Крушевската депонија изминативе неколку денови повторно се запали и целиот град беше задушен во чад и непријатна миризба. Освен штетноста по здравјето на граѓаните, тоа остава грда слика и кај туристите, особено годинава кога Крушево е прогласен за „Град на културата“, а веќе започна одржувањето и на параглајдинг натпреварите, каде доаѓаат спортисти од целиот свет, кои треба да се гушат во црнила. Од Општината велат максимално се преземале сите напори за спречување на овие пожари. Ја истретирале депонијата со средства од природни материјали кои требало да го разградат био материјалот и метанот наталожен таму со децении за да не доаѓа повеќе до запалување. Постапката требало да се повтори неколку пати до крајот на годината, но излезот се гледа во изградба на долго очекуваната регионална депонија во Општина Новаци, која што државата ја ветува со години, но таа никако да профункционира.
„Ова е државен проблем, сите депонии се диви, можам слободно да кажам, во изминатиов период ЕУ донираше околу 50 милиони евра за справување со отпадот. Односно отворање на регионална депонија во село Новаци и овие локални или општински депонии, треба да се затворат“, истакна Томе Христоски, градоначалник на Крушево.
Крушевската депонија се простира на површина од околу 1 хектар, но најголемиот дел од неа се наоѓа во планински дол и нејзината локација е комплетно несоодветна. Како клучна компонента во целиот процес за заштита на животната средина и спчречување понатамошни пожари, освен отворање на регионалната депонија, каде треба отпад да складираат 18 општини, од Пелагонија, Преспа и Охридско, се гледа и во воведување на систем на селекција на отпадот уште кај самите домаќинства, за кој Крушево бара помош од домашни и странски фондови.
„Да имаме селекција на целиот овој материјал за да немаме потоа проблем со самозапалување, бидејќи складирањето на тој отпад и материјал создава самозапалување и не влијае добро врз животната средина и врз нашиот град“, додаде Христоски.
Во нарениот период било најавено конечно создавање на тој Регионален центар за справување со отпад, како предуслов за отворањето на регионалната депонија во Новаци.