ВИДЕО – 75 години најдобриот промотор на нашиот фолклор низ светот – КУД „Мирче Ацев“ Прилеп


КУД „Мирче Ацев“ од Прилеп веќе 75 години е најголемиот културен амбасадор на градот под Марковите Кули, како во Македонија,така и низ целиот свет. Друштвото е формирано во далечната 1947 година, во месец април, на иницијатива на работниците во прилепскиот Тутунски комбинат, но потоа кон него можеле да се придружат и луѓе кои не работат во Комбинатот. На почетокот функционирале три секции: фолклорна, пејачка и драмска. Од драмската секција потоа произлегол народниот театар „Војдан Чернодрински“. Годинава овој значаен јубилеј ќе се одбележи на малку поинаков начин отколку досега.

Со текот на времето нашето здружение има освоено доста видни награди, признанија, први места, благодарници, дипломи. Дел од тие граѓаните можат да ги погледнат и во Заводот и музеј Прилеп каде што е изложена роднокрајната изложба, во која дел зема и нашето здружение. Оваа година планираме овој јубилеј да го прославиме на еден навистина поразличен начин од останатите концерти. Имено на 9 септември ќе биде изложбата на фотографии и видеа и ревија на носии од архивата на КУД „Мирче Ацев“, која ќе биде во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“. На таа изложба ќе бидат изложени доста фотографии, како црно бело така и во боја практично од основањето до денес. И краток видео запис каде има монтирано доста видео снимки од играорци, играорки, инструменти и пејачи кои биле членови на здружението. На 10 септември, во сабота од 19 и 30 часот започнува оној главен настан, јубилејниот концерт каде гости ќе ни бидат КУД „Змај“ од Ириг Од Србија и октетот „Прилеп“ од Прилеп. Планираме да понудиме доста богата програма да ги заинтересираме гледачите, влезот е слободен, па во оваа прилика ги поканувам сите да погледнат и да уживаат во јубилејниот концерт“, рече Горан Василески, претседател на КУД „Мирче Ацев“.

За овие 75 години досега во друштвото поминале неколку илјади играорци ии ограорки, инструменталисти и вокални интерпретатори. Идејата е исто така да се направи и монографија која ќе го содржи целиот материјал поврзан со КУД „Мирце Ацев“ во овие 7,5 децении.

Обично во градот Прилеп го одржуваме оној традиционален годишен концерт, меѓутоа за сите поважни настани што се во Прилеп, како Прочка, Пиво фест, 11 Октомври, фестивалот на медот, значи сите значајни манифестации сме дел од нив. Буквално во сите градови и села сме биле, сепак мотото е нашата култура да ја презентираме во странство, така да гледаме секоја година да можеме да ја презентираме во што повеќе различни места. Можам да кажам дека досега во овие 75 години здружението било скоро на сите континенти во светот, така да достоинствено ја претставувало културата, како македонската култура, така и на градот Прилеп“, додаде Василески.

 Моментално друштвото брои околу 100-тина членови. Уписи за нови играорци има секоја година во месец септември, и тоа може да се запишуваат деца од 5 годишна возраст па нагоре.

Колку младите се заинтересирани за нашиот фолклор и традиција?

 Можам да кажам дека во последните години има доста заинтересираност, повторно ќе кажам од една страна е за пофалба за женскиот пол затоа што навистина голем број на девојки и девијчиња членуваат во играорните секции, меѓутоа имаме мал недостиг на машка популација, односно играорци. Дали тоа е што претежно се по фудбалот, ракометот, одбојката, меѓутоа фолклорот е едно дружење, авантура и претставување пред се на својот народ, на својата култура“, рече Василески.

Младите кои сега се дел од ова друштво велат дека нивна особена гордост претставува тоа што македонската култура и фолклор ја презентираат во целиот свет.

Можам да кажам дека во периодот која јас започнав да идам во друштвото беше популарно меѓу сите деца на наша возраст да одиме на играорна, така почнав и јас заедно со децата од мојата улица, колективно дојдовме тука сите и се запишавме и еве до ден денес останавме. Некои се откажаа, продолжија по други хобија да си наоѓаат.

Што те привлеку кон македонската традиционална музика?

Препознатлив е ритамот во македонскиот фолклор кој ги разбудува сите, така и чувствата кај сите нас. Тука енергијата ја претставуваме поинаку. Сите луѓе би се чувствувале гордо кога знаат дека ја претставуваат и државата и традицијата и културата на својот народ“, вели Елена Николоска, член на КУД „Мирче Ацев“.

 

Играорка станав по иницијатива на мојата мајка, заедно и мојата сестра беше порано во ова друштво. Нашето друштво има многубројни настапи во нашата држава и странство.

Привилегија е да ја претставуваме македонската традиција во нашата држава и надвор од неа. Чест е таа носија да се носи и да се претставува нашата држава.

Каде се сте биле како гости, на кои концерти, фестивали?

Сме биле гости во Полска на повеќе пати, сме биле на многу концерти на многу места во Турција, најчесто имаме пријателски друштва во Србија со кои најчесто гостуваме, еве сега се ближи и нашиот концерт на 10 септември и ќе имаме гости од Ириг, Србија. Имаме и со Хрватска и со многу други држави.

Како реагираат другите кога ќе ја видат македонската музика, ора, традиција?

Најчесто како што сме биле гости во другите држави, нормално секој фолклор има своја историја и најчесто македонскиот фолклор е весел фолклор и мислам дека на сите им е чест кога не‘ гледаат, имаме многу аплаузи“, истакна Марија Јошеска, член на КУД „Мирче Ацев“.

 

„Играм веќе 10 години, се запишав бидејќи ме тераа од дома, но потоа се вроди љубов во фолклорот и продолжив да идам.

 Планираш да се занимаваш и понатаму?

 Да, планирам долго да се занимавам со тоа“, кажа Михаил Крстески, член на КУД „Мирче Ацев“.

 

Пред се да се занимавам со македонската народна носија, ни е чест да ја носиме таа носија од поколение и поколение и затоа настапуваме. Мене ми се вроди љубов кон фолклорот, имаше на една свадба играорци и од тогаш ми е желба да настапувам и еве веќе 11 години сум во КУД „Мирче Ацев“ Прилеп“, рече Леонид Шајкароски, член на КУД „Мирче Ацев“.

 

Колку твоите врсници го сакаат овој вид на музика, овој вид на фолклор?

Моите врсници се помалце и помалце го сакаат и го ценат ова нешто, бидејќи се љубители на друга музика и не го ценат нештото кое е создадено во оваа земја.

Зошто е тоа така според тебе, треба ли поголема афирмација?

Мислам дека се е ок, само тие се поинаку настроени, поинаку насочени кон нештото, поинаку ги разбираат нештата.

Што значи според тебе македонскиот фолклор, македонската музика?

Македонскиот фолклор мислам дека треба да се наследува понатаму и треба да цениме она што нашите предци го создале и треба да го негуваме и чуваме тоа нешто“, истакна Михаил Грашкоски, член на КУД „Мирче Ацев“.

Токму овие млади чиј ентузијам и желба да го зачуваат македонскиот фолклор се огромни е најголемата надеж дека нашата традиција нема да згасне и дека таа и понатаму ќе биде презентирани низ светот.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи