И покрај големите ветувања и очекувања и овој септември Прилеп нема да добие нова детска градинка. Градинката во населбата Точила која што веќе подолг период е изградена се уште нема да биде ставена во функција поради недостатоци кои требало да ги отсрани изведувачот. Градинката која има капацитет да смести 250 дечиња требаше да биде пуштена уште во 2021-ва. Останува нејасно зошто толку се чека на санирање на работите кога недостатоците се одамна утврдени. На последната средба пред неколку денови изведувачот рекол ќе ги отстрани недостатоците до средината на септември.
„На почеток спротивно на правилникот за стандарди и нормативи за детски градинки штекерите беа направени на помала висина од колку што е пчредвидено. Исто така нема поставено паравани во тоалетите за деца, во кујната исто така има некои недостатоци, не се поставени преградни ѕидови, потоа во пералната и сушарата не е решен проблемот со одводот на водата која би се собирала итн…“, изјави Христина Трпческа, в.д. директор на градинки „Наша Иднина“ Прилеп.
Откако се ќе биде во ред и ќе се направи технички прием на објектот, Министерството за труд треба да издаде решение за употреба на објектот, а потоа Советот на Општина Прилеп треба сопственоста на овој објект да ја пренесе на градинките „Наша Иднина“. И како краен чекор Министерството за финансии треба да одобри вработување на 40-тина лица кои се потребни за да овој објект функционира. До тогаш над 400 дечиња во Прилеп остануваат на листа на чекање. Што е премногу. За да се амортизира притисокот ќе се барало дозвола за зголемување на групите во постоечките градинки.
„Се донесе одлука за прием на поголем број на деца во групите и таа одлука е доставена до Советот на Општина Прилеп. Доколку таа биде усвоена на седницата на Совет на Општина Прилеп, ние од септември 2023 година ќе имаме запишано над 1.300 деца. Проектираниот капацитет на нашата институција е 1.020 деца, но сите сме свесни дека потребите се огромни дека многу родители и и нивните деца се подолго време на листа на чекање и затоа треба да им излеземе во пресрет на поголем број наши сограѓани. Нашата листа на чекање во овој период е над 400 деца“, додаде Трпческа.
Кога ќе профункционира градинката во Точила не се знае. А освен неа се ветуваше изградба и на нова градинка во населбата Кузман 2, како и пренемена на дел од ООУ „Кочо Рацин“ во ваков простор, но за ова засега нема ниту збор. Прилепските деца засега ќе си почекаат.