Овој месец од 01.09. до 28.09 на територија на Општина Прилеп и Општина Долнени ТППЕ Прилеп имала 180 интервенции на отворено, од кои само во Општина Долнени биле 120, односно 70% од интервенциите. Во изминатиов период од околу 48 часа активни биле повеќе пожари, а пожарникарите освен со нивно гаснење биле ангажирани и со обезбедување на повеќе црковни и манастирски комплекси во долненско.
„Неколку села се извлечени од жив оган во попладневни часови, во утрински часови. Месното население е само делумно вклучено во работата, да упатам и еден апел до Општината, сето работоспособно население кое што на територија на Општина Делнени се случува едноставно да му гори до нивните дворови, треба да се вклучи во нашата интервенција, бидејќи нашиот број е недоволен. Ние сме најголема територија во Македонија, околу 1.800 квадратни километри покрива ТППЕ Прилеп, вклучувајќи ја и општина Долнени. Значи убедливо најголема територија по површина, со шуми, со стрништа, со поле, со верски објекти, а капацитетот наш е 34 вработени професионални пожарникари и 12 сезонски ангажирани преку локална самоуправа и со доста стари возила. Со опрема се подобрувавме периодов, но ни се потребни дополнителни средства и опрема, возила, сѐ и сешто“, вели Христијан Мимороски, командир на ТППЕ Прилеп.
Момироски искажа и голема благодарност до ДЗС, кои цело време биле со нив на терен, потоа ЦУК преку кој што во изминатиов период се подигнувале одредени барања, преку градоначалникот на Општина Долнени, за вклучување на воздухопловни летала за гаснење на пожарите.
„Пожарот во Слепче е целосно изгаснат во текот на вчерашниот ден, исто беа ангажирани Ер трактори за пожарот во село Гостиражни, и тој пожар е изгаснат. За немилост ни се појави пожар над манастирот Св. Недела во Стровија, огнот беше едноставно на 50 метри до манастирот. Како што спомнав, изминатиот период заштитуваме манастири, цркви и села од пожари. Не ни се случи досега никаква катастрофа, ни по човачки животи, ниту пак изгорени објекти кои се од голема важност“, додаде Момироски.
Инаку според Законот за пожарникарство, на 1.500 жители треба да има по 1 пожарникар. Имајќи во предвид дека Општина Прилеп има околу 60.000 жители, треба да има околу 45 професионални пожарникари. Ако тука се вклучи и Општина Долнени, која има околу 13-14.000 по Закон треба ТППЕ Прилеп да има плус уште 9 пожарникари, што значи вкупно екипата треба да брои околу 55 пожарникари. Моментално има 46, бројка која е доволна за покривање на Општина Прилеп, но не и за други општини.