Фото панели за производство на електрична енергија на покривите на јавните установи и јавните комунални претпријатија во иднина ќе се поставуваат со пари од самите претпријатија. Ова денеска го истакна претседателот на Совет на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, одговарајќи на новинарско прашање зошто со општинската обврзница не се предвидени средства за овие инвестиции кои беа споменати кога беше организирана јавната расправа.
„Гледате дека полека, полека пазарот на електрична енергија се стабилизира, цените дојдоа на некое понормално ниво од она што беше во текот на 2022 година и сметаме дека дел по дел јавните установи и јавните комунални претпријатија ќе можат од сопствените буџети да направат сопствени извори на енергија, меѓутоа тука постојат и пречките кои се во Законот за производство и потрошувачка на електричната енергија.
Веруваме дека Владата ќе има сенс, ќе има чувство да даде ослободување во тој правец и мислам дека дел од овие проекти и во оваа година, но и во наредните години додека ние сме власт во овој мандат, дека дел од училиштата, образовните институции, јавните комунални претпријатија со сопствени средства и со помош на основниот буџет ќе изработат такви проекти и ќе инсталираат фотонапонски централи кои би служеле за нивно користење.
Треба да бидат информирани граѓаните дека во моментов најголемиот дел, бидејќи најголем дел како правни лица се образовните институции, 16 на број, електрична енергија користат само за осветлување. Меѓутоа со овие фотонапонски централи ако се изработат може дел од енергијата да се намени, односно да се троши за јавното осветлување, со што дополнително би се намалиле фактурите за јавното осветлување“, кажа Проданоски.