Железничката линија Битола-Скопје е во прекин неколку денови затоа што поради серија на пожари кои се случија во саботата во Пелагонија изгорени се околу 1.000 железнички прагови. Најголеми оштетувања има на делницата од селото Гостиражни до селото Слепче, а штети на праговите има и во околината на селото Тројкрсти. Од Македонски железници велат дека ова е најголема загуба на железнички прагови што некогаш се случило во Македонија поради пожар. Ќе се обиделе да ја приспособат линијата за сообраќај до крајот на неделата, но штетите за претпријатието биле огромни.
„Праговите не се обични, тоа се импрегнирани прагови. Скапи се. Точно нме можам да кажам колкава е штетата, но имајќи во предвид дека има и застој во сообраќај, тука имаме загуба и во превоз на патници и работна сила што сега се ангажира, значи загубата е огромна“, истакна Никола Марков, помошник директор за сообраќај на ЈП МЖ за инфраструктура.
Овие прагови датираат уште од времето на Југославија. Екипите на Македонски железници денеска интензивно работеа на теренот.
Работниците на МЖ интензивно ги заменуваат праговите, а дел од нив се уште горат на потегот на селото Гостиражни, до селото Слепче, кадер се наоѓа најголемото уништување на праговите. Инаку од ТППЕ Прилеп велат дека од крајот на месец август па се до денес има константно огромни пожари во Општина Долнени, според нив најголемиот дел се подметнати.
Од полицијата велат дека во моментов немаат пријава за подметнување на пожари во Општина Долнени, ја испитувале целата ситуација. Инаку само денеска во Општина Долнени гореше на повеќе локации, каде беа опфатени, стрништа, но и предели со сува трева и ниска вегетација. Нов пожар се појави кај селото Слепче кој повторно и се заканува на пругата. Во септември од 130 интервенции на ТППЕ Прилеп на отворено, 80-тина од нив биле во долненско.
Инаку со оваа сутуација во моментов единствена функционална пруга во Македонија е делницата од Скопје до Гевгелија. Возовите за Куманово и Табановце, за Кочани и кон Кичево, веќе одамна не се во сообраќај.