Иако годинава тутунот е со одличен квалитет и е засаден на поголеми површини за разлика од лани, според првичните проценки количните годинава ќе бидат од 30 до 40% помалку од минатата година, поради временските услови и непогоди. Според тутунарите годинава ќе има вистинска борба помеѓу откупувачите кој да откупи повеќе тутун, а поради тоа тие се надеваат и зголемување на откупната цена.
„Во секој случај ние уште пролетоска, пред да се насади тутунот баравме и ќе стоиме до крај на тоа да се покачи цената, не само за оваа година затоа што е помалку тутун, туку и за наредна година за да можат тутунопроизводителите и покрај малата количина годинава да преживеат. Со тие пари ако не се покачи ќе биде катастрофално, да може за в година да се стартува, да се има стимул да се сади и да може овој тутун да остане на нашите ниви. Да се покачи тутунот према инфлацијата, према покачувањата на сите репроматеријали и на животниот стандард, така да оди ретроактивно и покачувањето на тутунот за да може да биде исплатлив и да може да се работи“, вели Менде Стомнароски, претседател на Сојуз на земјоделски здруженија.
Дел од земјоделците бараат и помош од државата во копање на бушотини за наводнување, затоа што велат дека тоа е неопходно за да тутунот биде исплатлив во време на климатски промени и немањето на хидросистем во поголемиот дел од полето во прилепско.
„На пример од 15 декари имав 3.5 тони, годинава нема ни тон и пол да имам тутун. Немаме вода, прво тоа е битно, да имаме вода ќе има поголемо производство за тутун. Треба да има вода, да може државата да почне на земјоделиево бушотини да овозможи, бидејќи тутунот вака нема да успее. Младите не сакаат и нема да го работат тутунот“, рече Драге Касниоски, тутунопроизводител од с. Големо Коњари.
Откупувачите годинава според договорите бараат 26.600 тони на тутун. Лани имаше 21.000 тони, годинава се очекува од 30 до 40% помалку од овие количини. Колку ќе тежи годинешната реколта ќе се знае за брзо.