„Дозволи да летне ко’пиле 2“ – самостојна изложба на Сокол Марковски во Цепенков

На 07.04.2023 (петок), во 19.00 часот, во НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп ќе биде отворена осмата самостојна изложба на Сокол Марковски, под наслов „Дозволи да летне ко’пиле 2“. Изложбата се состои од 30- тина дела, изработени во периодот на 2022 година во техниките масло на платно, масло на плексиглас и комбинирана техника и дигитален принт на хартија.

Изложбата насловена „Дозволи да летне ко’пиле“ на Сокол Марковски се однесува на невидливоста на одредени категории лица, во конкретниот случај напуштените деца, (п)оставени на маргините на општеството во кое уште од најраната возраст се соочуваат со различни видови дискриминација. Маргинализираните групи деца вообичаено се оние на кои поради неможноста да растат и да се развиваат во сопствено семејство, повеќе или помалку, им е ускратена пристапноста до социјалните, економските, политичките и културните права. Предрасудите и стереотипите, кои сè уште (изразено) постојат во нашето општество, претставуваат длабоко социјална проблематика и најчесто овие деца се третираат како речиси невидливи во општеството, односно се избегнувани како безлични ентитети со различен вид омаловажувачко етикетирање.

Портретите (портретот како тематска определба го усовршува подолг период) се средство за најексплицитна и најдиректна форма за соочување со ликот и страдањето на Другиот, со „копилињата“ кои, иронично, општествено треба да се безлични. Предимензионираноста е тенденциозна заради постигнување нивна поголема видливост, наспроти посочените наметнати невидливи позиции, при што се претставени интимните психолошки состојби. Преку црно/белата палета дополнително се алудира на дуализмите како што се: темнина/светлост, позитивно/негативно, припадност/неприпадност, видливост/невидливост, појавност/внатрешност, полно/празно… Притоа, се манифестира одреден вид деконструкција на повеќеслојните ликови (поставени врз монохромна позадина) зад наталоженоста, зад маската на појавноста и визуелизација на внатрешната експресија на личностите преку минимална употреба на „не-бојата“. Состојбата на страдање во ликовите е  недовршена/несовршена и е суров сенишен одраз на „светот на идеите“, иако децата се разликуваат според сопствените експресивни психолошки карактеристики. Реалните и имагинарни ликови, преку феноменот на „копилето“, говорат за позиција во општеството обременето со конформистичка колективна селективна меморија. Сокол Марковски преку оваа изложба (и претходната „Рак не е само хороскопски знак“) ја продолжува тенденцијата на социјално ангажирани проекти во чија основа се наоѓа борбата за дестигматизација на луѓето од маргините, нивна понагласена видливост, со поттик за решавање на проблемите и конечно иницирање целосна интеграција. Изложбата „Дозволи да летне ко’пиле“ поаѓа од интимна приказна со автореференцијална форма, базирана врз сопственото искуство во животот и работата и претставува настојување на авторот преку уметнички исказ (кој навлегува и во сферата на терапевтското) директно да ја посочи потребата за менување одредени општествени позиции преку влијаење врз свеста и моделите на однесување, односно Јунговите архетипови на однесување на колективното несвесно наспроти индивидуалноста на различниот Друг.

Сокол Марковски е роден 1966 година во Скопје. Завршил ГУЦ “Здравко Цветковски”, Архитектонски оддел во 1986 година. Дипломирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, Факултет за ликовни уметности, педагошки отсек, насока сликарство, во класата на проф. Јован Шумковски во 2018 година.

Самостојни изложби:

2023    Прилеп, Дозволи да летне ко’пиле 2, НУЦК „Марко Цепенков“

2022    Скопје, Дозволи да летне ко’пиле, НУ Музеј на Република Северна Македонија

Охрид, Рак не е само хороскопски знак 2, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, Куќа на Робевци

Кочани, Рак не е само хороскопски знак 2, НУЦК „Бели мугри“, Салон фоаје  2

2021    Скопје, Рак не е само хороскопски знак, Дом на култура „Кочо Рацин“, Галерија „КО-РА“, Голем салон Скопје, Рок портрети, „БифеТафталиџе“

2019    Скопје, I can see you in the darkness, Културно-информативен центар (со Елита Алити)

2016    Сплит (Хрватска), Art is all around us, Dom mladih “KOCKA”

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи