Во Битола, на плоштадот „Магнолија“, во центарот на градот, вечерва се одржа протест на група граѓани со мотото „Сите сме Јана“ и „Правда за Јана“, кој се организира поради смртта на 5 годишното девојче од битолско Кравари, Јана Христовска, кое почина на 22 март откако прими инфузија во Клиничката болница во Битола. Според исказот на родителите, ситуацијата започнала да се влошува кога девојчето примило некаде половина од течноста на инфузијата и шеќерот кај девојчето од 9 се искачува на 19 единици. Потоа започнуваат компликациите и за кратко време таа починува. Родителите обвинуваат за несоодветен третман од страна на медицинскиот персонал врз нивната ќерка.
Вонреден инспекциски надзор во болницата изврши и Државниот здравствен и санитарен инспекторат кој првично не утврди пропусти во лекувањето кај девојчето. Но така не мислат родителите и луѓето кои денес излегоа на протестот.
„Сакам да кажам дека овој протест го организираме со една голема огорченост по тоа што го видовме како изјава на родителите вчера и нивните сведоштва кои ние народот ги земаме како факт. Факти пред кои институциите треба длабоко да размислат и да проверат и да не скријат ниту милиметар од вистината и тоа што се случувало тој кобен ден, таа среда, точно една недела од денес. Во договор со родителите го организираме овој протест и треба да ја пренесам тука нивната порака која е кратка и концизна: Ние не можиме дфа ја вратиме назад Јана, но сакаме да спасиме колку што можиме повеќе дечиња да не ја доживеат истата судбина која ја доживеа Јана. И под тој мотив ние тргнавме вечерва и ќе одиме до сите места до каде што е потребно. Прво чекаме да излези обдукцијата, обвинителството да видиме какви чекори ќе преземе и после ќе видиме во која насока ќе се одвива нашето делување. Најмногу веруваме дека обдукцијата ќе го кажи вистинскиот одговор додека е вистинита. И како што најавија дека има 2 Комисии, дека двете Комисии ќе бидат согласни, а ако треба понатаму нека вклучат и странски експерти. Имаме од соседните држави нека најдат и да го решат овој процес еднаш како што треба, без да има ниту милиметар прикривање на вистината“, изјави Игор Петкоски, кум на 5 годишната Јана Христовска.
Денеска од битолското јавно обвинителство истакнаа дека обдукцискиот наод се уште не е доставен до нив, но во меѓувреме тие презеле повеќе активности за испитување на настанот. Извршен бил распит на повеќе лица, кои имаат определени сознанија, а обезбеден бил и дел од медицинската документација.
Исто така 5 члена Комисија на Министерството за здравство, составена од лекари специјалисти, вчера ги направила потребните истражувања во битолската болница, но од Министерството не откриваат што првично утврдила Комисијата. Денеска и премиерот Ковачевски изјави дека извештаите од обдукцијата требало да ја покажат причината за смртта на петгодишната Јана, па потоа ќе се знаело што ќе се презема. Граѓаните пак бараат институциите совесно да ја истражат целата работа без да сокриваат факти.
„Да не се повтори Јана. Јана здраво дете, матичната на Јана гарантира дека детето немало никаков срцев проблем, а сега установиле дека починала од срцето. Тука во Битола многу лоши работи се случија. Почина Благојче од цистична фиброза, почина Јана, Битола е завиена во црно. Ова е протест поддршка на родителите да ја извадат правдата на виделина. Министерството за здравство, обвинителството да си ја бркаат работата за да имаме верба во нив. Ние децата наши веќе ни е страв да ги однесеме на болница“, вели еден битолчанец кој беше излезен на протестот.
„Резил е ова, за Благојче не најдоа лек, откако умре тогаш го донесоа лекот. Или за Јана, да не се повтори повеќе никогаш за никое семејство“, вели една граѓанка.
„Ова е касно, поготово за Битола, затоа што Битола ја направија не последен град во Македонија, последен во Европа, катастрофа е здравството“, додаде друга граѓанка.
„Многу луѓе тука заминаа по грешка на лекарите. Тоа да се види да се испита и да се дознае“, кажа една граѓанка.
Понатамошните чекори на семејството и граѓаните ќе зависеле од тоа што ќе покаже обдукцијата и во која насока ќе се одвивал целиот случај.