ВИДЕО – Прилеп станува град на шахот, од в година со 3 прволигашки екипи, две машки и една женска


Шахот во Прилеп има долга традиција. ШК „Прилеп“ кој постои веќе 6 децении е еден од ретките, ако не и единствен клуб во Македонија кој има свои сопствени простории. Интерерсно е да се каже дека шахот во Прилеп започнал прво да се игра на шаховски маси низ прилепските берберници, а потоа веднаш после завршувањето на Втората светска војна е оформен клубот. Еден историски запис вели дека шахот во Прилеп го донесол идеологот на НОБ во Македонија, Кузман Јосифоски – Питу. А член на овој клуб и негов претседател бил и кодификаторот на современиот македонски јазик, Блаже Конески.

„Почетоците на шахот во Прилеп се уште во раните 40-ти години играјќи во берберските клубови низ чаршијата, како што има некои записи дека првиот шах во нашииот град го донесол Кузман Јосифоски – Питу и со тој шах веќе започнува посериозно да се работи на шаховската игра. И со самото тоа се продефилирале шахисти кои започнале да играат во шаховските клубови. Клубот е формиран по ослободувањето 1946 година и веќе 1948 година се забележани првите натпревари прилепскиот шаховски клуб со екипите на Скопје, Битола и Куманово. Можеме да истакнеме дека еден од побитните претседатели на шаховскиот клуб од Прилеп бил Блаже Конески кој што бил и првиот Претседател на Шаховската федерација на Македонија, а неговите почетоци се исто во шаховскиот клуб „Прилеп“. Клубот понатаму се развива по пат на спонзорирање од различни фирми во нашиот град, постоеле шаховски клубови „Победа“, „Црн Бор“, „Мермерен Комбинат“, „Тутунски Комбинат“, „Металец“, за понатаму за посериозен да прерасне ШК „Тутунски Комбинат“ кој што веќе се натпреварува и е победник во Македонската лига во поранешна Југославија и учествува на неколку натпревари во втората сојузна лига. После тоа од осамостојувањето до денес ШК „Прилеп“ е во врвот на македонскиот шах, освојувајќи секогаш од 4 до 3 место. Исто така Прилеп беше познат како еден од ретките шаховски клубови во државата кој што го гаи и женскиот шах. Можеме да се пофалиме дека нашата прилепчанка Татјана Василеска беше и првак на Југославија“, истакна Тони Кироски, претседател на ШК „Прилеп“.

ШК Прилеп конечно после долги години на обидување го направи својот најголем успех и ја освои вицешампионската титула на Македонија, на државниот шампионат кој деновиве се одржа во Струга. Ова е само уште еден доказ дека Прилеп, полека но сигурно станува град на шахот, затоа што од голема заинтересиираност за овој спорт, од членовите на ШК Прилеп, се формираше и втор клуб во Прилеп ШК „Пелагон“, кој го освои првото место во втората македонска лига и сега од идната година ќе се натпреварува во првата лига. Со тоа Прилеп ќе има 2 клуба меѓу најдобрите.

„Од осамостојувањето на Македонија континуирано сме во првите трии места, а годинава го постигнавме максимумот и се пласиравме како вицешампиони во првата македонска лига. Со право на учество на европскиот куп на шампиони што се одржува во Драч, Албаниија. Така што може да се пофалиме дека со макотрпна работа и доста тренинзи го постигнавме тоа што наназад го очекувавме подолг период. Постојано сме бииле трети или четвртии, никогаш не сме биле втори. Прво место постојано е „Алкалоид“ од Скопје, но не мора тоа секогаш да биде правило, идната година со сегашниот играчки кадар кој што го имаме може да се бориме и тоа како за првото место. Интересот е голем за шахот, постојано во Прилеп имало големи таленти и од масовсност на шахисти се оформи уште еден клуб „Пелагон“ кој што се натпреваруваше во втората лига, таму го освои првото место и сега идната година и тој ќе игра во првата македонска лига. Значи имаме два прволигашки клуба, ќе атакуваме со ШК „Прилеп“ на првото место, а ШК „Пелагон“ да биди во првите 3 места. Исто така има масовност и од понежниот пол, така што оформивме и женска екипа. За прв пат имаме оформено женски клуб во Прилеп. Така што догодина практично ќе настапуваме со 3 екипи. Се надеваме на големи успеси“, вели Кире Николоски, капитен на ШК „Прилеп“.

Се одржуваат и турнири во шах во средните училишта во Прилеп на кој учество земаат голем број млади.

„Имавме сега и турнир во училиштата во СОУ „Ристе Ристески Ричко“, го делев таму првото место, веќе во СОУ „Ристе Ристески Ричко“ ја формиравме екипата за шах, сега очекуваме да изиграт сите училишта училишни турнири, па се спремаме за екипно. Шахот го играм уште од мал, започнав прво со дедо ми, потоа продолжив со професорот Дејан Ѓорѓиоски, па заедно со Тони, Кире и сите играчи тука доста напреднав и сега сум редовен играч на турнириве“, рече Леонид Грашкоски, член на ШК „Прилеп“.

ШК „Прилеп“ моментално има и голем број мали дечиња кои сега ги учат тајните на шахот, а истите им ги пренесува Јустина Дутка од Полска, која сега е дел од женската екипа на ШК „Прилеп“.

„Лани игравме во првата лига, наредната година пак ќе играме, овде работам од лани како инструктор по шах, работиме секој вторник и четврток од 18 часот, децава се доста заинтересирани“, кажа Јустина Дутка, дел од женската екипа на ШК „Прилеп“.

Од ШК Прилеп се надеваат дека во иднина ќе обезбедат и повеќе финансиски средства за да може да одат и на меѓународните натпревари кои се одржуваат во странство.

„Ние во овие неколку години да бидам искрен имаме голема помош од локалната самоуправа и Агенцијата за млади и спорт знае да го препознае нашиот шаховски клуб и имаме помош од неколку компании од нашиот град. Тоа се мошме скромни средства со кои располага шаховскиот клуб и оваа година добивањето на вицешампионската титула ние веќе стекнавме право да играме на идниот куп на европски шампиони кој се одржува во Драч и се надевам дека некој од компаниите кој што се добро препознатливи во нашиот град ќе најдат сили да го помогнат ШК „Прилеп“ за да може да учествуваме на европскиот куп на шампиони, со тоа што може да се пофалиме дека на претходниот европски шампионат го освоивме високото 14 место во Европа, што значи дека Прилеп со ова може да се гордее и е еден од најзаслужните спортски колективи во нашиот град“, додаде Кироски.

Со сите свои награди, признанија и големи успеси ШК Прилеп е вистински амабасадор на Прилеп, кој достојно го претставува на сите натпревари.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи