Звонко Конески од Прилеп, заедно со неговиот син Петар се последните саатчии во Прилеп и во поширокиот Пелагониски регион. Занаетот го наследил од неговиот татко својот дуќан го отворил во 1952 година.
„Јас сум втора генерација, син ми е трета, а татко е прва генерација. Овде дуќанот го отворил 1952, фактички 71 година непрекинато работиме на истава локација. Почнал татко ми, почнал да го изучува 1942 година кај неговиот тетин Илија Чучор. Понатаму бил даночен инспектор, па откажал и во 1952 го отворил саатчискиот дуќан. Тогаш, во 1952 година во прилепската чаршија немало дуќани каде да отвори и прво 2-3 месеци отворил во трафиката на театарот „Војдан Чернодрински“, тогашниот директор Душко Наумоски му ја изнајмил да продава билети и да поправа часовници во трафиката. Потоа јас веќе од 8-9 години почнав да идам овде кај татко ми, почнав со будилници, основата да ја научам во часовничарството и со тек на време јас наследив, а сега еве и синов 10-тина години е тука со мене заедно“, вели Звонко Конески, последниот саатчија во Прилеп.
Конески вели дека секој занает си има свој тежина. Но за да поправаш часовници требало пред се човек да има големо трпение и упорност.
„Треба упорност подолг период, не може да се научи во 1 година и да станиш мајстор, треба подолг период. Па да бидеш упорен, бидејќи во часовничарствово, како и во сите други занаети има успони и падови во продажба, во работа, но главно од наупорноста изумираат занаетиве. Некој при првата пречка 2-3 месеци ќе види дека ќе има потешкотии и ќе го затвори дуќанот. Треба да биде поистраен за да биде подолготрајно во занаетот“, додаде Конески.
Кога човек ќе погледне еден механизам од часовник тоа изгледа толку сложено, па човек би помислил, ова јас никогаш нема да можам да го расклопам, па уште помалку да го составам ако се извадат сите делови. Но Конески вели дека на секој часовник основата му е иста, само треба време да се научи како функционира тоа.
„После сето тоа е рутина, рутината е и брзина, стрпливост, не сака нервоза, некогаш имаш ден кога си многу нервозен, остави го часовниот па ќе го отвориш утре, наредниот ден. Значи да не ја силуваш работата, малку да спласни и наредниот ден за 5 минути ќе го направиш, ќе го поправиш кварот. Протокол на работа, како оди постапката за работа, преку ред не може ништо да направиш, постапката од основно мора да се спроведи, така и во поправката, не може преку ред нешто да биде. На еден механизам ако е механички опругата пренесува на зупчаниците, таа е основа на пример среден зупчаник, до среден, секундарен, аркен и осовина, значи таа е основата на сите часовници. Кај механичките е опругно напојувањето, со навивање на будилниците и рачните на 24 часа, а ѕидните имаат и 7, 14 и 30 дена опругата каде што може да издржи. Истото е и кај кварцните само таму нема федер, таму напојувањето е од батеријата, инаку основата е таа на часовничарството“, раскажува Конески.
Знае да ги поправи и најсложените механизми, па дури и оние часовници од минатиот век кои ги собираат колекционерите кај нас.
„Рачни, џебни, џебните сега ги имаат колекционерите кои собираат џебни часовници, има колекционери со ѕидни часовници, идат од други градови, од Скопје, од Битола, ми ги праќаат по карго, по такси некои стари ѕидни часовници. Од Скопје баш сега пред неколку дена, во Скопје го шетал низ повеќе мајстори, овде му го отклонивме проблемот, стар часовник некаде околу 110 години. И така, некои кои се ретки и кои сакаат да остане во фамилијата или во колекцијата на колекционерот.
Колку имаме такви колекционери во Македонија, во Прилеп, во регионот?
Нема многу, има колекционери со добри часовници, некои се рачунаат за колекционери и со часовници со кварцни, јас нив не ги рачунам, со евтини часовници. На пример со џебни часовници има колекција од 80-90 џебни часовници, да не му спомнувам име на човекот, на пример колекција од околу 100.000 евра, колекција на џебни или рачни часовници, поскапи, брендирани, Зенит, Омега, Лонжин. Има луѓе со 30-35 ѕидни часовници, стари, нови.
Кој е најстариот часовник што сте го поправале?
Па најстари имам поправано џебни часовници од 1880-1890 година, тука некаде. Кај нас во овој регион тие се најстари часовници, тогаш ги купувале или од Америка, или од Солун. Тие биле патиштата за џебен часовник да дојде тука во тоа време“, вели Конески.
Конески е опсобено горд што неговиот занает ќе го продолжио неговиот син.
„Најпрво, уште на мои 10 години идев тука и помагав кај татко ми на дуќан, најчесто во среда, ако сум втора смена на училиште пред часовите, или обратно, ако сум прва смена после часовите и во сабота. Во сабота бев редовен уште од 10 години, од мое четврто или петто одделение и полека, полека ми ја всадуваше таа љубов кон часовниците, за да после почнам се почесто и почесто да се интересирам за занаетот. И ете после години сум тука.
Колку беше тешко да се научи?
Па видете, не е баш лесен занает, во смисла да гледаш месец, два, три и да почниш одма да работиш. Еве чист пример, првите 3 години татко ми не ми даваше некои сериозни задачи околу часовнициве, буквално 3 години ми поминаа само во учење и промена на батерија.
Кои часовници ти се најтешки за поправање?
Па најтешки за поправање се оние посложени рачни часовници, бидејќи се тука е минијатурно, бара одреден труд, внимание“, раскажува Петар Конески, синот на Звонко.
Петар Конески вели дека за жал ниту еден од неговите врсници или некој млад човек во Прилеп не сака да се занимава со поправање на часовници.
„Барем јас не сум налетал на таков, знаете она кога ќе му објасните во целост што се бара овој занает, дека не е така едноставен, инаку онака од прва што се интересираат, демек еј сакам и јас да научам, но не е едноставно и брзо креваат раце.
Дали доаѓаат деца тука да гледаат, да учат, што викаме порано калфи, чираци и слично?
Нема, се послабо така дечиња има кои се интересираат, гледаат што правиш, како правиш, па да те прашуваат што е сега тоа, за жал се послабо“, истакна Петар Конески.
Она што е можеби најголемата сатисфакција и за прилепчани и за граѓаните од поширокиот регион е тоа што Конески и покрај големиот број понуди за работа во странство се едни од ретките кои ги одбиле и ќе останат тука да го развиваат својот занает.
„Се живее нормално, еден нормален живот. Сега зависи афинитетите на човек колку му се големи за пари, некој многу, немој малку е задоволен и така. Ние сме задоволни со работата и ни причинува задоволство овде да работиме, да сме во Прилеп, не би сакале да одиме некаде на страна да работиме. Многу луѓе летно време идат и велат да дојдиш во Франција нема часовничар, да дојдиш во Германија, во Америка, во мали центри, градови нема, но остануваме тука, вљубени сме во градот, во чаршијата и во занаетот“, потенцира саатчијата Звонко Конески.
Велат доколку човек се труди и кај нас може добро да се живее од занаетчиство.