На 8 август 2023 година од 20.00 ч. на платото пред ЦК „Марко Цепенков“ целовечерен концерт ќе одржи КУД „Дримкол“ од Вевчани.
Податоци за КУД „Дримкол“
Уметноста која ја создаваме не води кон иднината, со неа растеме, се оформуваме и учиме, а сето тоа го работиме со огромна љубов и посветеност. Генерациите поминати се само доказ за квалитетот и сериозниот пристап на здружението – Културно уметничко друштво „Дримкол“ со кое растеме ние и нашиот менталитет, нашата иднина – децата, кои од најмлади започнуваат, а веќе како оформени благородно ја шират традицијата на следните генерации кои не градат нас како личности за гордо да ја претставуваме нашата држава и да постанеме незаменлив дел од неа. Нашата љубов е огромна, за сите нас, луѓето, уметноста е незаменлива и апсолутно потребна и корисна за градење на светла иднина која започнала од пред многу години и ќе трае за многу години, засекогаш ќе биде незаменлив дел од Вевчанците, и сите Македонци кои некогаш твореле, а нивниот дух сеуште до денес живее во нас, и толку силно го чувствуваме, што наша задача е да го негуваме, и никогаш да не го заборавиме. Нема да го заборавиме, бидејќи ние постоиме, а тој постои во нас. Ние го негуваме, оформуваме и горди го претставуваме, она што произлегло од пред нас и е дел од нас, она нашето, традиционалното, Македонското, Вевчанското! Театарските претстави на учителите во Вевчани, поезијата на легендарни Вевчански поети, песните и ората на училишните и младинските фолклорни групи, звуците на музичките состави, актерската игра на актерите од Патувачкиот театар, хорските изведби на училишниот хор и оркестар, пејсажите на Вевчанските сликари… се доказ дека културата и уметноста во Вевчани биле составен дел од живеењето и не само тоа туку и пример како истото треба да се прави. Токму по таквиот урнек и како продолжение на таа вековна традиција која води корени уште од 1947 година на полето на културата, настанува и Здружението – КУД „Дримкол“ од Вевчани кое со своето долгогодишно постоење има оставено свој белег во македонската историја на традиционални уметнички вредности.
Денес КУД „Дримкол“ е сериозна културна институција која ја негува, развива, и промовира народна култура во нашата држва и надвор од неа. Во рамките на ова здружение членуваат 150 активни членови кои се распоредени во неколку уметнички целини и тоа: Фолклорниот ансамбал „Дримкол“ , Патувачкиот театар „Поклони се и падни“ , Пејачката група „Каданка“, Оркестарот на народни инструменти. Како национално богатство на Република Македонија, ова Вевчнаско здружение се афирмира себеси и ја афирмира нашата држава онака како што доликува: квалитетно и достоинствено, а како доказ за тоа се и освоените награди, дипломи и признанија на бројните домашни и меѓународни фестивали.
Концертот е во рамките на програмските активности на Центарот за 2023 година.