, после  Првата балканска војна ние имаме конфликт на дел од нашите соседи кој каква територија да земи од слободната, веќе ослободена наша територија од Македонија. Тогаш се случува нели губење на 70% од тогашната земјена територија. Но секако, за жал за сега немам дојдено до писмен документ кој ќе ја потврди оваа моја теорија, но се надевам дека во идно време ако не повеќе барем ќе знаеме дали е тоа така или дали таа теорија не е правилна“, вели Маркоски во своето објаснување на галериите.

„На крајот четвртата галерија е тука веќе е и де факто и во целиот смисол крајот на Втората светска војна и АСНОМ 1944 година. На левиот ѕид може да се види една симболика на сонцето, еден приказ на сонцето кој и како еден обичен симбол значи топлина, живот, на крајот без сонце не може да постои животот општо на планетата, но ценам дека сонцето е наш стар симбол, ние имаме доста и археолошки истражувања, имаме црковни артефакти, на многу места сонцето е симбол втиснат како жиг на сите тие делови, иако можеби повлекува еден постар период, период на Пајонците, Пелагоните итн. Додека од десната страна на таа галерија самиот релјеф се нарекува јаболко на раздорот или една форма на една половинка од јаболко кое е грицкано од сите страни, но во сржта, во центарот имаме фигура на човек со дигнати раце, што всушност го преставува Македонскиот народ кој како бранител, како чувар постојано стои зад својата слобода и територија. Кога сето ова ќе го вкрстиме или ќе го споиме се доаѓа до центарот на споменикот кој се нарекува Вечен оган, или оган кој гори во срцата на секој македонски човек. Една пластична форма која повторно визуелизира сонце“, кажа Маркоски.

„После завршувањето на ова прво ниво, се качуваме на второто ниво каде Борко Лазески, еден од најпознатите витражисти, повторно еден од основоположниците на современата македонска уметност, како и Петар Мазев надвор ни го доловува македонскиот фолклор или колорит на македонскиот фолклор. Кога имаме сонце ние може да видиме како тие витражни стакла имаат рефлексија на некој шарен тепих, шарен килим, кој во зависност од денот и местополжбата на сонцето такви шари прави на подот во споменикот или во самите делови на прозорите“, додаде историчарот на уметност Маркоски.

„Четвртиот дел кој се наоѓа во третото ниво на овој споменик, тоа се четирите отвори горе на врвот на куполата кои се преставени како 4 факели на мирот и слободата, горејќи и осветлувајќи на четирите страни на светот и прикажувајќи како оваа македонска држава сега е слободна и независна своја територија. Поставеноста на тие 4 факели е така што се движат кон центарот на споменикот, кон оној вечен оган, така да многу едноставно ние може да знаеме дека факелите на мирот и слободата се миотички, енергијата ја црпат од нас, од луѓето, од Македонците, кои преку нашиот оган за слобода и мир ги палиме и ги одржуваме тие 4 факели да горат над македонската држава. Тоа е еден сопсежен комплет на приказот на апстрахниот уметнички приказ на авторот преку кој тој ја сублимира цела таа наша историја, почнувајќи од илинденскиот период па се до АСНОМ кога се формира и нашата прва држава во рамките на федеративната Југославија“, вели Маркоски.

„Македониумот“ останува да биде паметник, сведок и чувар на нашата историја, на борбата за слобода и создавање на сопствена македонска држава, а воедно и едно од најпосетуваните места не само во Крушево туку и во нашата држава.

Ова видео е дел од рубриката Збор 2 на порталот Инфо Компас, поддржано од Министерството за култура, во програмата од национален интерес во културата, од областа на музејската дејност и заштита на нематеријалното културно наследство, за 2022 година.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи