Ако сакате некоја работа да нема успешен крај, тогаш повикајте ги Пендаровски, Ковачевски, Маричиќ, Османи и останатите да испратат пораки. Тогаш сигурно таа работа нема да има успешен крај, истакна денеска во Прилеп, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Па така и во овој случај, ќе ве потсетам исто така дека СДСМ во 2002 година ветуваа, па во 2017 онаа слика од авиончето дека ги почнуваме преговорите и секогаш нивната главна тема се европските интеграции и Македонија само што не станала членка на ЕУ.
Исто така ќе ве потсетам и на онаа лажлива кампања со билборди за европско здравство, за европско образование, а прошетајте низ болниците во Македонија и ќе забележите дека луѓето за жал умираат по ходници затоа што не ја добиваат негата која треба да ја добијат.
Така што овие луѓе се полни со манипулации, невистини и лаги, тие не се борат ниту Македонија да влезе во ЕУ, ниту пак имаат план. Тие се виновници кои го уништија процесот Македонија да биде дел од ЕУ, со тоа што прифатија нешто што никој нормален во оваа држава не го прифаќа.
Така што ако сакаме навистина да ја придвижиме Македонија кон ЕУ, прво што треба е час поскоро овие да заминат. Колку побрзо овие заминат, толку побрзо Македонија ќе ја придвижиме кон ЕУ.
Тие се борат само за ден повеќе, тие се борат за тендер повеќе, тие се борат за повеќе украдени народни пари, тие не се борат, ниту пак имаат интерес Македонија да ја видат во рамките на ЕУ, затоа што таму политички измамници и политички криминалци од нивниот ков нема“, рече Мицкоски.