На само 2 трки до крај на летната сезона или сезоната на ролерски натпреварите македонскиот репрезентативец во нордиско скијање, Ставре Јада е задоволен од постигнатото во текот на оваа летна сезона. Вели дека имал неколку добри трки, но и 2-3 лоши, каде едноставно, како што потенцира, не му одело се од рака. Му останувале уште 2 трки во Бугарија и Грција каде ќе го дадел максимумот.
„А веќе октомври месец е последниот месец каде се ќе се подготвувам на суво, ќе имам 20 дена подготовки во Белмекен (Бугарија) на 1.990 м.н.висина, а потоа ќе почнат ноември првите припреми на снег во Италија (Ливињо). Не би коментирал премногу пред зимската сезона, само сакам да напоменам дека летниот период добро тренирав, физички сум добро спремен така да продолжувам со исто темпо и зимата веќе сакам да дадам позначителни резултати“, вели Јада.
За прв пат ќе настапи на ТУР ДЕ СКИ, тоа е круг од 7 трки во 9 дена.
„Првите трки се Италија (Тоблах) 10км класичен стил, спринт 1.6км, и 25км пурсуит. Потоа во Швајцарскиот (Давос) трка спринт 1.5км и 15км слободен стил. И финалните 2 етапи се во Италија (Вал Ди Фиемме) инаку центар каде ќе се бидат трките на зимската олимпијада 2026 Милано, таму има 15км слободен стил и 10км масовен старт, тешка тура каде ке пробам да стигнам до финалните натпревари во Вал ди Фиеме. Секако не се само овие трки, почетокот на декември месец ќе заземам учество на 2/3 трки од европски ранг (Швајцарија, Австрија, Италија, Франција) и се надевам на далеку подобри резултати од оние во претходната сезона“, додаде Јада.