ВИДЕО – Бранителите: 22 години ниту една партија не го реши случајот „Карпалак“, ниту пак проблемите на бранителите


Со оддавање на почит и полагање на свежо цвеќе пред споменикот кој се наоѓа во кругот на касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп, попладнево започна одбележувањето на 22-годишнината од загинувањето на 10 прилепски бранители кај месноста „Карпалак“. Бранителите се револтирани што и по повеќе од 2 децении никој не покрена истрага и откри кој и како го изврши овој терористички чин, а останаа нерешени и голем број други барања на бранителите.

„И уште 220 години да поминат со овој политички систем нема да се решат отворените прашања како за бранителите кои загинаа, така и за преживеаните. Ниту еден државен орган, ниту една политичка партија не си зеде за одговорност да покрене истрага за сомнителната смрт на резервистите кои ги дадоа своите животи за одбрана на нашата таковина. Од ова места сакам да им укажам на политичките субјекти дека бранителите не се повеќе бројка за нивните изборни кампањи. Слава на хероите, никогаш да не се повтори“, истакна Игор Петрески, претседател на здружението „Карпалак“.

Пред спомен обележјето освен здруженијата на бранителите се поклонија и семејствата на загинатите, делегации на АРМ, Владата, Општина Прилеп, како членовите на Општинската организација на Сојузот на борците од НОАВМ 1941-1945 и граѓаните продолжувачи – Прилеп.

„Тагата и болката остануваат, особено кај најблиските, но останува и гордоста што беа дел од нашата единица, наши сограѓани, ваши синови, сопрузи и татковци. Останува обврската, наша и на идните поколенија и генерации, споменот да го чуваме, да се сеќаваме на 2001-та и никогаш да не дозволиме да се повтори“, рече потполковник Славчо Кузманоски, командантот на прилепскиот гарнизон, потполковник.

Утре ќе биде оддадена почит и пред споменикот во центарот на градот, а делегации ќе ја посетат и месноста „Карпалак“ на патот Скопје-Тетово.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи