Деветнаесет уметници од земјава и од странство беа дел од 15-тата по ред Меѓународна ликовна колонија „Дрен“ која деновиве се одржа во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Уметниците работеа во повеќе дисциплини: скулптура, инсталација, сликарство и користеа различни материјали како дрво, метал, прилепски мермер.
„Јас искрено за 15 години, ако направам една ретроспектива гледам од година во година еден многу солиден напредок на ликовната колонија. Но тука не застануваме, секоја година имаме различен приод, малку да смениме, да ја надоградиме, споделуваме искуства и од надвор“, вели Марјан Стојаноски, раководител на колонијата „Дрен“.
Колонијата започна како сликарска, а од 2021 почнува со работа и во скулпторски медиуми, метал, дрво, мермер, со што се додава дополнителен квалитет на колонијата и се става акцент на работата во различни медиуми.
„Сите заедно овде ги спојуваме енергиите и сликаме и твориме во еден амбиент кој што овде во Центарот за култура е идеален. Ги имаме сите услови за создавање, нашите емоции кои што ги преточуваме на вистински начин, во вистинска атмосфера“, рече Александра Димитрова, учесник на колонијата.
„Искулучително многу ми се допаѓа тука и затоа кога ја добив поканата да учествувам со најголемо задоволство ја прифатив и дојдов тука, затоа што колонијата е организирана на многу добро ниво“, додаде Павлина Купану, учесник на колонијата од Бугарија.
„Работам моментално во повеќе медиуми, вајарски техники, еден од истражувачките медиуми е со јута како асоцијација на градот Прилеп, бидејќи ете за прв пат сум оваа година на Колонијата“, кажа Маја Ралева Миладиноски, учесник на колонијата.
За 15 години се создадени околу 400 дела кои остануваат како наследство на Центарот за култура, а делата на годинашната колонија ќе бидат презентирани на изложба во Центарот за култура, како и низ повеќе градови во Македонија. Колонијата се реализира со финансиска поддршка на Министерството за култура.