Во Прилеп поставени 2 вендинг машини за собирање на пластични шишиња и лименки

Ротари клубот Прилеп во соработка со своите партнери поставува 2 вендинг машини во маркетите „Футура“ во Прилеп. Едната вендинг машина е поставена во маркетот „Футура“ лоциран веднаш до „Шпаркасе Банка“, а втората е поставена во маркетот „Футура“ позади „Уредот“.

„Она што треба да се истакне е дека на овој начин селектирањето е со бенефиции, граѓаните со исфрлање на пластичен амбалажен отпад и со фрлање на лименки ќе добиваат зелени поени, а со зелени поени понатаму ќе може да пазаруваат во маркетите Футура, а понатаму и секаде каде што ќе има поставено такви машини. Нашата насоченост како клуб и понатаму ќе биде во делот на животната средина, од причина што тоа е прашање кое е исклучително актуелно и важно. Вендинг машините се со многу голем капацитет, околу 450.000 шишиња годишно за двете“, истакна Орде Ѓеорѓиески од Ротари клубот од Прилеп.

Машините ќе може да се користат со претходно превземање на апликација, која што ќе биде достапна на „Плејстор“ и „Еплстор“, преку која корисникот ќе ги собира зелените поени добиени со рециклирањето.

„Се пушта шише или лименка и се добива зелен поен, кој по неколку минути ќе дојде на личната апликација. За секое шише или лименка се добива по еден поен, а два поени имаат вредност од еден денар. Кога ќе се соберат на пример 200 поени, може да се подигне ваучер од 100 денари кој може да се искористи за попуст при пазарење во маркетите од „Футура“. Минимум се потребни 20 поени за подигање на ваучер за 10 денари попуст, кој мора да се искористи во наредните 24 часа од подигањето. Поените може да се собираат преку целата година и нема лимит“, истакна Ико Брдароски од Пакомак.

Во двете машини ќе може да се рециклираат исклучиво пластични шишиња и лименки, односно амбалажа од пијалоци, додека шишиња од јогурт, други млечни производи, како и хемиски препарати машините нема да примаат. Секоја машина собира преку 500 шишиња и лименки, а кога машината е полна самата известува за тоа и ќе биде празнета од страна на вработените во маркетите. Амбалажата треба да биде целосна и да не е сплескана.

„Дополнително, разговаравме со градоначалникот, ќе треба да реализираме проект за ако некој граѓанин сака тие поени да ги донира за Општината за проекти кои ќе ги работиме заедно и кои ќе бидат меркливи и видливи за сите граѓани во Прилеп“, додаде Брдароски.

Моментално 28 вакви вендинг машини се поставени низ државава, а наредниот месец е планирано поставување на дополнителни 28.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи