Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) синоќа казни и стави клуч на врата на уште пет маркети во Кавадарци, Гостивар и Тетово кои не ја почитуваат одлуката на Владата за „гарантирана цена“.
„Во повеќе наврати напоменав дека секој мора да ги почитува законите и Одлуките на Владата. Исто така, нема да дозволам никој да ги манипулира и доведува во заблуда граѓаните – потрошувачите! Апелирам, до сите трговци, дека нема да има компромис ниту селекција во постапувањето на пазарниот инспекторат, кога е во прашање интересот на граѓаните!“, вели Трајковски во пораката објавена на Фејсбук.
Казните следуваат откако беа замрзнати и намалени цените на 24 категории прехранбени производи, како што се лебот, млекото, јогуртот, оризот, тестенините, месото, кашкавалот или сирењето. Од вчера на сила е и мерката за замрзнати цени на безалкохолни пијалаци и светло пиво.
Викендов пазарната инспекција ги затвори дел од маркетите на трговските синџири „Веро“ и „Вива фреш“ поради непочитување на владината Одлука за намалување на цените за 10 отсто.