Во среда, 31.05. во 18 часот ќе се одржи 79-тата по ред Критична Маса во Прилеп под мотото „Прилеп мора да биде вело град“, со која воедно ќе се прослави и 9-от роденден на Критична Маса – ПрилепНаТочак.
„Оваа среда возиме низ прилепските улици, се дружиме и ја испраќаме пораката до надлежните институции која гласи „Прилеп мора да биде вело град“. Во месец мај го прославуваме 9-от роденден на Критична Маса – ПрилепНаТочак, ние сме тука, а борбата за подобри вело услови низ градот продолжува“, велат од ПрилепНаТочак.
Велосипедската инфраструктура во Прилеп е скоро и непостоечка, а и таа што ја има често е узурпирана од контејнери и паркирани возила, или пак воопшто не е обележана, поради што преставува вистински предизвик за велосипедистите во градот да се движат и чувствуваат безбедно. Придобивките од користењето на велосипедот како превозно средство, но и општо од самото возење на велосипед ги знаеме сите, па затоа ајде сите љубители на велосипедизмот од Прилеп во среда во 18 часот да се појавиме во што е можно поголем број, да докажеме дека и ние сме рамноправни учесници во сообраќајот, но и да се избориме за сигурна и безбедна велосипедска инфраструктура каква што заслужуваме.