Голема пролетна еколошка акција во Прилеп – се засадија 10.000 садници

Десет илјади садници бел, црн бор и костен денеска се засадија на ридот кај прилепско Алиници, во близина на градската депонија.

Според градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески денешната акција е само продолжување на претходната во организација на Советот на Општина Прилеп.

„Посветени сме и загрижени за состојбата со зелените појаси кои недостасуваат. Им препорачуваме на сопствениците на соседните ниви да ги заштитуваат, да внимаваат, зашто ова е трет обид да се пошуми ридот. Со ова акциите продолжуваат, зашто пред неколку месеци на иницијатива на Советот засадивме околу 4.000 садници“, рече Јовчески.

Според Јовчески, со овие еко акции се исполнува замислата за засадување на над 2.000 садници секоја година во околина на Прилеп.

Територијално, прилепската е најголема општина, но со најмалку зелени појаси. Има околу 20 проценти, а треба да бидат барем 50 отсто на околните површини. Пецо Јовески, раководител на прилепската подружница „Црн Бор“ на ЈП Национални шуми смета дека треба и поригорозни казни за дрвокрадците и уништувачите на шумското богатство.

„Неопходно е зголемување на граѓанската свест која, за жал, е на ниско ниво. Прилеп иако по територија е најголема општина, има мала покриеност со зелени појаси во околината. Тоа е аларм за што поголема грижа и секоја акција е добредојдена. Голем данок од шумското богатство земаат пожарите, дрвокрадството, негрижата. Мора што поскоро да се промени односот и да се зголеми одговорноста“, вели Јовески.

Инаку денешната акција за пошумување е на иницијатива на прилепската текстилна компанија „Комфи Ангел“, од каде велат дека во иднина ќе организираат уште една ваква акција со цел целиот рид да биде пошумен.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи