Битиќи: На земјава и недостигаат 10.000 работници годишно – ќе се увезува работна сила

Околу 10.000 работници годишно и недостасуваат на земјава тврди вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Туризмот и градежништвото се секторите кои најмногу „кубурат“ со кадар и за кои земјава веќе размислува да увезува работна сила.

Во овој момент се разговара со стопанските комори кои гранки би увезле работна сила.

„Најзагрозени се градежништвото, ниско и високоградба, како и хотелиерство и туризам зашто се работи за сезонски работници кои одат во други земји, во блиското соседство, Хрватска, Словенија, па и во земјите членки на ЕУ. Се отвора сериозна потреба за луѓе кои би служеле во тој сектор зашто платите се конкурентни, но не толку како во земјите членки на ЕУ. Тоа е нормален процес, сме го имале, сега само отворено го дискутираме. Лани сме имале 5.300 работници од надвор“, подвлече вицепремиерот.

Според вицепремиерот, новите работни места кои се отвораат не се компатибилни со старите знаења.

„За жал, долго време вештините и знаењето на тие што се невработени не одговараат на потребите на пазарот на труд. Стопанството има потреба некако да ја надополни таа празнина. Факт е дека секој ден има се повеќе и повеќе компании кои укажуваат дека многу тешко наоѓаат работна сила од она што го има на располагање во Агенцијата за вработување или од оние што не се пријавени во Агенцијата. Затоа, Владата прави план преку Оперативниот план за вработување, со преквалификација и доквалификација, да ги подготви за пазарот на труд. Но, до тогаш, има потреба да се увезе работна сила зашто миграцијата е очигледна, не само во Северна Македонија, туку во сите земји од Западен Балкан, па и во Европа“, напомена Битиќи.

На прашање од каде ќе бидат надоместени, односно увезени работници, вицепремиерот вели дека засега тоа не е дефинирано, но имајќи ги предвид договорите од иницијативите „Отворен Балкан“ и „Берлинскиот процес“, најпрво би требало да биде опфатен регионот, а потоа – „оставаме отворено“.

„Мораме да сфатиме дека нашата економија досега се развивала со незадоволителни стапки, а за тоа да се поправи ни треба поконкурентна работна сила. Работниците „бегаат“ за повисоки плати. Кај нас просечната плата достигна 550 евра, а таму каде што одат да работат е 1.100 евра. Во земјите, пак, од кои најверојатно ќе доаѓаат тука работници за во рударство, градежништво, е во просек 200 евра. Тоа е природен циклус на движење на работна сила за подобро“, рече Битиќи.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи