Одбележана 120-годишнината од раѓањето на Методија Андонов – Ченто

Денес се одбележуваат 120 години од раѓањето на првиот Претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто. По тој повод делегација на Општина Прилеп положи свежо цвеќе пред спомен обележјето во центарот на градот.

Методија Андонов – Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година. Станува збор за македонски револуционер и државник, прв претседател на Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ и прв претседател на Президиумот на АСНОМ, која се борел за правата и за слободата на македонскиот народ, за вистината за Македонија.

За време на извршување на својата функција, Методија Андонов-Ченто бил многу почитуван и сакан од народот и се залагал власта целосно да биде народна и народот да може слободно и преку истата врата преку која влегуваат службениците, да влегува во институциите.

Но, поради несогласување со некои ставови на тогашниот режим на Демократска Федеративна Југославија, во 1946 година, со пресуда на Окружниот суд во Скопје, бил осуден според Законот за кривични дела против народот и државата и тоа со лишување од слобода 11 години.

Умрел во Прилеп, на 24 јули 1957 година. Долги години по смртта, Методија Андонов-Ченто бил табу тема и ретко бил спомнуван во историските книги и учебници, а и јавните разговори поврзани со него биле строго забранети.

Во 1990 година, на барање на неговиот син Илија Андонов-Ченто е обновен судскиот процес против него и на 22 октомври, по повторената кривична пресуда, Окружниот суд во Скопје ја укина пресудата од 1946 година.

На 22 октомври 2010 година, претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов посмртно го одликува Ченто со „Орден на Република Македонија“, орден кој го имаат само поранешните претседатели на Македонија и три реномирани македонски институции.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи