Веќе трет ден гори депонијата Алинци кај Прилеп. Пожарот бил пријавен во вторникот во 16.15 минути. Вработените во ЈКП „Комуналец“ и пожарникарите од ТППЕ Прилеп се бореле со огнената стихија цели 9 часови и успеале да го изгаснат огнот во 1 часот после полноќ. Утрово огнот повторно се разгорел, а надлежните претпоставуваат дека депонијата намерно се пали, а мотивите и сторителот засега не се познати.
„Сомнежот е бидејќи со самата локализација претходниот ден, пожарот избива на спротивната страна на материјал што е лесно запаллив. Претходно имавме состанок на кризниот штаб, во присуство на командирот на полициската станица побаравме поголемо присуство на полиција во оваа област“, истакна Рубин Абрашоски, директор на ЈКП „Комуналец“.
Од противпожарната бригада денеска интервенирале со 4 возила и 8 пожарникари. Пожарот на депонијата е локализиран, но тој се уште гори и не е целосна отстранета опасноста за негово повторно разгорување. Депонијата на која се таложи отпад уште од 1975 година се простира на 40 декари каде се напластени огромни колични на ѓубре.
„На депонијата едноставно се оди етапно, растргнување на целото ѓубриште и етапно гасење на површината која што гори на наталоженото ѓубриште. Има горлив материјал и со ова растргување, ние со самата локализација што му ја правиме на пожарот го пригушуваме и не му даваме негово проширување. Откако ќе се изгасни целосно пожарот со самата механизација и со самата вода, оди етапно на сипање со земја“, рече Христијан Момироски, командир на ТППЕ Прилеп.
Според надлежните се очекува депонијата да биде целосно изгаснета за неколку денови.