ВИДЕО – Миле Талески од Крушево со своите 89 години е најстариот бочвар во Македонија


Миле Талески или кај крушевчани познат по прекарот Кукун со своите 89 години е најстариот бочвар во цела Македонија и еден ретките преостанати кои се занимаваат со овој занает. Иако веќе во длабока старост не го остава бочварството. Вели дека работата го одржува човекот, доколку човек на старост не работи ништо ќе му биде многу потешко. Вели дека сега е единствениот, не само бочвар туку и занаетчија во Крушево. Се присеќава како некогаш Крушево бил центар на занаетите во овој регион.

„Овде во овој период на оваа улица „Маршал Тито“ имаше 60 дуќани, 30 дуќани беа шнајдери, 30 дуќани беа кондураџии, имаше потковачи, самарџии, сатчии, се‘ имаше, сега само јас останав во цела чаршија .

Уште само вие сте занаетчија?

Само јас сум занаетчија, нема друг. Голема штета е тоа што младите не сакаат да учат занает и претежно бегаат во странство, нема млади луѓе, нема калфи да ставиш овде да го учи занаетот, го нема тоа, изумре тоа“, рече Миле Талески, бочвар од Крушево.

Тој е петтто поколение од неговата фамилија кој го продолжува занаетот. Вели дека токму во овој дуќан тука во 1903 година неговиот дедо и прадедо направиле 4 од надалеку познатите црешови топчиња кои се употребувани во Илинденското востание.

Во овој дуќан е изработено црешовото топче за време на илинденскиот период, затоа што ние ја изработивме дрвенаријата, а овде имаше еден ковач до мене, тој железаријата ја правеше. Тоа сето тајно се правеше, претежно ставаа човек надвор да чува, па да работат.

Тоа вашиот дедо, прадедо?

Прадедо, Тале се викал.

Колку топчиња се изработиле?

Четири топчиња изработија за време на илинденскиот период, а потоа јас направив уште 5 кога се снимаше филмот „Република во пламен“.

Специјално за филмот вие ги изработивте топчињата?

Ние ги изработивме, за време на филмот им направив јас 5-6 топчиња. Ги имав алатите од тогаш, а потоа ги подарив во музејот, бидејќи се расфрлаат и не можеш да ги одржуваш“, додаде Талески.

Вели дека сега повеќе изработува мали буренца со капацитет од 20 литри. Додека големите бочви и другите дрвени работи ниикој не ги барал повеќе. Најмногу породавале во околните села, но кога и селата веќе започнале да купуваат производи од продавница, а не сами да произведуваат згаснал и овој занает.

Во пазар по 50 бутини продававме за матење, сега ниту еден. Качиња за зимница во селата и градот, качиња за сирење, каче за месо, каче за изварка, каче за зелка, големи каци правевме за зелка, сега тоа ништо не правиме.

Сега што произведуваш?

Сега претежно сувенири, мали буренца, тоа е.

А големи бочви?

Правам и големи бочви, но не се трошат, бидејќи селата ги оставија лозјата, едно време секоја куќа во градов имаше бочва за вино, сега никој не тура.

Сега си купуваат?

Сега купуваат, но и вино слабо пијат, или ракија. Сега повеќе сокови и други работи, нема луѓе“, кажа Талески.

Бочвите и бурињата ги изработувал од специјален даб кој се викал благун даб и го имало во околината на Крушево. Порано работеле рачно и работата одела побавно, сега пак се било машински.

Спрема големината имаме и калапче, спрема ширината на обрачот. Калапчето се става и на основа калапчето после се изработува штичето. Ќе го мериш и откако ќе ги изработиш тие ќе го собериш. Кога ќе се собери тоа, се става на оган за да се свитка од топлината.

Огнот каде гори?

Во средината. Има сајла и со винтот ќе се собери. Сега така, а порано штица по штица се виткаа во времето кога немаше машини и такви работи, рачно штица по штица. Вака ќе ја земиш штицата, овде има труп и ќе ја запниш вака, ќе стегниш и ќе се свитка. Тоа порано.

Тогаш беше потешко?

Потешко беше, ама поблагодарни бевме затоа што во дуќанот имаше 5 мина што работеа, еден го работи едното, друг другото, трет третото и се правеше многу брзо, исто како и сега со машините“, кажа Талески.

Кукун вели дека за жал неговиот син нема да го преземе занаетот и со него после 5 поколенија ќе замре и бочварството во неговата фамилија. За жал и на ниво на држава биле премногу ретки оние кои изработуваат бочви и буриња. Се надева дека можеби некогаш младите повторно ќе сакаат да се вратат на занаетите и ќе продолжи нашатат вековна традиција.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи