ФОТО ГАЛЕРИЈА: Планинарска дружба во чест на Томе Темелкоски

По втор пат Прилепски Планинари Авантуристи ја организираа планинарската дружба по Селечка Планина во чест на градителот на планинарскиот дом Томе Темелкоски, а на истата присуствуваа над 200 планинари од цела Македонија.

Станува збор за тура која започна од манастирот Свети Димитрија во село Селце, по која се посетија голем број на локалитети добро познати кај прилепчани како Домаќинско Чешмуре, Дина Нива, Стогот, помина покрај Врапчето, едно од окната во кои се испитувала ураниумската руда на Селечка Планина, врвот Устрелец со споменикот Карпалаг, од каде се продолжи кон под врвот Чуле, а потоа во планинарскиот дом Томе Темелкоски. На слегување патеката помина покрај Желката и нејзиното височество Момата, а турата заврши повторно во манастирот Свети Димитрија.

Планинарскиот дом Томе Темелкоски започнува со изградба во 2005 година на иницијатива на човекот по кого и го носи името, прилепскиот планинар Томе Темелкоски, додека со изградба завршува во 2010 година. На почетокот домот го носел името Прилепски Бранители, во чест на бранителите кои загинаа во заседа во војната во 2001 година кај месноста Карпалаг, но по смртта на Темелкоски домот бил прекрстен по неговото име, во негова чест. Материјалите потребни за изградба на домот биле качувани во ранци и со маски, а во неговата изградба помагале и голем дел од прилепските планинари.

Треба да се истакне дека Томе Темелкоски е човекот кој го изгради и споменикот Карпалаг на врвот Устрелец, исто така во чест на загинатите прилепски бранители, на 08.08.2004 година.

Оваа година оваа дружба имаше и хуманитарен карактер, односно во домот беше поставена донаторска кутија за собирање на средства, во која беа собрани над 15.000 денари кои ќе бидат наменети за негова обнова и реконструкција затоа што планинарскиот дом што од временските услови, што од некултурни “планинари“ е во доста лоша состојба. Реновирањето е планирано да се одвива етапно, со помош на планинарите од Прилеп.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи