ВИДЕО – Масовното иселување на Мариово денес се случува насекаде, дали и други предели ќе ја доживеат оваа судбина?


Нема некој кој што не слушнал за областа Мариово, најубавата, но и најненаселена област не само во Македонија, туку и во цела Европа. Областа Мариово опфаќа околу 1.000 километри квадратни и е поделена на 3 делови, прилепскиот дел кој што опфаќа 50% од таа територија, потоа битолскиот дел и кавадаречкиот дел. За жал, иако една целина, овие 3 делови инфраструктурно со асфалтен пат помеѓу себе не се поврзани. Поврзани се со некои тесни планински патчиња, каде што единствено може да се помине со теренско возило. Таквите лоши и катастрофални услови за живот биле причина во текот низ годините и децениите наназад населението да направи вистински егзодус од овој крај и да мигрира во поголемите градски средини, но исто така и во странство.

Оваа слика што денес имаме можност да ја видиме во оваа репортажа, за жал денес ни се случува во голем број наши населени места, села и градови. Голем дел од граѓаните како што порано мигрирале од Мариово за подобри услови за живот, денес мигрираат од цела Македонија. Денес на Македонија и се случува буквално вистински егзодус на младите кои што заминуваат во странство. Пред извесен период словенски новинари кои дошле тука да направат репортажа токму за овој предел, за Мариово, го опишале со зборовите најубавата пустина во Европа. Да се надеваме дека нема да станеме цела држава тоа што го опишале словенските новинари, најубавата пустина во Европа. Ќе останеме само најубавите, но никако пустина.

Ќе отидеме до најоддалеченото село во прилепскиот дел, селото Витолиште, каде што се останати да живеат уште 30-тина постојани жители за да погледнеме што сега се случува таму и како живеат тие. Селото се наоѓа веднаш до самата граница со Грција и ги дели само планинскиот премин Железна порта.

Областа Мариово започнува од планинскиот премин кој се вика Слива, односно портата на Мариово. Во 30 години независност на Македонија, ниту еден претседател на Македонија и ниту еден премиер не ја посетил оваа област. Најголемата државничка функција која што го посетила Мариово е функцијата градоначалник. Самото тоа кажува каков е односот на државата и колку нејзе и е гајле за луѓето кои живеат во овој крај.

Единствената позитивна работа која државата ја направи во последните неколку години е тоа што рехабилитираше дел од овој пат кој води кон селото Витолиште, но никогаш нема да ги заборавам зборовите на еден старец од ова село кога го снимавме и кој рече: порано пат немавме но деца имаше, сега пат има но луѓе нема. Така да некогаш можеби инвестициите се добри, но кога ќе се задоцни со нив џабе е се‘.

После некаде околу 30-тина километри возење од Прилеп стигнавме и до познатиот Расимбегов мост. Ова е еден од најубавите предели тука во Мариово, ја имаме реката Црна и оваа прекрасна природа околу нас. Ова место освен што е познато по реката Црна и по големиот број риболовци кои доаѓаат тука да ловат риба, практично во последниве неколку години од мојата десна страна на другиот брег на реката Црна се направи и цела рибарска населба од љубителите на рибарењето, овој мост е познат и по една легенда или приказна, односно турското злато. После 1910 година кога се гледа крајот на Османлиската империја, од Отоман банката во Битола огромни количини на злато туркста војска сака да ги пренесе, според дел од историските записи. Генералот кој што ја предводи таа војска поминува токму на ова место каде што се наоѓаме, но за жал војската не успева да го однесе тоа злато во Истанбул, златото е закопано во овој предел, направена е мапа и турскиот генерал бега во странство, според еден од записите тој заминува да живее во Белгија.

После извесен период, кон почетокот на 80-тите години во тогашна Југославија доаѓаат одредени потомци на тој генерал, со одредена карта и во соработка со тајната служба на Југославија и Заводот и музеј Прилеп доаѓаат тука да го најдат тоа злато. Тука седат и копаат 2 недели, но според изјавите златото во тој период не е пронајдено. Она што е интересно да се каже е дека тоа злато продолжува да се бара и до ден денес, поголема потрага по тоа злато се случува некаде кон крајот на 90-тите години во независна и самостојна Македонија, а за тоа сведочат и рибарите кои се наоѓале во овие рибарски куќички. Тоа се случува ноќе, ова место е опколено со припадници на тогашната полиција и армија на Македонија, доаѓаат хеликоптери и тешка механизација, се копа во овој предел, а додека рибарите биле затворени во рибарската куќичка што се наоѓа позади мене и им било кажано да не излегуваат дури до утредента. Другиот ден, кога припадниците на армијата и полицијата заминале од ова место, рибарите можеле да видат само една огромна ископа дупка која се наоѓа на другиот крај на мостот. Според изјавите и тогаш златото не било најдено, но сепак останува мистерија дали воопшто тука има злато и дали некој некогаш го пронашол.

Од Расимбегов мост продолжуваме кон Витолиште.

Кога одите по патот за селото Витолиште, од вашата десна страна ќе може да забележите знак каде пишува село Манастир. Од оваа локација каде се наоѓаме до селото Манастир има околу 3 километри, патот е асфалтен и во самото село се наоѓа познатиот манастир Св. Никола, кој е стар околу 750 и во последниот период е единствениот некаков центар во целиот овој пуст крај каде доаѓаат голем број верници и од Прилеп и од Битола во недела и за поголемите празници кои сакаат да присуствуваат на литургиите кои се служат во тој православен храм чиј игумен е отецот Никола, заедно со неговото братство. Она што е интересно да се каже е дека селото Манастир требало според плановите и се уште треба да биде на бреговите на она фамозно вештачко езеро Чебрен, кое што го ветуваат сите влади во независна Македонија во овие 30 години. Пред селото требало да се изгради една поголема населба за работниците кои би ги граделе тие 2 вештачки езера Чебрен и Галиште, кои се спомнуваат години и години наназад, но ниту еден камен не е направено од сето тоа, и планот бил на овие 2 хидроцентрали да работат околу 5.000 работници. Да се направи една мала урбана населба и потоа тие работници да останат да живеат и да функционираат тука во овој предел.

Низ историјата познато е дека Мариово никогаш немало поголема урбана или градска средина, секогаш тие биле мали и рурални местенца раштркани на сите страни, така што во почетокот на 90-тите тоа било еден план или обид да се создаде за прв пат урбана населба каде би живееле тие работници, а понатаму би продолжиле да функционираат на друг начин. Но за жал еве 30 години потоа плановите за изградба на Чебрен и Галиште се уште не се остварени. Да продолжиме по нашиот пат кон селото Витолиште.

После 60-тина километри возење конечно стигнавме до селото Витолиште, каде ќе се обидеме да поразговараме со дел од неговите жители за тоа каква е моменталната ситуација во Мариово и во каква состојба се наоѓа овој крај. Ќе поразговараме и со Спасе Чакрески, слободно можам да кажам еден од последните вистински херои кои им пркосат на сите овие прилики, времиња и невремиња и на целата оваа состојба и иако млад остана да живее тука во селото Витолиште, каде одгледува стока и го произведува оној познат мариовски специјалитет, а тоа е познатото мариовско биено сирење.

Добар ден.

Добар ден.

Здраво Спасе, како сте?

Добро е, како сте вие?

Еве дојдовме во Витолиште од Прилеп да видиме како денеска се живее во Мариово, какви се условите за живот. Јас кога доаѓавме тука имав една најава пред самото село дадено и те претставив како еден од последните херои на Мариово, кој иако млади им пркоси на сите овие предизвици со кои се соочуваш секојдневно со целата оваа ситуација во која се наоѓа овој крај. Живееш тука, твоите деца учат во Прилеп, но секој викенд се тука и на еден начин го одржуваш огнот во родното огниште.

„Па да, знаеш како, можеби мене ми е судено да бидам тука, а јас како човек сакам предизвици. Меѓутоа предизвик да живееш моментално во област каде што на 500 километри квадратни имаме 14 населени места и население од помалку од 200 жители според последниот попис, па не е толку едноставно. Можеби не, зборот херој е нешто друго според моите видувања, меѓутоа е тешко и може да се опише со некој поблага форма. Да патуваш 50 километри со своето возило за основните намирници да ги набавиш и тоа да мора да го правиш минимум 2 пати неделно, да образоваш 2 деца, едно на високо образование, друго во средно, да ги воспитуваш да си ја сакаат сопствената татковина и сопственото родно огниште, гледајќи светот во кој правец се движи, гледајќи што се случува со младиот свет, сепак е некоја храброст можам да кажам. Но ете, ние се одлучивме на тој начин да го живееме животот, иако е тежок, иако е нееднаков со животот во градовите и поголемите места, меѓутоа тоа е тоа, таа е нашата реалност“, вели Чакрески.

Овде буквално денеска нема никакви нормални услови за живот. Немате превоз, немате лекар, немате ни продавница од каде би купиле намирници, единствена некаква институција која функционира е пограничната полиција и тоа е тоа. Буквално нема ниту една фирма која што работи, освен рудници кои што се наоѓаат тука во околината?

„Знаете како, многу е неедноставно да сето тоа го споиш и да функционираш како реален човек во 2022 година, значи ова што го спомна ти, меѓутоа така ние ги поставуваме работите, мораме така да се прилагодиме за да успееме и за тоа психолошки да го преживееме. Знаете ако размислуваш, што ако се разболиш а немаш лекар, што ако ти се скусат основните намирници, пазете Мариово е висорамнина со високи надморски височини, што ако зимово падне снег од 60-70 сантиметри, а знае Мариово да биде изолирано и по неколку недели, десетици дена, значи без струја, без телефон. Пазете, сме немале струја и телефон по 10 дена, никаква комуникација, правиме муабет пред неколку години, но ние како луѓе го имаме подготвено тоа преходно како треба да се справиме. И тогаш знаеме да се организираме самостојно, иако сме многу малку. И ние знаеме дека државата одамна не заборавила нас, ние сме свесни и тоа нас ни смета, но ете не сме го искажале тоа“, додава Чакрески.

Зошто, како дојде до оваа ситуација државата комплетно да се откаже од овој предел? затоа што јас како што кажав, можеби пред години оваа миграција, овој егзодус се случуваше во Мариово, но за жал сега целата оваа слика се пресликува и во други региони во Македонија. Масовно младите се иселуваат од целата наша татковина.

„Според податоците во 50-тите години сточниот фонд во Мариово се движел вака, во Мариово се попишани 105.000 грла овци, 25.000 крупен добиток. Знаете ли какво е тоа државно богатство? И сега нашиве сограѓани кога ќе појдат во маркетите и се чудат зошто цените на млечните производи во последните 3-4 месеци се со 100% поскапени, затоа што и на ниво на држава сточниот фонд е далеку намален. Значи не го зборувам ова јас случајно, Мариово не може да биде индустриска зона и не треба да биде, Мариово е како регион извор на храна. Јас така размислувам и тврдам дека во светот во поблиска иднина ќе биде борба за храна, значи храната ќе биде се понедостапна за луѓето и тогаш можеби некој ќе се сети дека да ние го имавме Мариово кој што беше извор на храна и го заборавивме, ама мислам дека ќе биде касно. Нема формула која може во кратки временски интервали да го врати овој напуштен регион“, рече Чакрески.

Кажете ми како се живее денеска во Мариово?

„Баш никако, проблеми имаме колку ти душа сака. Од сакаш да почнеме и еден по еден да ги елаборираме?“, кажа Спасе Даркоски, жител на село Витолиште.

Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате секојдневно?

„Прво ние сме 14 села во прилепскиот регион, прво нема превоз за луѓето. Нема многу жители но и тие што се ако нема кола човек не може да појде на лекар. Второ, 14 села, се сменуваат градоначалници, пратеници, интересни сме им само за изборите, нема лекар“, вели Даркоски.

Има ли надеж да се врати тука животот каков што бил порано?

„За догледно време шанса нема, не сака никој да се занимава со вакви работи, со сточарство и земјоделие. Ви ги кажав условите, најбитните работи ги немаш, не можеш да ја земиш фамилијата тука со деца мали, а да немаш лекар. Ќе дојде зимо, снег, и ние што сме со возила тука не можеш секој ден да возиш по едно апче во Прилеп, за еден заб ако те боли. Не знам што мислат“ рече Даркоски.

Според вас што треба да се направи?

„Државата треба да мисли, овие што ги гласаме. Ние сме им интересни додека да се изгласа и крај, завршена работа. Од ниту еден не сме задоволни, ни од позиција, ни од опозиција. Не бркаат работа никој, сите се само среброљубци и толку“, истакна Даркоски.

Добар ден.

Добар ден.

Како сте?

Добро, крепиме по малку.

Како се живее во Витолиште денеска?

„Во Витолиште денеска се живее никако, речено никако, бидејќи сите млади избегаа, само ние старите останавме и нема никој. Ниту продавница имаме сега, ниту луѓе, 240 куќи беа, од тие 240 куќи сега само 38 души жители, сите стари луѓе, отворени куќи, другите сите се распаѓаат“, истакна Стојан Врвцовски, жител на село Витолиште.

Доаѓаат ли тука политичари, ветуваат нешто?

„Ветуваат само за кога ќе гласаме, инаку не знаат ни каде е Мариово. Или пак некој ќе им испече јаре или јагне, тогаш една тура ќе дојдат со 3-4 коли. Така прават“, додаде Врвцовски.

Значи кога треба да се јаде тука се први, и за сликање?

Да, тука се први.

А нешто имаат направено, исполнето од ветувањата?

„Ништо, ама апсолутно ништо“, кажува Врвцовски.

Се наоѓаме во старата општинска зграда во селото Витолиште, кога овој објект функционирал како зграда на тогашната општина. Инаку Мариово било самостојна општина се до 2004 година, односно се викала општина Витолиште. Со новиот Закон за територијална поделба во 2004 година Мариово се соединува со општина Прилеп и сега целиот овој регион потпаѓа под општина Прилеп. Како што може да забележиме на оваа врата пишува градоначалник, денес за жал таа е затворена. Дали во 2004 година се направи можеби најголемата грешка со тоа што не се остави Мариово да функционира како самостојна општина и дали можеби ако овој регион беше самостојна општина можеше многу повеќе да се избори за подобар квалитет на живот на своите граѓани, тоа за жал не можеме да го дознаеме.

Сега во овој простор тука како што можеме да забележиме се наоѓаат само овие пултови за гласање кога партиите доаѓаат кај овие жители и само бараат од нив, односно на секои 4 години доаѓаат и го бараат нивниот глас, а за жал не им даваат воопшто ништо. Она што исто така интересно е да се каже за овој објект е дека токму во оваа просторија тука каде сега ќе влезам, во оваа мала просторија, од 2008 до 2013 година оваа просторија функционираше како основно училиште. Тука учеше само еден ученик, а тоа беше синот токму на нашиот претходен соговорник Спасе Чакрески, неговиот син Петар кој што тука го помина своето основно образование.

Тоа беше можеби последната искра надеж дека животот ќе продолжи и понатаму во Мариово, но за жал во 2013 година неговиот син мораше да се пресели во Прилеп поради образованието и со тоа згасна можеби и последната искра надеж дека ќе го слушаме детскиот џагор низ сокаците во ова село, затоа што и другите помали дечиња кои требаше да ги продолжат своето основно образование тука во Мариово поради тие услови се преселија во Прилеп. Дали некогаш ќе се врати тој стар начин на живот, дали некогаш повторно ќе се врати животот во Мариово и Витолиште, останува да покаже времето.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи