ВИДЕО – Пензионерите бараат прво линеарно зголемување за 3.500 денари, а потоа да се разговара за минимална пензија


На денешниот протест прилепските пензионери порачаа дека нема да го чекаат Министерството за труд туку сами ќе си поднесат барање до Уставниот суд дали може пензиите да се покачуваат линеарно. Веќе биле во преговори со експерти и Универзитетски професори за оваа проблематика. Револтирани се и на изјавите на претседателката на Сојузот на пензионерски здруженија, Станка Трајкова, која тврдела дека нема добиено никакво барање од пензионерите. Бараат прво линеарно зголемување за 3.500 денари, а потоа да се разговара за минимална пензија.

„Ние сме во преговори со адвокати и еминентни универзитетски професори да разговараме и ние не сакаме тие да ни поднесуваат барање, ние сами ќе си поднесиме баање ако имаме право. Претседателката наша упорно тврди дека не добила барања од нас пензионерите. Тогаш ја прашуваме како таа ќе работи и ќе формира комисија ако нема барања? Значи со тоа таа не навредува и не омаловажува. Министерката пак излезе со став ќе видиме од 6 до7%. Верувајте не се нафаќаме на тоа и не прво минимланата пензија да ни ја утврдуваат туку прво линеарно зголемување за секој еден пензионер по 3.500 денари за пензијата од септември“, вели Верче Јанческа, пензионер.

За прв пат откако се одржуваат протестите пред пензионерите излезе и претседателот на Здружението на пензионери на Прилеп, Славко Трајкоски кој рече дека не ги поддржува овие протести затоа што не биле во согласност на Здружението, но ги поддржувал барањата за зголемување на пензиите, како што кажа, согласно законот.

„Во целост ги поддржуваме ниските пензии. Треба да се утврди најминимална пензија. Минимална пензија како што има минимална плата. Ако скокни минималната плата ќе треба и минималната пензија. Друго се треба да биде во согласност со законотр. Ако луѓето мислат дека треба да биде линеарно и ако тоа го дава законот, нека биде линеарно. Но се да биде согласно законот, затоа што ако не е според законот некој ќе се пожала и ќе го изгубиме тоа што сме го добиле. И кој е крив тогаш? Па ќе бараме виновници. Јас секој ден се среќавам со пензионери со многу ниски примања. Сум бил и во социјално да барам пари за нив за да му дадат еднократна помош и понатаму ќе се грижиме за нив. А инаку овие протести се направени самоволно не е во согласност со нас, нас никој не не прашал“, изјави Славко Трајкоски, претседател на Здружение на пензионери на Прилеп.

Прилепските пензионери кои протестираа побараа негова оставка и најавија уште порадикални протести.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи