Утре, 18 август, во 19 часот во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп свечено ќе биде отворена ретроспективната изложба на документарни фотографии изработени од претставниците на реномираната Либеречка школа за фотографија – LŠF од Чешка.
Оваа изложба воедно ќе биде и завршниот настан за годинашната меѓународна уметничка колонија на центарот за уметност и одржлив развој АРТ ПОИНТ – ГУМНО од с. Слоештица, Демир Хисар, кој годинава го одбележува 20 годишното постоење со единствен наслов:„Убавина уловена пред да исчезне“.
Соработката со Либеречката школа за фотографија – LŠF од Чешка е меѓу позначајните меѓународни соработки што АРТ ПОИНТ – ГУМНО ги реализира во изминативе 20 години. Професорите и одбрани студенти од оваа школа, до сега, во два наврати реализираа престој во креативниот центар во Слоештица:
- Во 2018 година, 9 фотографи работеа на илустрација на песната „Можев да ти бидам“ (Пофалба на Демир Хисар) од Петре М. Андреевски, и
- Во 2021 година, 5-мина претставници на школата работеа на тема: „ВЕЗИЛКА“, во чест на 100-годишнината од раѓањето на великанот Блаже Конески
Годинава, во фокусот на 9-мината чешки фотографи е македонското село.
Групата што гостува во Слоештица во периодот од 8-20 август, крстосува низ селата од горно-демирхисарскиот регион и преку своите фотографии ја раскажува приказната за неисцрпното природно и културно богатство што, за жал, исчезнува.
Во просторот на прилепската библиотека, публиката ќе има можност да види 17 фотографии на коишто буквално е отсликано секојдневието на демирхисарските села.
На изложбата ќе биде изложено и едно платно: „Фотографот од Либерец“ што Сергеј Андреевски го наслика во чест на фотографите од Либерец.
Поставката што се реализира во соработка со библиотеката „Борка Талески“, Прилеп ќе биде отворена до 31 август.
Престојот на Чешките фотографи во Слоештица е поддржан од македонското Министерство за култура, а нивното патување е овозможено од ЕУ во рамките на програмата Креативна Европа „Културата ја движи Европа“.
Годинава, чешката фотографска бригада работи на неколку теми: Професорот Шимон Пикоус ја илустрира „Земјата на медот“, професорката Јана Хунтерова портретира стари жени коишто осамени ги палат огништата на дрвените шпорети, а воедно ни ги открива тајните скриени во старите распаднати куќи-музеи; студентите, на гобленот ќе довезат приказни за тутунот и тутунарите; за веленцата и валајците; за ќумурот и ќумурџиите, за козите и нивните стопани; за најмалата библиотека со огромен фонд на книги; за ергените што копнеат за топла, семејна прегратка; за оригиналните ликови што станале бренд на селото и на регионот, како и за храбрите демирхисарски пожарникари коишто, иако, како и сите пожарникари кај нас, се ставени на маргините на општеството, работат со ентузијазам, како да се поставени на пиедестал.
Во периодот што следува, АРТ ПОИНТ – ГУМНО планира одделни промоции на секоја од овие фото-стории.