Најпрвин се роди како секавична искра во мислите на Љубен Димкароски Димкар, македонец, наш прилепчанец, кој многу години живееше во Љубљана, за таа да пламне и кај група вљубеници во пишаниот збор, за да се направи една поетска манифестација на отворено. А каде ако не на Марковите Кули, на местото наречено Трон во близина на грандиозната карпа Слон, од каде како на дланка се гледа нашиот Прилеп.И така се роди една нова поетска манифестација која прв пат се одржа во 2007 – та година, на 11-ти Август, во втората сабота во месецот. На неа своите поетски изблици ги споделија 25 поети, меѓу кои имаше и нови, неафирмирани, но и веќе афирмирани автори кои им ја дадоа својата поддршка на првите, зашто само така, како еден природен спој, како едно цело, може да живее и да се развива нешто што е штотуку родено. Така започна првиот чекор кон една успешна поетска приказна која полека, но сигурно го освојува поетското небо не само над Македонија, туку и на поширокиот регион и светот.
И така, година по година, повторно во втората сабота на месец Август 2023 година, по шеснаесетти пат ќе се соберат поети од различни градови и земји, ќе се градат мостови на пријателство, ќе им се даде можност на младите и неафирмирани поети да го кренат својот глас и заедно со веќе афирмираните поети да ги споделат со јавноста своите интимни исповеди. Без награди и наградувани, оваа манифестација од ревијален карактер веќе прерасна во грандиозен настан, препознатлив бренд во поетската и воопшто литературната јавност.
На ова шеснаесетто издание на Поетско Маркукуле ќе има рекоден број на учесници, 220 на број, кои испратија свои авторски песни кои се дел од зборникот „ ПОЕТСКО МАРКУКУЛЕ 2023“. На 268-те страници од овој зборник има 220 песни на поети од 14 земји, меѓу кои секако најбројни се поетите од Македонија и од Прилеп како домаќин на оваа традиционална меѓународна поетска манифестација.Авторите се поделени во три категории и тоа: Домашни автори, Странски и автори од дијаспората и Млади автори до 18 години. Во првата категорија зедоа учество 162 автори, во втората 38 автори, а во третата 20 млади автори. Од странските земји ќе ги споменеме: Србија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Австрија, Австралија, Германија, Бугарија, Турција, Ерменија, Полска, Украина и Канада.
На настанот кој ќе се одржи на 12-ти Август со почеток во 18.00 часот на Камената бина во центарот на Прилеп, се очекува да присуствуваат околу 150 учесници и гости. Што се однесува на странските автори, своето присуство го потврдија најмалку 13 учесници.
Клубот на литературни творци Прилеп организацијата на Поетско Маркукуле ја презеде во 2019 година, после откажувањето од страна на дотогашниот организатор ЈОУ Градска библиотека Борка Талески.
Оваа година покровители се Општина Прилеп, Министерството за култура на РМ, Магрони доо Скопје, ПИ Витаминка Прилеп и др.