Министерот за економија Крешник Бектеши ги објави групите на 25 производи кои поевтинуваат со „гарантирана цена“ по објавувањето на одлуката донесена на денешната владина седница во Службен весник.
Оваа одлука ќе важи за сите производи, без разлика дали се домашни или странски, односно важи за сите што се на македонскиот пазар. Бектеши рече дека Македонија не е единствена земја во ЕУ која замрзнува цени, додавајќи дека очекува во наредните месеци да има намалување на инфлацијата во делот на храната за над 4 отсто.
„Дополнително на маркетите ќе им се дозволи да прават акции со пониски цени од оние пропишани со новата одлука, плус обврска ако во случај прават намалување на производи, поради истек на рокот, тоа да биде посебно означено. Во вторник ќе се зголемат и ингеренциите на ДПИ, а ако некој се жали на одлуката, има други надлежни органи. ДПИ може да постапува во зависност од сторениот прекршок, но мислам дека трговците ќе ја почитуваат одлуката во 99 отсто од случаите. Доколку граѓаните забележат прекршување, веднаш треба да го известат ДПИ, а ако се забележи дека пазарните инспектори не излегле на терен, ние како Влада ќе преземеме мерки кон ДПИ“, истакна Бектеши.
Листата на производи е следна:
- Ориз бел во пакување од 900 грама до еден килограм
- Брашно пченично тип 400 и тип 500
- Бел и полубел леб векна индустриски тип 450 грама цел и на парчиња со исклучок на свежо печен леб во маркетите
- Други пекарски производи.
- Бисквити петит бер и бисквити обични и посни од 300 до 500 грама
- Наполитанки со фил од какао крем (обични, непреливни) од 300 до 500 грама
- Тестенини (макарони и шпагети од тврда пченица обични) без и со јајца од 500 грама
- Јунешко месо без коски од бут или некој друг дел
- Свинско месо без коски од бут или некој друг дел
- Мелено месо свинско и јунешко
- Пиле свежо или замрзнато (цело)
- Пилешки стек свеж или замрзнат
- Чаен колбас (јунешки свински говедски) без додатоци и без слајс пакување…
- Пилешка посебна салама (без слајс пакување)
- Паштета од џигер и пилешка, без додатоци во пакување од 95 и 100 грама
- Трајно кравјо млеко, без органско и со додатоци, со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 од 1 литар
- Јогурт од кравјо млеко обичен, без додатоци, со масленост од 2,8 до 3,2 отсто од 1 и 1,5 л.
- Кисело кравјо млеко, обично без додатоци, со масленост од 2,8 и 3,2 , пакување од 300 до 500 грама
- Павлака од кравјо млеко со масленост од 12 до 20 отсто во пакување од 180 до 200 грама
- Традицуионално кравјо бело сирење и мешано бело сирење без додатоци,
- Традиционален кравји и мешан кашкавал без додатоци
- Свежи јајца од кокошка
Министерот нагласи дека не станува збор за постојните цени кои треба да се намалат, туку за цените кои биле во супермаркетите на 1 август и тие цени дополнително треба да бидат намалени за 10 отсто. Тоа, според него за одделни производи може да значи намалување и до 30-40 отсто.
„Може цените од 1 август до денес да се зголемиле и 100 отсто, но тоа за нас е неважечко, тоа е нула за нас. Што значи дека ние намалувањето ќе го примениме од минимум 10 отсто од она ниво што било на 1 август како референтна цена. Тоа во пракса значи дека намалувањето на цените на производите што ги наведов може да биде и повеќе од 30-40 отсто во однос на сегашните, доколку од 1 август имало толкаво зголемување“, рече Бектеши.
Појасни дека продолжуваат преговорите со производителите и дистрибутерите на безалкохолни пијалоци, за намалување на цените и на овие производи.