Денес навршуваат 81 година од смртта на македонските борци за слобода, народните херои Добре Јованоски и Рампо Левката.
Градоначалникот Борче Јовчески заедно со претседателот на Совет, Дејан Проданоски и претставници на Советот на Oпштина Прилеп како и претставници на Сојузот на борци- Прилеп, денес положувајќи свежо цвеќе пред бистите на народните херои Рампо Левката и Добре Јованоски и пред споменикот во Дабница, оддадоа почит на делото на 19 прилепчани, борци кои беспоштедно се вложиле за слободата на македонската држава, а биле убиени од страна на бугарскиот фашистички окупатор кај селото Дабница на 19 септември 1942 година.
Исто така, двете основни училишта кои ги носат имињата на народните херои Рампо Левката и Добре Јованоски денес со пригодна програма ги одбележаа своите патрони празници.
„Сакам да изразам поддршка до раководствата на училиштата за се она што го спроведоа во текот на изминатата учебна година како и сега за време на летниот распуст, се со цел сите вие тука да имате подобри услови за работа и за учење и во иднина заедно да продолжиме да го унапредуваме воспитно образовниот процес и условите во установата во која што поминувате голем дел од денот. Ве уверувам дека поддршката од Локалната самоуправа ќе продолжи и понатаму.“ – истакна градоначалникот Јовчески во своето обраќање.
Жртвата која шта ја дале за слободата на Република Македонија сите наши народни херои мораме да ја почитуваме, да ја празнуваме и да ја одбележуваме, за да се потсетуваме секогаш дека Македонија е наш аманет и мораме сите да се грижиме за нашата татковина, да ја чуваме и безусловно да ја сакаме. Нека им е вечна славата на народните херои Добре Јованоски и Рампо Левката!