ВИДЕО – Врвните креации на филигранистот Надица Гегоска од Прилеп се едни од најбараните во Македонија


Надица Гегоска која по потекло е од Кавадарци, а живее и работи во Прилеп, веќе 3 години се занимава со една уникатна уметност кај нас, а тоа е филигранството. Со уметност воопшто, односно цртање, започнала да се занимава уште од мали нозе, во основно училиште добива прва награда за изработка на дела кои се прават на сличен начин како овие, од конец и парчиња материјали од народна носија. Потоа случајно открива дека и во Македонија се продава срмениот конец за изработка на овие раритени креации, го купува и започнува само да учи како истите да ги изработи.

Тотално сум самоук уметник, имам око да ги видам работите, т.е. вртењето на конецот од другите изработувачи на овие ракотворби. Исто така имам добри пријателки кои што се од Прилеп и кои исто така изработуваат филигран од срмен конец и секогаш разменуваме свои мислења, техники, нешто што сме нашле како да се работи полесно и да изгледа поубаво“, истакна Надица Гегоска, изработувач на филиграни.

Денес пеперутки, разни видови на птици, икони, се само дел од врвните уметнички дела кои ги изработува Гегоска.

Прво дело ми е пеперутка која сама ја нацртав и тоа дело ми стои кај моите родители, поради тоа што тие секогаш моите први нешта, моите први дела ги чуваат најдобро.

Колку време ја изработувавте првата пеперутка?

 Првата пеперутка доста долго, ја изработував можеби 3 дена бидејќи не знаев како да почнам, не знаев од колку компоненти треба да биде составена и одлепи – залепи почнав сама да правам, да ги гледам работите од другите кои изработуваат ракотворби и ја направив“, додаде Гегоска.

Досега има изработено околу 1.020 дела, односно, ако работи само 3 години, тоа значи дека Гегоска изработува некаде по 1 дело на ден.

Јас имам шеми од сите пеперутки, затоа што тој што сака да има ваква пеперутка ја сака истата пеперутка која што ја гледа на сликата. Секогаш првиот пат кога ја правам пеперутката од неа вадам шема како кројачите што си вадат шаблони за кроење. Потоа истата пеперутка ја цртам најпрво на хамер со молив и на хамерот ја опшивувам, ја општочувам со подебелиот конец кој ми ги прави контурите на целата пеперутка. Потоа внатре пеперутката ја полнам со потенок конец кој ја дава оваа грациозност. На крајот целата пеперутка е украсена со циркони и многу од овие ракотворби што ги гледате се моја сама инспирација“, рече Гегоска.

Најголемиот дел од овие творби Гегоска ги подарува на свои, пријатели, роднини, блиски. Но исто така оној кој сака да купи дел од овие креации истите може да ги погледне и да ги порача на нејзината ФБ страна Filigran od srma NG, каде има фотографии од сите нејзини изработени уметнички дела, а ги има и во некои локални продавници во Прилеп.

Најчесто младите ги бараат помодернистичките дела кои не се секојдневни, како што е бувот, двете заљубени пеперутки, пеперутките кои го означуваат семејството и домот и паунот. Додека преку летните денови, кога ќе се вратат нашите од дијаспората секогаш ги бараат оние традиционални македонски филиграни како што е македонскиот брош пеперутката, обетките гулабици и пафтата која во моментот ја немам, но тие се најмногу барани, во различни големини и во златна и сребрена боја“, вели Гегоска.

Гегоска вели дека филигранството е занает кој се повеќе добива на подем кај нас.

Најтешкото дело досега што го имам изработено е „Тајната вечера“, која што ми беше направена на димензии метро и четириесет на седумдесет, која само пред 3 дена ја зедоа и сега е во манастирот „Свети Илија“ во Славеј. Најчесто ги купуваат делата кои веќе се објавени на Фејсбук, но има и граѓани кои имаат свои специфични нарачки. Еве конкретно најспецифичната нарачка која што сум ја имала е сон на одредена клиентка, имаше крст, Исус и 2 ангели. Тоа го сонувала, тоа сакаше да го има на сликата. Секогаш има сомнителност кога ги гледаат сликите на Фејсбук дали истото ќе го добијат, но секогаш добивам пофални зборови дека добиле подобро од тоа што го виделе на сликата“, потенцира Гегоска.

Во моментов работи од дома, а во тек е изработката на нејизното атеље кое треба да биде отворено наскоро, каде граѓаните ќе можат непосредно да се запознаат со нејзината работа и да ги видат нејзините дела.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи