ВИДЕО-Дали до крајот на летото Прилеп ќе добие нова градинка? – Нови најави за отворање на градинката во Точила


После големите критики на прилепчани и на граѓанскиот сектор дека околу 300 деца со години во Прилеп чекаат сместување во градинка и не можат да го добијат, а во населбата Точила има изградено градинка за 252 деца и не се пушта во работа денеска увид извршија министерката за труд и градоначалникот на Прилеп. Беше посочено дека пуштањето на градинката, која е инвестиција на Општина Прилеп и требаше да профункционира уште во 2021, доцнело поради немање на ограден ѕид и одредени други недостатоци кои ги увидел архитектот и требало да се санираат. А и инвентарот и опремата која требаше да ја набави Министерството пристигнала дури сега кон крајот на март.

Не беше во проектот опфатен завршната обиколна ограда, за која имаше потреба да се изготви нов проект, ново одобрување, да ги помини сите административни одобрувања, а веќе е во процес на работа изработката на тој ѕид. Исто така до пред неколку дена, поточно 24 март му заврши обврската на Министерството за труд и социјална политика да си го обезбедат внатрешниот инвентар“, истакна Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

 

Со испораката на опремата, Министерството за труд и социјална политика ја исполни обврската во предвидениот рок, може да видиме дека опремата е стасана и секако по задолжувањата кои се дадени од страна на архитектите и на тимот од детска заштита од Министерството за труд и социјална политика до  Општина Прилеп, верувам дека некаде до крајот на летото ќе можеме да ја отвориме градинката“, изјави Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика.

Сега освен овие градежни зафати требало да се направи и нова систематизација и Министерството за финансии да одобри вработување на околу 35 мина, стручни лица и друг кадар кои треба да работат во градинката. Но дали оваа година Прилеп ќе добие нова градинка останува да покаже времето.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи