ВИДЕО – Се поголем интерес кај младите да се изучуваат народните инструменти – по 13-ти пат во Прилеп се одржува Семинарот за народни песни и инструменти


По 13-ти пат во Прилеп се одржува Семинарот за народни песни и инструменти во состав на Фестивалот „Пеце Атасовски“ чие 49-то издание треба да започне во петок на камената бина на плоштадот „Александрија“ во Прилеп. Годинава дел од овој семинар се 10-тина млади кои учат во Средното музичко училиште „Илија Николоски Луј“ од Скопје и кои веќе имаат вештини за свирење на одредени народни инструменти, а тука само го надополнуваат и го надоградуваат своето знаење и се учат на поавтентична изведба на народните песни.

Многу е важно овие млади луѓе да продолжат по патот на традицијата, по патот на она што нашите предци го негувалеи го создавале и твореле низ текот на вековите и во минатото и денес. Да не отстапуваме од музиката која се исполнувала на овие инструменти, бидејќи сепак нашиот идентитет е таков каков што е, а најмногу можеме да го нагласиме преку самата музика, она што го свириме, она што го зборуваме преку инструментот и она што го кажуваме со безбројните песни кои ги создал нашиот народен гениј“, истакна проф. Д-р Горанчо Ангелов, музичка академија Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип.

Како тема на годинешниот семинар е земен Малешевско-Пијанечкиот регион за кој што семинаристите ги прошириле и своите теоретски знаења за песните и ората од овој крај.

Бидејќи секој оној кој се бави и се занимава со музика, пеење, свирење, играње, треба малку да знае и некои теоретски работи за потеклото на инструментите, потеклото на песните, потеклото на оние играорни обрасци кои се негуваат во тој регион. Што сакам да кажам? За еден уметник на овие народни инструменти ќе биде многу побогат кога ќе има прилика да ја презентира неговата музика која ја изведува, не само како таа звучи, туку и да даде една елаборација за нејзиното потекло, кој ја пеел, во кои моменти, кои обреди била таа музика“, додаде Ангелов.

Младите кои се дел од овој Семинар велат дека се дојдени во Прилеп затоа што сакаат да научат повеќе за нашиот фолклор. Потенцираат дека има се поголем интерес кај нивните врсници да се продолжи да се изучува нашата традиција. Истакнаа дека кога би имале повеќе можности да ја презентираат нашата култура надвор од Македонија многу повеќе би се популаризирала народната музика кај младите. Сега повеќе настапувале во Македонија, а поретко во странство.

Јас за семинарот „Пеце Атанасовски“ мислам дека е многу добар семинар и добро ќе се одрази на нас, со тоа што ќе ги усовршиме владеењата на овие народни инструменти. Јас оваа година почнав да свирам кавал и се надевам дека од тука ќе “украдам“ некои техники или начин на свирење со што ќе го подобрам моето изведување на овој инструмент“, вели Младен Димитриевски, ученик во ДМБУЦ „Илија Николоски Луј“ – Скопје.

 

Мислам дека во голема мера е зголемен бројот на семинаристи и деца кои сакаат народни инструменти и мислам дека треба да продолжи и понатаму кога нашите професори ќе го препуштат ова на нас помладите мислам дека треба да го превземеме и да продолжиме да го негуваме тоа што ни е останато од предците, затоа што тоа е нашиот идентитет и тоа е нешто со што можеме да се разликуваме од другите народи во светот“, додаде Дарио Стојаноски, ученик во ДМБУЦ „Илија Николоски Луј“ – Скопје.

 

Свирам на кавал веќе 4-та година, од лани почнав да свирам и тапан. Така ми беше некако предизвик да почнам да го свирам, затоа што сметам дека многу малку девојчиња свират и сакав да пробам да видам како ќе биде“, кажа Драгана Михаиловска, ученик во ДМБУЦ „Илија Николоски Луј“ – Скопје.

 

Баш во мојата генерација има многу деца кои свират, исто и во мојот клас повеќе сме свирачи од играорци или пејачи, така да јас мислам дека понатаму се повеќе и повеќе деца ќе почнат да свират на инструменти ако се основаат повеќе школи, ако има повеќе концерти и мислам дека ако би имале настапи и би презентирале надвор од државата, ама ние како деца, тогаш би била многу поголема популарноста и би било многу подруго, да си ја презентираме нашата држава насекаде буквално“, рече Младен Стојкоски, ученик во ДМБУЦ „Илија Николоски Луј“ – Скопје.

Инаку фестивалот ќе започне во петок во 19 часост на Камената бина во Прилеп, а вториот ден, во саботата учесниците ќе настапат во Долнени, кај месноста Рудина.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи