ВИДЕО – ЕУ и родовата еднаквост во мојата општина


Поголем дел од општините во државава се без конкретен буџет и програма за родова еднаквост. Голем дел од Комисиите за еднакви можности во Општините немаат состаноци, ниту пак преземаат некои поконкретни активности во локалната заедница на теми поврзани со родовата еднаквост. Некои општини до лани не одвојувале ниту денар за оваа намена. Не се изготвуваат ниту годишни извештаи за еднакви можности на едниците на локалната самоуправа за напредокот на состојбата со еднаквите можности на мажите и жените, што пак е нивна законска обврска. Вака изгледа сликата со родовата еднаквост кај нас.

Пример во Општина Прилеп, како еден од поголемите урбани центри во Македонија, до пред само една година немало ниту буџет, ниту програма за родова еднаквост. Годинава за прв пат се одвојуваат 600.000 денари за овие активности. А Комисијата за еднакви можности сега е една од најбројните и има 14 членови.

Во претходниот период ние како членови на оваа комисија, бидејќи сме најбројни, одржуваме состаноци каде главна цел ни беше да направиме некоја анализа и претходно истражување на тие фокус групи, или целни групи со цел да ги увидиме и нивните реални потреби и барања и врз основа на сето тоа да ги имплементираме активностите, затоа што целта на крајот на програмата е да има бенефит за сите граѓани локално ниво, а најмногу за сите засегнати групи кои што припаѓаат во оваа комисија“, рече Александра Димова, претседателка на КЕМ Прилеп.

Слична е ситуацијата и кај руралните општини како Кривогаштани, но и таму започнуваат работите да се поместуваат од мртва точка, секоја донесена програма се гледа да има родова сензитивност, бројот на мажи и жени пак во советот, вработени во администрацијата и поставени на раководни позиции е скроро еднаков.

Обуките за јакнењето на свеста на вработени во институциите, како подолгорочна мерка, затоа што од тука почнуваат сите мерки. Мора да бидат вработените обучени за понатаму да ги инкорпорираат во програмите и мерките што ги спроведуваме. Потоа како друга долгорочна мерка можам да ја споменам исто како обука во училиштата кај најмладите, кај дечињата, обука да се развие свесноста за родовата еднаквост за понатаму да се развиваат, да ги искоренат тие, да ги препознаат родовите стереотипи кои се појавуваат“, истакна Дејан Киселоски, координатор за еднакви можности во Општина Кривогаштани.

Но сепак состојбата со родовата еднaквост иако е далеку подобрена отколку во минатото, пример во однос на бројот на советници, директори на некои јавни претпријатија, сепак заслужува многу повеќе внимание. Стереотипите се уште се присутни, нема жени претседатели на урбани или месни заедници, некои професии како да се резервирани за мажите. Советниците во Општина Прилеп се задоволни од издвоените средства од буџетот за оваа намена и очекуваат пчодобрување на состојбите на овој план.

Јас би рекла дека третманот и статусот на мажите и на жените треба постојано да се надградува, на секое ниво на власт, без разлика дали е на централно или локално ниво, со цел да се намалат тие разлики, стереотипи, ограничувањата и на тој начин ќе имаме повеќе жени кои ќе пројават интерес кои ќе учестуваат во креирањето на локалната политика, тргнувајќи од месните самоуправи, па се до практицирањето на политиката на градот. Во тек е изготовка на таа програма на Комисијата за еднакви можности, или кратко ја викаме КЕМ, која што ќе предвидува низа на активности, настани, програми, иницијативи кои ќе треба да работат на јакнење и на жените и на мажите подобро да се разбираме, да има една поголема сензибилност за сите нас“, изјави Ирена Стерјоска Локвенец, советник во Општина Прилеп.

 

Сметам дека имаме доволен број на жени вклучени во политичкиот живот, затоа што и носител на листата на последните локални избори, со новите мандати беше жена носител и редоследот на секој советник беше маж – жена, така да сметам дека нашата застапеност во локалната самоуправа како советници е задоволителна. Меѓутоа она што сметам дека треба да се направи во однос на машката и женската професија, морам да споменам дека во дадени професии во нашата држава, или овде на ниво на локалната самоуправа, или општина Прилеп, има професии каде се уште жената, особено во инжинерство, рударство и машинство имаме поплаки во тој дел дека тешко е да се добијат тие работни места“, кажа Марија Симоноска, советник во Општина Прилеп.

Граѓанскиот сектор признава дека имаме значајни исчекори на одредени полиња за ова прашање, пример младите веќе биле запознати со родовата сензитивност и истата ја практикувале, но клучни играчи во практицирањето на родовата едкавост според нив биле локалните власти.

Сметам дека се уште сме стереотипно општество, каде родовите прашања се уште преставуваат проблем, особено во повисоките политички кругови и организирања. Сметам дека во младата популација постои родова сензитивност, односно свесни се за прашањата кои се однесуваат токму од родовиот аспект. Верувам дека и нашата општина во нареден период ќе ги отвора овие прашања на сите нивоа на уредување“, потенцираше Зоран Илиески, извршен директор на Коалиција СЕГА

 

Единиците на локална самоуправа се важен фактор во процесот на обезбедување на еднаков пристап на можности и услуги и за мажите и за жените на локално ниво. Општините и единиците на локална самоуправа ја имаат таа уникатна позиционираност и се клучни актери во процесот на правично, инклузивно, ефикасно и ефективно владеење, па затоа доколку градиме општество засновано на еднаквост, клучно е во локалните политики и програми да се воведе родовата перспектива“, додаде Марина Тошеска ЛАГ АГРО ЛИДЕР.

Дел од граѓаните пак со интересни ставови, зошто се уште немаме комплетна родова еднаквост и како до неа. Сметаат дека имаме добра законска легислатива, но како и за многу други работи, таа останува добра само хартија.

Пред се тука се работи за институционални стеги, односно закоравеност во размислувањето и дозволувањето на жени на позиции кои можат да одлучуваат, иако има примери на жени кои тоа одлично го прават. Од друга страна мислам дека жените недоволно самите сепак се трудат да бидат на такви позиции. Сепак тоа е процес кој бара многу истрајност, труд и работа и мислам дека не секогаш си го дозволуваат тој индивидуален подвиг“, вели еден граѓанин.

 

„Сметам дека кај жените кои се многу успешни, кај луѓето раѓаат сомнеж како е нештото постигнато, што на некој начин влијае на нивниот светоглед, во смисла дали јас ова го направив или само имав среќа, или некој ми помогна, што сметам кај мажите не е случај. Ако еден маж е успешен тогаш сите му аплаудираат, кај жените луѓето реагираат малку скептично, што можеби е причината да жените се повлекуваат, да не се толку асертивни, да не се толку агресивни за да ги добијат позициите кои ги заслужуваат“, додаде друга граѓанка.

Од НВО Рурална Коалиција кои правеле истражување на оваа тема во општините, Гостивар, Врапчиште, Прилеп, Кривогаштани, Кичево и Пласница потенцираат дека Европската повелба за еднаквост вклучува еднакво учество на мажите и жените во донесувањето одлуките и тоа е значаен предуслов за едно демократско општество кое сака да биде дел од ЕУ семејството.

Станува збор за тема која е хоризонтална, односно која што ќе се оценува и ќе се има во предвид при отворањето на секое поглавје или кластер кога говориме за европските интеграции, но она што нас ни е позначајно е како да допре информацијата за евроинтеграциите, односно што преставува и што значи родовата еднаквост во локалната заедница, па дури и во најоддалечените рурални средини. Самата информираност, како и промовирањето на родовата еднаквост на локално ниво, всушност ќе овозможи и да се унапреди процесот на нејзино практикување во локалната заедница, бидејќи исклучиво само преку земање подеднакво во предвид на потребите и на мажите и на жените ќе се овозможи подеднаков напредок на општественото живеење“, истакна Лилјана Јоноски, извршна директорка на „Рурална Коалиција“.

Само преку родовата еднаквост може да се подобри квалитетот на животот во заедницата, но е да се приближиме кон сите евроинтеграциски процеси кои ни претстојат нас како држава.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи