ВИДЕО – Обвинителство отвори предмет за смртта на 3 лица кои се лечеле во прилепската болница во последните 10-тина денови


Прилепското основно јавно обвинителство отвори предмет, по допрен глас во јавните гласила, за да се истражи смртта на 3 лица во последните 10-тина денови кои се лечеле во ЈЗУ Општа болница Прилеп, а кои по настанати компликации биле пренесени на Клиниките во Скопје каде починале. Според јавниот обвинител од Прилеп, Маријана Илиеска, станувало збор жена на возраст од 52 години која што правела киретажа во прилепската болница, потоа пациент на околу 30 годишна возраст кој се лекувал во прилепската болница и починал на клиниките во Скопје и кој имал бактерија и компликации со симптоми на сепса, како и за трет пациент на слична возраст како првиот, кој што 10-тина дена се лекувал во одделението за невропсихијатрија во прилепската болница и пред неколку дена починал на скопските клиники од инфаркт.

Со цел да ги провери овие информации и евентуална кривична одговорност, надлежен јавен обвинител издаде барања за прибавување на целокупната писмена документација во врска со овие случаи од Државниот санитарен и здравствен инспекторат Прилеп и од ЈЗУ Општа болница Прилеп. Издадена е и наредба до МВР – ОВР Прилеп да изврши информативни разговори со службени лица во болницата, со роднини и блиски лица на пациентите. По извршените проверки ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошниот тек на постапката“, велат од ЈОРМ.

Од прилепската болница попладнево истакнаа дека се отворени за соработка со Јавното обвинителство и дека сите документи кои што ги побарале за пациентите уште утре изутрина ќе им биделе доставени.

Инаку од земениот примерок за хемокултура на починатата 52 годишна прилепчанка во Центар за јавно здравје – Прилеп добиен е позитивен изолат на бактеријата стафилокока. Од Комисијата за Интрахоспитални инфекции во прилепската болница денеска соопштија дека по протокол биле земени 3 последователни хемокултури од кои само во првата било утврдено Staphylococcus epidermidis, а останатите 2 биле негативни.

За компликации кај други пациенти засега нема известување. Веќе 7 дена се затворени операционите сали на гинеколошкото, хируршкото и на ортопедското одделение во прилепската болница по пријава за интрахоспитална инфекција.

Денеска од Државниот санитарен и здравствен инспекторат соопштија дека бил извршен вонреден инспекциски надзор во прилепската болница на ден 17.02.2023 по добиена информација од ЦЈЗ – Прилеп при што биле земени примероци од нежива средина, испироци од раце на вработен здравствен персонал, извршени биле вонредни здравствено-хигиенски прегледи, по што е препорачано затворање на операционите сали до добивање на  резултатите од земените примероци.

Во моментов се уште се чекаат резултатите земени од брисевите на одделенијата во болницата кои треба да потврдат дали во прилепската болница има интрахоспитална инфекција и дали таа е причина за смртта на починатите пациенти. За смртта пак на 52 годишната прилепчанка се чека и извештај од обдукцискиот наод од Институтот за патологија.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи