Пензионерите од цела Македонија масовно се организираат за утрешниот голем протест кој што на Светскиот ден на пензионерите ќе се одржи пред Влада во Скопје. Прилепските пензионери велат дека никој нема да отстапи од нивните главни барања, линеарно покачување од 3.500 денари за секој пензионер и промена на методологијага за понатамошна пресметка на пензијата.
„Сите додека работиме придонесуваме и за тоа имаме различен почеток на пензија, потоа зголемувањето треба да биде линеарно, бидејќи повеќе никој ништо не придонесуваме од пензионерите за да тие земаат проценти“, вели Верче Јанческа, пензионер.
„Понатаму да биде сето покачување линеарно за сите исто, не на некој проценти да му се дадат да земи 5.000 денари разлика, а јас да земам 500 денари“, додаде Милан Пирганоски, пензионер.
Упатија апел до сите пензионери масовно да излезат на протестот за да добијат примања за каков таков пристоен живот. Но упатија и апел до власта доколку не и исполни нивните барања.
„Значи ние немаме орудие враце, немаме пушки ниту пиштоли, немаме ни ножеви, но имаме еден многу убав и јак аргумент, нашиот глас кој одлучува кој ќе седни на тие фотељи таму во влада“, додаде Јанческа.
„Што помасовно да дојдат и апел да издржат, да истраеме во борбата што ја водиме со нашиве неразбрани челници“, вели Билјана Шекероска, пензионер.
Крајно се револтирани на Здружението на Прилеп од каде не им платиле ниту еден автобус за Скопје иако пензионерите побарале дури и да партиципираат во одреден дел од картите. Сега ќе одат со 3 автобуси кој што им ги обезбедила локалната самоуправа, а еден автобус кој што ќе го закупат со сопствени средства.
„Мислам дека ова не наликува на Здружение на пензионери, ова е тендер здружение. Кога бевме вчера таму истиот збор му го повторив, им кажавме дека и ние ќе си платиме по 200 денари ако треба, но изгледа не им сме симпатични ние“, кажа Александар Спиркоски, пензионер.
Попладнево во Прилеп ќе се одржи уште еден протест на плоштадот Александрија каде ќе бидат упатени последните пораки пред утрешниот собир во Скопје.