Колку сте задоволни од односот кон наставниците?


Наставник или учител е личност која воспитува/образува ученици (деца). Улогата на наставникот во многу случаи е формална и еднолична, се изведува во училиште или друго место каде што се изведува формално воспитание.

Личноста која сака да стане наставник/учител мора прво да се стекне со специфицирани професионални компетенции, квалификации или акредитации од универзитет  т.е факултет.

Наставниците, како и останатите професионалци, го продолжуваат своето образование по стекнувањето квалификации (дипломирање), процес познат како постојан/перманентен професионален развој.

Да не заборавиме дека изградениот и професионалниот просветен работник секогаш треба да биде пример полн со одговорност, разбирање и посветеност кон работата.

За да му укаже нешто на својот ученик, тој треба да тргне од себе.  Онака како што ќе го прифатат неговите ученици (а преку нив родителите и пошироката јавност), такво име и дигнитет ќе го следат и во иднина.

Учителот треба да внимава на својата облека и своето однесување, бидејќи преку тоа им дава пример на своите ученици.

Тој треба да е уреден, педантен во училницата, но и надвор од неа, онака како што му доликува на неговата професија.

Оттука почнува и градењето на односот наставник – родител – ученик.

Наставникот на вашето дете е личност која поминува многу време со него, па затоа многу е важно да имате добар однос со него. Тој добар однос се заснова на некои основни вредности кои секој родител треба да ги разбере и да работи на подобрување на истите.

Еве што му треба на наставникот од вас и како тоа ќе му помогне на вашето дете:

Почитување

Кога ќе го земете вашето дете на училиште, немојте да бидете на мобилен и со свртен грб, целосно игнорирајќи ја наставничката. Покажете почит и основна култура со тоа што секогаш ќе го поздравите наставникот.

Покажете и на личноста која поминува часови со вашето дете дека ја цените.  Друга важна работа што покажува почит е да бидете сигурни дека вашето дете е во училиште на време. Детето кое што доцни го запира процесот во целото одделение и го нарушува нормалниот почеток на часот.

Доверба

Наставниците искрено ги ценат родителите кои навистина го слушаат нивното мислење и му веруваат на искуството и чувството на наставникот, особено кога станува збор за лоши работи.

Можеби мислите дека вашето дете никогаш не би удрило/навредило некого, но можеби тоа едноставно се случило.  Училницата претставува средина која е сосема различна од семејното опкружување, а наставниците се сведоци на однесувања кои родителите честопати не можат ни да ги видат.

Ако наставникот ви каже нешто изненадувачки за вашето дете, сфатете го сето тоа внимателно.  Сосема е погрешно да се изразува гнев кон наставникот и веднаш да се бара интервенција од други фактори.

Наставникот сака да работи заедно со вас за доброто на детето и вистинската работа е да му се заблагодариме за тоа.  На почетокот, некои работи што ги слушате за сопственото дете можат многу да ве вознемират, но всушност тоа е корисна информација која може многу да му помогне на детето.

Дури и ако не се согласувате со мислењето на наставникот, фокусирајте се да покажете доверба слушајќи смирено.

Ангажман/Вклученост

Иако изгледа очигледно, сепак е важно да се нагласи дека вклученоста на родителите во образованието на детето прави позитивни чуда.  Покрај тоа што децата на ангажираните родители обично не го нарушуваат часот, оваа родителска свест јасно му покажува на наставникот дека вие го поддржувате во воспитувањето/образованието на вашето дете.

Што подразбира вклученост на родителот?  Пред сè, мора да се осигурате дека детето ќе ги усвои домашните задачи како дневен приоритет во однос на другите обврски. Редовното завршување на домашната задача ќе му го олесни учењето и ќе му помогне што подобро да го совлада материјалот – што е цел на секој наставник.

Редовното присуство на родителски состаноци е исто така важен сегмент од ангажманот. Иако можеби дел од овие средби ви изгледаат здодевни, но само на наставничко-родителскиот состанок можете да дознаете што бараат наставниците, што има во планот и програмата и слично.

Комуникација

Комуникацијата со наставниците е многу важна, информациите за здравјето, среќата и напредокот на детето треба слободно да течат меѓу вас. Доколку нешто значајно се случува во семејството, наставникот треба да биде информиран за да знае какви промени да очекува кај детето.

Секако, не треба да чекате проблем или криза како повод за комуникација, сосема е во ред да ги споделите сите позитивни работи.  Преку информацијата дека вашето дете напредува на часовите во музичко училиште (или било кое друго училиште кое детето го посетува надвор од задолжителното), чита голема книга, развива нова вештина – може подобро да го запознае вашето малечко со наставникот и да му помогне да добие целосна слика за него.

 

 

Благодарност

Децата не можат да искажуваат благодарност на својот наставник секој ден, и сосема е во ред родителите да го прават тоа понекогаш.  Сите знаеме колку е заморна работата на наставникот.

Помогнете кога можете, оставете му/и порака за поддршка итн. На секој наставник му е мило што знае дека родителите го ценат трудот што тој го вложува во работата со децата.

Во пресрет на Меѓународниот ден на учителите – 5ти октомври да покажеме дека сите ние (наставниците и родителите) сме во улога на учители, затоа што нашите деца/ученици учат од нас секој ден.

Автор: М-р Гоце Бумбароски, наставник.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи