ВИДЕО – Донација апарат за преглед на слух за новороденчиња за прилепската болница од хуманитарниот концерт во Крушево


Синоќа на платото пред Спомен домот Тодор Проески во Крушево здружението на граѓани „Игри без граници“ организираше хуманитарен концерт – „Детска насмевка за овој свет“, на кој млади артисти ги пееја песните на Тоше. Концертот се организира на датумот 23 јуни, кога Тоше го организираше неговиот втор голем концерт на Градскиот стадион во Скопје кој сега го носи неговото име. Со собраните средства ќе се купи апарат за преглед на слух на новороденчиња за болницата во Прилеп, каде Тоше беше роден. Ист ваков концерт се организираше и во 2021, на 29 јуни, кога Тоше го одржа првиот концерт на Градски, а тогаш се купи ист ваков апарат за Клиникината во Скопје.

„Целиот проект е да се покрие секоја болница во Македонија, за секое новороденче во Македонија, со мотото да ја слушне „Те сакам“. Да се помогне пред време, да се интервенирфа пред време и да им се помогне на тие дечиња, да може да имаат добар развој низ растењето и да немаат проблем со слухот и говорот“, истакна Александар Зацески, организација „Игри без граници“.

 

„Спомен куќата на Тодор Проески, особено во последните 2 години, е насочена кон промовирање на некој начин на трајните вредности поврзани со неговата активност кога станува збор за заштита на правата на децата и за промовирање на посебностите, имајќи предвид дека Тоше пееше за сите, го сакаа сите, неговата музика не познаваше граници, неговата хуманост исто така“, додаде Лефкија Гажовска, директорка на Спомен дом Тодор Проески.

Младите артисти велат дека со голема желба и ентузијазам го продолжуваат аманетот и делото кое го остави Тоше.

„Се трудиме да правиме работи, да се потсетуваме на делото на Тоше, сите тие убави моменти кои ги правеше Тоше, така што само треба да бидеме упорни и да се трудиме да го извадиме најдоброто, онака како што Тоше знаеше да го направи“, изјави Никола Зацески, дел од организацијата и настапувач на концертот.

 

„Чувството е преубаво, навистина чест и задоволство ми е што вечерва сум тука, но и одговорноста е голема морам да празнаам. И самиот концепт и самото пеење на песните на Тоше, особено во неговото родно Крушево. Многу ми е мило што се организираат вакви настани, што има простор и можност каде да ја продолжиме хуманата мисија на Тоше“, рече Тамара Стојковска, настапувач на концертот.

 Во иднина се планира бројката на овие хуманитарни концерти да се зголеми за да се донираат што е можно повеќе средства за тие на кои им се најпотребни, а со тоа ќе се продолжи и големата хумана мисија на Тоше.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи