ВИДЕО – Кареви: Ниту еден Бугарин не учествувал во Илинденското востание, Илинденците се бореа за Македонија


Крушево оваа година одбележува неколку големи јубилеи. Два од најзначајните се 120 години од подигнувањето на Илинденското востание и 70 години од носењето на останките на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев од кочанско Рајчани во 1953 година, тука во Крушево. Практично со носењето на неговите мошти во Крушево се отвора и историскиот музеј во овој град. 120 години потоа стоиме на ова место пред споменикот Македониум, каде од 1990 година неговото вечно почивалиште е префрлено токму во овој објект. Стоиме тука оддавајќи почит на еден од најголемите великани на нашата држава, заедно со неговите најстари потомци Перо Карев и Трајко Карев, внуци од братот Петруш Карев. Со нив ќе поразговараме повеќе околу илинденскиот периоди за тоа како ние го чуваме споменот на Илинденците.

Разговор ќе го започнеме со најстариот потомок, внукот Перо Карев. Како споменот за вашиот дедо се чува во фамилијата?

Петар Карев: Од минатиот век најстар бил Каре, татко на Наќе, а Наќе татко на Никола и Петруш Кареви.

Тие се дедо и татко на Никола Карев?

Перо Карев: Да да. Уште од минатиот век органзирале за ова востание, за Илинденското востание, оделе по селата, организирале, собирале луѓе, што повеќе да има борци.

Сакате да кажете дека и дедото и таткото на Никола Карев се бореле против Османлиите?

Перо Карев: Се бореле против Османлиите и собирале што повеќе да има востаници, оделе по селата, организирале, барале луѓе кои што се искрени за востание да подигнат.

Значи семејството Кареви има долга историја во револуционерната борба за Македонија?

Перо Карев: Да.

Споменот за вашиот дедо, Никола Карев се чува со генерации, со децении наназад?

Перо Карев: Со децении наназад се чува. И маршалот на Југославија дојде во 1969 година, во очи на Илинден,не беше споменикот тука правен, положи цвеќе кај споменикот кај што бевме прееска.

Кај другиот споменик кој е малку подолу од овој комплекс?

Перо Карев: Да, тогаш тој беше направен, а овој споменик не беше направен. Маршалот на Југославија почит даде на големото дело на Никола Карев.

Она што го кажав претходно е дека точно пред 70 години тука во Крушево се донесени останките во далечната 1953 година. Вие точно се сеќавате како беа донесени останките тука во Крушево?

Трајко Карев: Се сеќавам одлично, останките на претседателот на Крушевската Република се донесени од село Рајчани, пречекани со музика и саркофагот на кој беше пишано: Овде се посмртните останки на претседателот на Крушевската Република. Го носеа четворица Илинденци, можам и да го посочам кои се, Коле Шапрдан, Ташко Борјан, Глигор Пандишикла и другиот не знам кој беше.

Тие беа живи Илинденци?

Трајко Карев: Тие беа живи Илинденци, тие го донесоа саркофагот пречекан со музика, а градот беше предвреме припреман кој ќе даде 2 килограми граф, кој ориз, кој други мирудии за гостите кога ќе дојдат да бидат пречекани со јадење кај монополот. Ги донесоа коските, кај музејот долу во центарот на Крушево во 1953 година. Ги зеде најстарата сестра на Никола Карев, Тана, зеде казан со топла вода и сапун и прво ја зеде главата негова. Тука имаше и полиција и други гости дојдени од секаде, а најстариот брат имаше земено 2 кутии локум и раздаваше за душа на братот. Ја зеде главата прво за да ја мие со сапун, но таа му беше некако сумлива на најстариот брат.

  • Тано мори, што правиш ова не е брат ми!
  • Како Петруш, брат ми е ова.
  • Не, не е брат ми, брат ми имаше мало главче и симпатичен беше.

И стана една ко депресија помеѓу луѓето, коските повторно се спаковаа, се вратија назад. Се појавува еден пензионер, чичко Тозо. Јас знам каде е закопан Никола Карев, рече тој. Одат таму и го откопуваат. Ги носат повторно коските тука, повторно истата сестра, во истиот музеј, пред врата казанот ставен, сапун и ја зема главата за да ја мие. Најстариот брат Петруш Карев рече дека тоа е брат му. Исто и раката, подебела коската поради зорламата што ја имал, бидејќи бил ученик на Васил Главинов во Софија, а тој имал дрводелска работилница. Од бичењето на штици му фатила раката зорлама, подебела во лактото. Затоа е сликан како војводата така, бидејќи не можел да ја исправи раката.

Значи по коските од раката го познаа дека е Никола Карев?

Трајко Карев: Да да, и по главата.

Бил ученик на Васил Главинов, социјалист во Организацијата?

Трајко Карев: Да, социјалист во револуцијата, а имал столарска работилница во Софија.

Како течело востанието тука, како се одвивало, што се случувало после востанието тука, што ви раскажуваа вашите дедовци, вашиот татко?

Перо Карев: После востанието имало јака организација, што повеќе да се соберат искрени луѓе. Да ви кажам и за архивата.

Архивата од Илинденското востание, целата документација?

Перо Карев: Да, документацијата ја скриле од Турците кај летовалиштето сега, кај некоја бука. Направиле нишан таму. Под притисок од Бугарите ја земаат, или да ја дадете или ќе ве поништиме!

На кого му се закануваат Бугарите?

Перо Карев: На Никола Карев.

Значи практично Никола Карев бил приморан архивата од Илинденското востание да ја однесе во Софија?

Трајко Карев: Да, инаку ќе беше поништен. Зел најстариот брат коњ, со самарот ја пратил архивата и ја носат до Софија, ја предаваат таму, која се наоѓа и ден денес во Софија. И така е ослободен таму Никола Карев, инаку ќе бил поништен.

Ова е според кажувањата на фамилијата?

Трајко Карев: На најстариот брат, ова точно го има кажано.

Тоа е вашиот дедо?

Трајко Карев: Да, јас седев со него, 7 години спиев со него бидејќи сум сирак оставен од 7-8 години.

Кажете ми како ние денес како држава и како народ го чуваме споменот на Илинденците, особено на вашиот дедо, великанот Никола Карев?

Трајко Карев: Секогаш сме присутни по повод загинувањето и по повод денешниот празник Илинден, секогаш земаме цвеќе, се собираме целата фамилија и му оддаваме почит тука кај спомеников, каде што се закопани моштите на Никола Карев.

Дали државата, народот достојно го почитува делото на Илинденците, го продолжуваат тој сон?

Перо Карев: Народот достојно го почитува Илинденското востание, не канат на 27 април кога е убиен дедо Никола, одиме таму, положуваме цвеќе и даваме изјави кај споменикот во Рајчани.
Денеска имаме некакви обиди за земање како нивно од нашите соседи, односно на соседна Бугарија. Кој е вашиот коментар како потомци на Никола Карев? За што се бореле Илинденците, за Бугарија или за Македонија, што кажуваат вашите спомени, дедовци, татковци?

Трајко Карев: Илинденците, посебно Никола Карев кажувал, ние ќе се ослободиме од Турците, но не знаеме после кој ќе не‘ зароби? Немало ниту еден присутен Бугарин за време на Илинденското востание, тука било Крушево слободно 10 дена, учествувале селани од селава за востанието, нема Бугари ниту еден тука да учествува во Илинденското востание. Сето е од по селава собрано, собирано оружје, земање пари, мито за земање на оружје.

Значи се бореле за Македонија, не за Бугарија?

Трајко Карев: Само за Македонија, самостојна да биде Македонија, за оваа денешна слобода што ја имаме. Бугарија нема никаква врска овде со Илинденското востание, гарантирам со глава, Бурарин ниту еден немало овде да учествува, имало Турци, Власи, но Бугари ниту еден.

Што денес чувате од вашиот дедо, документи или нешто друго од него?

Трајко Карев: Од него скоро ништо немаме останато, само спомените што ни ги кажуваше секој втор ден, трет ден, како било востанието, кај бил штабот на Крушевската Република, а нашата фамилија има дадено 8 жртви за оваа слобода денешна што ја имаме.

Која е пораката до младите, до идните генерации?

Трајко Карев: Пораката е да остани истово како сега што го прославуваме, полагаме цвеќе и се поклонуваме на нашиот дедо Никола Карев, по повод загинувањето и на 2 август, секоја година на Илинден.

Вашата порака до идните генерации на Македонија?

Перо Карев: Нашата порака, дедото ни остави порака секоја година да учествуваме тука, да полагаме цвеќе и да се бориме за иднината на нашата држава, за Македонија.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи