Четири здруженија од Прилеп меѓу основачите на Асоцијацијата на велосипедски здруженија на Македонија

Четиринаесет здруженија на велосипедисти од целата држава основаа Асоцијација на велосипедски здруженија на Македонија. Основачкото Собрание се одржа на 13 март во Неготино.

Според Владо Топчиоски од Здружението на велосипедисти „Маркови точакџии“, со формирањето на АВЗМ конечно велосипедистите во Македонија ќе имаат организација со која ќе влијаат за унапредување и промоција на велосипедизмот во државава, како и за меѓусебна поддршка на здруженијата за велосипедизам.

„Претходно како засебни здруженија не бевме доволно влијателни за унапредување на велосипедизмот како спорт воопшто. На пример знаете дека се собираа илјадници потписи со цел да ни биде дозволено да ги транспортираме нашите велосипеди во воз, нешто што е нормално во развиениот свет и што ќе ни овозможеше многу поголема пристапност до велосипедските настани низ државава, но и општо до патеките, но сепак сето тоа беше залудно бидејќи државата немаше слух. Сега подобро организирани и сплотени со Асоцијацијата се надеваме дека ќе се избориме и за подобра велосипедска инфраструктура низ Македонија, но и поголема соработка со институциите, бидејќи велосипедските здруженија со своите настани кои ги организираат и тоа како придонесуваат за развој на алтернативниот туризам. Затоа ги повикувам и останатите клубови кои не беа присутни на основачкото собрание да ни се придружат, затоа што само заедно може да ги оствариме нашите права и нашите идни планови и цели“, истакна Топчиоски.

Интересен податок е што од 14-те здруженија основачи на Асоцијацијата, дури 4 се од Прилеп, што докажува дека овој спорт и овој вид на рекреација се доста развиени во градот под Марковите Кули. Од Здружението на велосипедисти „Маркови точакџии“ најавуваат дека за прв пат оваа година на 1 и 2 јули ќе организираат дводневен аутдор настан на планината Бабуна, во кој ќе биде вклучена велосипедската тура „Ramnište Cave MTB 2023“, која што ќе вклучува и посета на пештерата Рамниште во близина на с. Ореовец кај Прилеп.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи